Интервју со Џим Хол

/, Звук, Блесок бр. 23/Интервју со Џим Хол

Интервју со Џим Хол

Пресреќен сум кога младите музичари ќе ме „шутнат“ во иднината!

#1 Џим Хол е еден од најзначајните и најомилените гитаристи во современиот џез. Роден е на 4 декември 1930 година во Бафало, САД. Својот стил на свирење гитара го градел под влијание на легендарните Чарли Кристијан и Џанго Рејнард. Во текот на целата негова кариера долга повеќе од пет децении, тој со секој нов албум и концертна турнеја открива нови аспекти на својот музички гениј. Повеќе пати победувал во категориите за најдобар џез-гитарист по избор на публиката и критиката во извиканите музички магазини Даунбит и Џез тајмс. Во 1997 година ја добива и наградата на њујоршките џез-критичари за најдобар композитор и аранжер, а во следната година е добитник на најпрестижната европска награда, данската Џезпар прајз. Покрај скорешната преокупација со оркестарски и хорски композиции, Џим Хол и понатаму е активен како изведувач, соработувајќи и снимајќи со најразлични состави. Покрај работата со сопственото трио, тој ужива во предизвикот да свири со старите мајстори како Кени Барон, Слајд Хемтон или Рон Картер, но и со актуелните џез ѕвезди од типот на Пет Метини, Џое Ловано, Бил Фризел или Грег Озби. Неговиот музички стил е препознатлив не толку по некаков карактеристичен риф или мотив, туку по неговиот пристап, звук и чувство. Во сето тоа на навистина преубав начин можеа да се уверат и вистинските вљубеници во џезот од земјава.

* Господине Хол, во моментите кога се решивте да настапите на Скопскиот џез фестивал, знаевте ли дека доаѓате во кризно подрачје? Имавте ли некои предзнаења за нашата земја, нашата култура?
– Знаев единствено дека Македонија е на Балканот, дека во последнава деценија овде кај вас се случуваат работи што го потресуваат светот и тоа беше сè. Со Грег Озби, саксафонистот со кого настапувам во последно време, се распрашувавме за приликите во вашата земја и кога од менаџерот кој ги организира нашите концертни настапи по Европа, инаку Австриец, добивме уверување дека степенот на ризик не треба да биде причината што треба да ја одложи турнејата, нималку не се двоумевме. На крајот на краиштата, ние со години настапуваме во Белфаст, нè има и во Израел, а видовте што се случи и со Светскиот трговски центар. Јас живеам во негова непосредна близина, само неколку блокови подалеку од местото каде што се случи главниот удар. Во основа сум човек што човек што љуби да се среќава со различни луѓе, а не за нив да чита во весниците и затоа не се премислував којнае колку. А, што се однесува до Скопскиот џез фестивал, за неговата репутација и за публиката овде ми зборуваа мнозина мои колеги меѓу кои и Џое Ловано. Навистина сум импресиониран од програмата и од средбите што досега ги имав, иако сум стигнат пред само неколку часа. И, овој разговор што сега го водиме мене навистина многу ми значи, не поради појавувањето во медиумите туку поради обичната човечка комуникација.
* На тонската проба се шегувавте со своите придружници свирејќи кантри. Во многу свои интервјуа велите дека првата средба со музиката сте ја имале слушајќи ја токму американската народна музика, та дури потоа сте се свртеле кон џезот.

– Така и беше. Многу рано мајка ми забележа дека ме интересира музиката и првата гитара ја добив некаде на возраст од девет години. Добив и учител кој ме подучуваше, за неколку години подоцна да станам член на еден џез состав во кој имавме кларинет, акордион, гитара и тапани. Во една пригода во некој од локалните дуќани за грамофонски плочи во Кливледн, Охајо, по прв пат го чув легендарниот Чарли Кристијан и неговото соло од два акорда во Grand Slam ме стаписа. Не бев многу сигурен за што се работи, но знаев дека е нешто посебно и дека ќе можам и самиот да го отсвирам. И ден денес го имам истото чувство.
* Следувал период кога сте ја изучувале музиката на Институтот за музика во Кливленд, сте изучувале композиција и музичка теорија, за потоа едноставно да тргнете сè настрана и да се упатите во Лос Ангелес каде ќе ја почнете вистинската професионална кариера. Со кого го имавте првиот поголем настап?

– Мислам дека тоа беше со Чико Хамилтон. Во неговиот квинтет тогаш беа и Бади Колет кој свиреше флејта, саксафон и кларинет, Фред Кац – виолончело, Карсон Смит – бас, самиот Чико зад тапаните и јас како гитарист. Со нив настапував и снимав, но битно е и тоа што почнав да пишувам музика за групата.
* Во Вашата биографија на видно место се поставени обата албума што ги снимивте со Бил Еванс. Критичарите забележале дека се работи за неверојатно убави плочи и соработка што на вистински начин ја отсликува соработката во дуо, посебно кога се работи за пијано и гитара. Сега работите со трио, згора во последно време саксафонистот Грег Озби настапува со Вас, но која е формацијата со која љубите да се појавувате пред публиката?

– Свирењето на Бил Еванс беше инспирација за мене и пред да ги снимиме плочите. Со него другарувавме додека бевме предавачи во џез академијата на Џон Луис во Масачусец. Наспроти убедувањето дека пијаното и гитарата е речиси невозможно да се спојат, со Бил Еванс одеше навистина лесно. Тој има прекрасно чувство за текстура така што никогаш не би дозволил работите да се измешаат. Ќе свирев ритам на некое од неговите сола и нему набрзо ќе му станеше јасно дека не мора да ја користи левата рака… и не ја користеше. Навистина уживав во соработката со него. А, што се однесува до формациите, преферирам да свирам во дуо или трио, со тапани и со бас. Покрај тоа ми се случувало честопати да настапувам и во комбинација со пијано. Нема правила. Сè е работа на расположение.
* Сте свиреле безмалку со сите големи џез мајстори. Кои се оние што притоа ви оставиле посебен впечаток, чија изведба знаела да ве понесе?

– Без многу копање по меморијата веднаш ќе ги кажам имињата на Бен Вебстер, Сони Ролинс, Арт Фармер, Кени Барон, Рон Картер… и Бил Еванс, се разбира. Уф, ги има многу. Настапите со Грег Озби се исто така навистина посебни за мене. Не се знаеме којзнае колку долго, но тој со умешноста и енергијата ме тера да останам млад во мислата. Тој е неверојатен.
* А, постои ли некој од големите џез музичари, легендите на сцената, со кои сте сакале да свирите или да снимате, а од разно-разни причини не сте го сториле тоа?
– Не сум размислувал многу за тоа. Можеби има мнозина, но еве сега ми текнува дека таков еден колос во џезот е Мајлс Дејвис со кого никогаш не се качив на сцената, а кој неколкупати ме покани да го сторам тоа.
* И, кога веќе погоре го спомнавте господинот Озби кој ѝ припаѓа на новата генерација во џезот, бележита е и Вашата соработка со инструменталисти како Метини, Фризел, Ловано… Не криете дека нивната енергија Ви помага да одите натаму
.
– Токму така. Не ми е битно да се чувствувам „помлад“ туку да бидам способен авторски да исчекорам, да не тапкам во место, и натаму да ми е здрава идејата. Не сакам како некои писатели или сликари да го замрзнам сопственото творештво, музиката што ја создавам. А, луѓето како Грег и другите ми помагаат тоа да не се случи. Пресреќен сум кога некои од овие млади музичари ќе ме „шутнат“ во иднината. Тоа ми се случило со Фризел, Расел Мелоун, Пит Берштејн…
* Значи ли тоа дека во слободното време често ја слушате музиката на новата генерација џез музичари или можеби нешто сосема друго?

– Ќе бидам искрен: сега преферирам да ја слушам тишината. Тоа му приличи на човек во мои години, но има моменти кога посегам по џезот и особено по современата сериозна музика. Знам да се заборавам и со невидена глад да им се нафрлам на Рахманинов, Барток, по којзнае кој пат да го „откријам“ Моцарт.
* Дали и натаму уживате во концертните настапи и колку често се искачувате на сцената?

– Навистина уживам во концертните настапи и тие ми значат многу повеќе отколку затворањето во студио и снимањето музика. Многу ми е важен непосредниот контакт со луѓето. Сакам да им ги видам лицата, да видам дали музиката буди одредени чувства кај нив, дали има повратен ефект од она што го испорачуваме од сцената. Од таму посебно ми се драги настапите во ноќните клубови каде контактот е многу понепосреден. Инаку, не можам да кажам колку често нè има на сцената од едноставна причина што одамна престанав да обрнувам внимание на тоа. Јас чувствувам дека с&egrave уште имам сила за патувања и за настапи во разни делови од светот.Еве, овде дојдовме од Италија, потоа колку што знам одиме во Израел и така со ред.
* Во паузите од патувањата пишувате музика. Што е она што сега Ве провоцира, на што посебно обрнувате внимание?

– Во некоја рака, главно се бавам со мелодијата и со формата. Компонирањето за мене е како бавење со архитектура. Битна ми е мелодијата, но исто така и формата. Сакам композицијата да ја пратам некаде и потоа да ја вратам и сето тоа да биде вообличено во една убава целина. Дефинитивно, се наоѓам во фаза кога формата ми е најбитна од сè во џезот.
* Провејува ли таквото Ваше убедување на последниот студиски проект, на албумот што се појави неодамна?

– Апсолутно.Неодамна влегов во студио и снимив материјал на кој како гости се јавуваат петмина различни басисти – Џорџ Мраз, Кристијан Мекбраид,Чарли Хејден, Скот Коли и Дејв Холанд. Албумот во продажба како издание на Теларк се појави пред две недели и сите оние што го чуле забележаа дека сум го сторил она за што сум зборувал подолго време. Навистина уживав во соработката со тие музичари бидејќи секој од нив свири различно, на свој начин.
* И покрај годините не верувам дека помислувате на повлекување од сцената. Според тоа, можете ли да ни кажете нешто за Вашите идни планови?

– Сакам да одам напред и себе си да се изградувам и натаму не само како личност туку и како музичар. Би сакал да ми остане време зад себе да оставам уште неколку специјални проекти што ми се моткаат по главата, со кои заспивам и со кои се будам. Но, човек понекогаш не знае што му носи секој нов момент, па затоа во основа сè се сведува на обични нешта кои го прават еден живот вистински.

2018-08-21T17:21:53+00:00 ноември 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 23|