Интервју со Џиван Гаспаријан

/, Звук, Блесок бр. 20/Интервју со Џиван Гаспаријан

Интервју со Џиван Гаспаријан

„Од лош човек не бидува добар музичар“

Светски познатиот уметник и ненадминатиот свирач на дудук Џиван Гаспаријан за БЛЕСОК говори за приемот кај македонската публика, за патешествијата, за музичарите со кои соработувал, за желбите и плановите…

БЛЕСОК: Џиван Гаспаријан на два пати ја отвори својата душа пред македонската публика. Одржа два по многу нешта слични, но и различни концерти. На првиот во Куршумли-ан се стопија амбиентот и емоцијата, а на вториот беа понудени чистотата на музиката и разбрануваната душа на големиот уметник. Како Вие ги доживеавте овие настапи?

#1 ГАСПАРИЈАН: Се согласувам дека се работи за две убави случувања од кои јас лично сум многу повеќе задоволен од синоќешниот настап. Едноставно сметам дека ги снема бариерите меѓу публиката и мене како изведувач, си ги подадовме душите, се споивме. Згора овој втор концерт беше по многу нешта поорганизиран и технички подотеран од претходниот.

БЛЕСОК: Ако до летоска за македонската публика бевте култна личност, сега излегува дека сте еден вид голема поп икона што знае да го разбуди вниманието на поширок слој публика.

ГАСПАРИЈАН: Правилно. Јас мислам дека ако народот не го знае уметникот тогаш и нему му е тешко да воспостави контакт со публиката. Сега можам да сметам дека во Македонија сум она што сум и во мојата родна Ерменија. Впрочем, ако присутните не ја знаеја мојата музика немаше со толку многу воодушевување да ја прифатат. Неизмерно сум радосен што публиката ме прими како да сум овдешен, како да сум Македонец.

БЛЕСОК: Значи, можеме да кажеме дека Гаспаријан, и не заради присуството на квартетот на Драган Даутовски на неговиот концерт, успеа да го стори премостувањето, да ги спои ерменската и македонската музика, душите на обата народа.

ГАСПАРИЈАН: Тоа беше навистина интересно. Ова не беше само моја идеја. Тоа беше заложба на Горан Таневски, организаторот на обата мои концерти. Тој застана зад таа идеја, а на присутните тоа многу им се допадна. Инаку ова не е моја прва средба со Даутовски. Со него муабетевме на еден фестивал во Израел, но сега за прв пат свириме заедно. Не се сомневам дека на обајцата ни беше убаво, дека заедно ја споделивме радоста од заедничкиот настап. Притоа не би ја исклучил можноста во иднина повторно да се најдеме некаде, па дури и да снимиме нешто заедно. Јас постојано работам со различни музичари и при тоа не инсистирам некој од нив да биде светски познат. Напротив. Сум свирел со навистина големи светски имиња, или можеби тие сакаа да свират со мене. Питер Гебриел, Мајкл Брук и останатите со кои сум свирел ме бараа, бараа, ме најдоа. Моето присуство на нивните материјали го изнудија самите. Сепак, морам да признаам дека соработката со нив ми беше многу пријатна. Како што, впрочем, верувам дека и за нив тоа беше убаво и драгоцено искуство. Токму и заради тоа, мене навистина ќе ми биде многу драго ако се случи во иднина да соработувам со некои македонски музичари.

БЛЕСОК: Сте соработувале со многу познати светски музичари, но и со релативно непознати. Што цените кај еден музичар?

ГАСПАРИЈАН: Во прв ред душата. Токму според душата оценувам колку еден музичар е квалитетен. Доколку еден музичар има добра душа, дури потоа добра техника и на крајот уво да ја чуе музиката, тогаш за мене е вистински музичар. Притоа, воопшто не е важно дали е некој светска марка или не.

БЛЕСОК: Кого посебно од светската елита, од луѓето со кои Вие сте соработувале го цените и зошто?

ГАСПАРИЈАН: Сите тие се навистина добри музичари. Гебриел, Брук, Лајонел Ричи, луѓето од КРОНОС КВАРТЕТ, Ханс Цимер, харфистот Андреас Воленвајдер… сите тие се интересни на свој начин. Сите тие имале голема желба да соработуваат со мене, ја почитуваат мојата музика и мислам дека остваривме убава соработка.

БЛЕСОК: Овде, кај нас е интересна сторијата за Вашата соработка со авторите на музиката за филмот „Гладијатор“. На саундтракот Ве има во две композиции, но останува впечатокот дека Вашиот дух лебди над целиот материјал.

ГАСПАРИЈАН: Кога ме викнаа да ја снимаме музиката за филмот видов дека имаат напишано партитури за дудук. Тогаш ги прашав: „Зошто ме викате кога ја имате веќе напишано музиката“? Немаа одговор. Сепак, не се сомневав дека ја знаат мојата историја. Не се сомневав ни за тоа дека добро знаат како ги трошат парите од предвидениот буџет за филмот, па затоа најнапред го снимив она што го бараа од мене за потоа Ханс Цимер да ме замоли да импровизирам онака како што мислам, чувствувам. И го сторив тоа. Ханс, Лиза, Жерер и другите внимателно ме слушаа како свирам и само снимаа. По неколку месеци кога во Ереван ми стигна копија од албумот со музиката за филмот, бев навистина пријатно изненаден од фактот што на него можеше мошне убаво да се прочита мојот авторски печат, мојот придонес, да се чујат оние импровизации кои настанаа во дополнителните сесии од снимањето.

БЛЕСОК: На 72-годишна возраст Вие сте светска музичка ѕвезда. Што е она што Ве крепи? Дали е тоа можеби, тоа што се чувствувате дете во душата? Имавте ли време да остарите? Имате ли сили и натаму да работите со истото темпо?

ГАСПАРИЈАН: Здравствено се чувствувам многу добро. Татко ми и дедо ми живееја многу долго. Дедо ми доживеа 97, а татко ми 95 години. Веројатно нивниот рецепт за долговечноста беше работата. Татко ми никогаш не престана да работи. Тој никогаш не бил болен и не отишол на лекар. Инаку, јас се чувствувам навистина добро и имам енергија да сторам уште многу работи. Токму заради тој мој постојан ангажман во мојата Ерменија извонредно многу ме почитуваат. Неодамна во Москва одржав концерт пред четири илјади луѓе и кога ми го спомнаа името сите станаа на нозе и ракоплескаа повеќе од 15 минути. Веројатно на тој концерт 75 отсто од публиката беа Ерменци. Но, на концертите во САД, а еве и овде во Македонија нема мои сонародници, а публиката ме пречекува со многу внимание и почитување. Тоа е она што ме крепи, ми дава сила да продолжам да работам со истото темпо. Немам време да стареам.

БЛЕСОК: Вашата музика е полна со емоции. На скопскиот концерт со многу чувства и со убава доза на артизам отпеавте една прекрасна песна – „Мајко моја“. Претпоставувам дека тоа се зборови упатени на Вашата мајка.

ГАСПАРИЈАН: Јас пеам: „И ноќе и дење ти не спиеше мајко/ Ми пееше приспивни песни/ Ме роди со мислата дека ќе станам добар човек/ Прости ми што не можам да ти го дадам сè она што ти мене ми го даде“.
И оваа и другите две песни ги напишав за да им ги дарам на луѓето. Ова не е песна само за мојата мајка, туку за сите мајки во светот. Мојата лирика ја слави љубовта, разбирањето. Сакам да му се заблагодарам на Бога за добрината што им ја дарил на луѓето, за слободоумната мисла, за сето она што не прави луѓе.

БЛЕСОК: Долги години бевте учител, ги подучувавте младите да музицираат, им ја всадувавте љубовта кон мудроста на уметноста. Што беше она основното што сакавте да ги научите учениците?

ГАСПАРИЈАН: Јас 25 години предавав на Универзитетот во Ереван. Таму бев од првиот ден откога се отвори катедрата за народна музика. Последниве години навистина имам премногу обврски и не можам посериозно да се занимавам со подучување на младите. Моите ученици најнапред ги учам да бидат добри луѓе. Ако музичарот е лош човек, од него не бидува добар музичар. Музичарот треба да има душа. Оној кој има душа не може да биде лош човек. Педесет години свирам професионално. Имам цела една соба полна со медали и благодарници. Сум свирел за Сталин, Хрушчов, Брежњев, за англиската кралица, за Кенеди, за персискиот шах, кувајтскиот шеик. Сум снимал со Ино, Гебриел… и кој сè не. Сево ова немаше да го сторам ако не бев добар човек. Тогаш немаше да бидам и добар музичар. Ете, тоа е она што упорно се трудам да ги научам моите ученици. Буквално сè се може со добрина.

БЛЕСОК: Кога за прв пат музициравте на Запад? Знаеме дека сте биле еден од најдобрите музичари во тогашниот СССР, но заради политиката сигурно требало да чекате многу за својата музика да ѝ ја претставите на светската публика?

ГАСПАРИЈАН: Во 1959 година, заедно со уште 150 други тогашни советски уметници, музичари, членовите на Бољшој театар, Ленинградскиот балет… кремот на тогашната култура на Сојузот, три месеци бевме во САД и настапувавме пред тогашната публика. И ден-денес се сеќавам на 20-те едноподруго концерти во „Холивуд боул“. Бројот на патувањата многукратно се зголеми по револуцијата во Ерменија, кога станав вистински слободен човек. Порано, пред секое патување, морав да одам и да барам дозвола од Москва. Се случуваше некогаш да ми дозволат, но некогаш и да не ја добијам дозволата за патување во странство, иако честопати се работеше за големи и значајни хуманитарни приредби на светските организации. Во една пригода добив покана од УНЕСКО за хуманитарен концерт во Париз. Арно ама, исти такви покани добиле и Хачатуријан и Ростропович, па така се случи само последниов да добие дозвола да патува. Кога тоа го дознавме, тројцата бевме навистина радосни што барем на еден од нас му се укажала можност да настапи пред француската публика. Тоа ни беше убав повод да седнеме во кафеана и убаво да се опиеме. Такви беа времињата. Таков беше системот. Кога и со мене, како добитник на значајни светски награди, лауреат на многу светски конкурси… знаеја да си играат како кукла, тогаш што да се каже за останатите, за обичните луѓе.
Инаку, веројатно за моето подоцнежно претставување на западната публика, онаа која слуша популарна музика, заслужен е Брајан Ино. Овој музичар, кога бил во Москва во 1988 година, купил еден од моите албуми и воодушевен од она што го чул веднаш ми се јави и ми понуди соработка. Останатото е познато. По одржувањето на големата серија концерти на Запад, кога тие беа пренесувани преку сателит, светот дозна дека приказната на Џиван Гаспаријан е приказна за дудукот како инструмент. Јас ќе умрам, но дудукот ќе остане. Приказната за неговиот развој ќе продолжи затоа што јас зад себе оставив многу ученици кои се врвни мајстори. Јас многу го сакам дудукот. И порано имало добри мајстори, добри свирачи. Јас само ја продолжувам нивната традиција, иако начинот на кој сега свирам е многу поинаков од нивниот. Со мене почнуваат новите патишта и новото школо за дудукот. Нема да бидам лажно скромен, па затоа ќе ти кажам дека еден американски писател во една прилика ми рече: „Гаспаријан ти не свириш, Гаспаријан кажува молитва“.

БЛЕСОК: Колку што ми е познато, Вашиот последен албум „Ерменски фантазии“, реализиран со вашите блиски соработници и ученици, за западниот пазар го објавивте минатата година. Ќе следува ли можеби годинава ново дискографско остварување?

ГАСПАРИЈАН: Некаде пред три месеци во Турција снимив материјал за моето ново издание. Покрај тоа, за годинава кога го прославувам мојот 50-годишен изведувачки јубилеј подготвувам голема музичка кутија со најмалку 4 компакт дискови на кои ќе се најдат снимките што сум ги направил за тој период. Продуцентите инсистираат да ја реализирам мојата дамнешна голема желба: да ги снимам класичните песни од ерменската народна музика, придружуван од голем симфониски оркестар.

БЛЕСОК: Ги отсонувавте ли сите Ваши соништа?

ГАСПАРИЈАН: Не. Нема крај за соништата. Што и да направам светот е голем. Сепак, желба ми е да направам онолку колку што можам. Повторувам: светот е голем, на светот му нема крај! Денеска е мој, утре ќе биде твој!

звучен запис

2018-08-21T17:21:58+00:00 април 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 20|