Драга Чен Маршал, секогаш сум се воодушевувал на твоето саботирање на музичката индустрија, на сценските настапи и на изливите на тага пред луѓето. И по првото слушање знаев дека I Don’t Blame You е за Курт Кобејн, иако требаше долго време и самата тоа да го признаеш.
Ова ќе ти го кажам, па макар и да полудиш и да го искинеш непратеното писмо – обожувам да слушам како Еди Ведер пее во позадината на песната Good Woman. И како Ворен Елис свири виолина во неа. Знам, знам, и без едниот и без другиот, таа сепак е прекрасна песна и само песната останува, соголена од сѐ и од сите, не ѝ требаат ни Лусиен Кар, ни Џек Кероак, Ален Гинсберг, а ни останатите паднати јунаци на Њујорк. Не ѝ треба ни Боб Дилан. Kill Your Idols, како што и кажа дека треба да се направи. Don’t be in love with the autograph, just be in love when ya scream that song (on and on)… јасно ми е.
Таа песна е самодоволна, како и сите други твои песни. Но и јас сум каков што сум, ме фасцинираат скриените детали. Од сосема различни причини од музичката индустрија. Имаш секакво право да ја презираш. А ги имаш и Dirty Three на своја страна. Заедно во повеќе прилики кренавте величествени бранови. Време е да ги фрлиме клучевите, оти сега веќе знаеме дека одредени прагови нема пак да ги преминуваме.