„Исцелителот“ замина во светлината

/, Звук, Блесок бр. 21/„Исцелителот“ замина во светлината

„Исцелителот“ замина во светлината

Џон Ли Хукер (1917 – 2001)

Џон Ли Хукер, блуз музичарот што го тркалаше своето валкано „буги“ со заносен ритам, беше и автор на дефинитивно најосаменичките и најсугестивните песни на 20-от век.

#2 „… Не постојат суперлативи да се опише длабокото влијание што го остави Џон Ли Хукер во нашите срца. Сите што барем еднаш во животот нè допрел ритамот од неговата музика, чувствуваме огромна благодарност, почит, восхит и љубов кон неговиот дух. Кога бев дете тој беше првиот што ме натера да пребирам по жиците. Хукер, Џими Рид и Лајтнин Хопкинс беа фундаментите за целата моја музика. Работата на неговите албуми “The Healer” и “Chill Out”, како и заедничкото искачување на сцената на неколкуте блуз фестивали, ќе бидат најскапоцените нешта што ќе ги чувам во себе!“ – ќе изјави гитаристот Карлос Сантана, непосредно по обелоденувањето на веста за смртта на 83-годишниот Хукер, една од најзначајните легенди на блузот и современата музика воопшто.
Сторијата, пак, за големиот Џон Ли Хукер – смртникот што не го дочека изгрејсонцето на 22-от ден од јуни годинава Господова и сонувајќи во сопствениот дом во Лос Алтос, Калифорнија – САД се престори во сноп светлина, ќе распостели грст белешки што чинат еден плоден и по многу нешта неверојатно возбудлив живот. Роден е на 17 август 1917 година на една од фармите за памук во близина на Кларксдејл, Мисисипи како едно од 11-те деца во семејството на локалниот свештеник. Госпел пеел во црквата каде што службувал татко му, а со блузот и она што подоцна тој ќе го нарекува „кантри буги“ се сретнал во домот на очувот Вилијам Мур, каде се збирале локалните блуз ѕверки и каде до безсознание се вртеле тогаш актуелните блуз плочи. Почнал да свири на некаков самоделски жичан инструмент за набрзо да премине на гитара. Од дома си заминува на 14-годишна возраст и желбата да стане професионален музичар почнува да ја обистинува со свирки по клубовите долж делтата на Мисисипи. „Бев млад и сигурен во себе. Затоа заминав ноќе, никој да не ме види. Бев убеден дека еден ден ќе успеам!“ – сеќавајќи се на своите почетоци ќе каже подоцна во едно свое интервју Хукер. Во Мемфис едно време ќе се плетка во тамошните кино сали и ќе настапува со блузери како Роберт Најтхок, на крајот на 1930 година ќе се најде во во Синсинати и ќе биде член на госпел група, а четири години подоцна ќе се отсели во Детроит каде дење ќе биде обичен работник во тамошните челичарници и фабрики за автомобили а ноќе музичар по клубовите.
#1 Првата плоча ќе ја сними 1948 година и кога песната “Boogie Chillen” ќе стане хит решава да ја напушти редовната работа и целосно да ѝ се посвети на кариерата на блуз музичар. Согласно, во текот на педесеттите како автор и изведувач Хукер ќе биде неверојатно плоден, меѓутоа заради ексклузивниот обврзувачки договор со издавачката куќа голем дел од снимките ќе потпише со своите псевдоними: Делта Џон, Џон Ли Букер, Бугимен, Тексас Слим, Бирминген Слим и неговата волшебна гитара… Та дури и покрај тоа што во клубовите ќе настапува со придружна група, честопати ќе снима соло држејќи си ритам со удирање на ногата по подот. Од тој период потпишани со неговото име ги бележиме класиците: “Crawling Kingsnake Blues”, “Hobo Blues”, “I’m in the Mood” (синглот што во 1951 година беше продаден во милион примероци), “Dimples”, “Boom Boom”… Следователно, ќе биде ексклузивец на “Chess Records”, потем на “Vee-Jay Records” од Чикаго и сите материјали ќе ги обнародува со комплетен пратечки состав.
Во почетокот на шеесеттите Хукер ќе ѝ се врати на акустичната форма, но само за кратко и набрзо со блуз-ривајвлот од обете страни на Атлантикот и нагласениот интерес на младите рокери за оваа музичка форма ќе го натераат повторно засилено да почне да го тркала своето „електрично буги“. Следната деценија, во неколку наврати, ќе се најде во студиото и на концертните подиуми со Canned Heat и Ван Морисон, за потем да се пресели во Калифорнија и таму да формира свој состав со локалните блуз музичари. Подоцна со Coast To Coast Blues Band ќе крстари по Америка и Европа, упорно и постојано ќе пребива во студијата но малку што од забележаното ќе го има оној вонсериски квалитет на кој тој ја навикна својата публика во претходниот период, па така ќе излезе дека своето име ќе го капитализира единствено од постојаното препечатување на своите стари плочи, потег што го изнудувале делумно и издавачите на чии договори го ставал потписот.
Во првата половина на осумдесеттите го среќаваме во улогата на уличен музичар во култниот филм на Џон Бедем – “The Blues Brothers”, за во 1989 година, со обнародувањето на одличниот “The Healer” (каде, патем, гости ќе му бидат: Карлос Сантана, Роберт Креј, Лос Лобос…) да се случи комплетната ревитализација на неговата кариера. За новата верзија на класичната “I’m in the Mood”, во која Хукер пее во дует со Бони Рајт, ќе ја добие престижната Grammy награда, во 1991 година со зголемен број пријатели и почитувачи на неговото буги ќе го сними исто така одличниот “Mr. Lucky”, за потоа да биде и овенчан со воведување во Rock and Roll Hall of Fame. На „трибјут“ концертот што ќе го одржи во престижната „Madison Square Garden“ ќе се искачи на сцената придружуван од сиве погоре споменати, но и од легендарните Бо Дидли, Реј Кудер, Кит Ричардс, Џон Хемонд, Џони Винтер, Џорџ Тороугуд, Чарли Мaселвајт, Грег Алман…
Во 1995 година Хукер ќе го потпише албумот “Chill Out”, две години подоцна и “Don’t Look Back” (Grammy – во категоријата „Најдобар традиционален блуз албум“), но заради годините ќе мора себе си и на светот да му признае дека нема повеќе сили за исцрпувачки турнеи и дека се повлекува во своето дувло во Сан Франциско (“John Lee Hooker Boom Boom Room”) и во сосема податливата атмосфера на клубот продолжува да го проповеда блузот. Онака како што само тој умееше.
Џон Ли Хукер, во нешто повеќе од петте децении бележење на сопствената тага, болка и неизмерната среќа што ја има дарбата со неверојатно сугестивното „мрморење“ („Што и да вели некој, работите се сведуваат на едно те исто: маж, жена, скршени срца и растурен дом!“) и едноставното пребирање по жиците од гитарата да нè допре до длабочината на душата, го честуваше и воздигна „Делта стилот“ во блузот. Во една пригода ќе признае: „Бев умен и дозволив нештата да влијаат на мене. Меѓутоа јас секогаш го имав истиот ритам, истиот бит што сум го имал. Никогаш не сменив ништо посебно зошто ако го сторев тоа јас немаше да бидам повеќе Џон Ли Хукер туку некој сосема друг.“
Заради својот специфичен стил на свирење на електричната гитара, свесното поигрување со дисторзијата и синкопираните рифови блиски до рок музиката, Хукер не само што го впери прстот и кон вистинските корени на блузот – Јужна и Западна Африка (на истово во средината на деведесеттите снимајќи заеднички албум ќе „магистрираат“ и двајца други вонсериски гитаристи и музичари: Реј Кудер и Али Фарка Туре), туку ќе им го покаже патот и на мнозина од подоцнежните големи рокенрол ѕверки: The Rolling Stones, The Animals, Canned Heat, ZZ Top, George Thorogood and the Destroyers…
И, сосема за крај. Џон Ли Хукер зад себе остави осум деца (некои од нив имаат сосема солидна кариера на блуз музичари, како на пример ќерката Закија Хукер Бел), 19 внучиња, голем број правнуци… Конечно, неговиот каталог на изданија ја надминува „стотката“ со тенденција дури сега издавачите со препечатување и изнаоѓање на наводно „необјавени снимки“ да го „растегнуваат“ до немајкаде. Како и да е, заборавете на сè друго и посебно во овие денови на висока напнатост, посегнете по едноставноста на неодоливиот буги на волшебникот и исцелителот Џон Ли Хукер. Нека светлосните зраци ја почнат битката со болката што ја носите длабоко закопана во вас. Верувајте, помага!

звучен запис

2018-08-21T17:21:56+00:00 јуни 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 21|