Интервју со Тони Вега

/, Звук, Блесок бр. 30/Интервју со Тони Вега

Интервју со Тони Вега

#1 – Дали ги паметиш своите музички почетоци и како се случи тоа?

Почнав да свирам кога имав 13 години. Свирев рок под влијание на Џими Хендрикс и групи како Лед Цепелин и Блек Сабат.

– Имаше ли некоја музичка традиција во вашата куќа?

Имам постара сестра и постар брат и тие секогаш имаа одлични плочи околу себе, Битлси, Крим, Цепелин и слично. Брат ми свиреше гитара и тој беше моето прво музичко влијание. Сакав да бидам како него. Тој сè уште свири, но е повеќе во хард рок филмот, групата му се вика Сајкик Мафија.

– Кога почувствува дека музиката ќе биде твојата иднина?

Како што реков, набргу откако почнав да свирам гитара на 13 годишна возраст.

#2 – Обично свириш сопствен материјал, дали користиш и работи од старите тексашки блуз мајстори како Лајтнин Хопкинс, Алберт Колинс, Фреди Кинг и други?

Се разбира! Не можеш да бидеш во тексашки блуз бенд, а да не свириш некои од песните од тие мајстори. Јас не би бил во блузот да не беа тие луѓе.

– Дали го паметиш својот прв бенд?

Уште на 13 години кога почнав да свирам гитара, направивме бенд кој се викаше Вега. Учествувавме на школски натпревар и победивме!

– Кои беа твоите најрани музички влијанија?

Битлси, Хендрикс и сите синглови од колекциите на братот и сестра ми.

– Кој влијаеше на твојот начин на свирење?

Кој сè не влијаеше врз мојот стил? Го сакам раниот период на Фебјулоус Тандербердс на Џими Вон, потоа Алберт Колинс. Има толку прекрасни свирачи во Тексас што имав можност да ги видам последниве години, момци како Дерек О’Брајен, Енсон Фандерберг и Алан Хејнс.

– Што се однесува до твојата студиска и сценска опрема, кои се твоите преференци?

Јас сум навистина благословен! Моите фанови, пријатели и подржувачи во Тексас се собраа и ги купија моите гитари, така што можев да ги купам оние што ги посакував! Успеав да набавам оригинален Фендер Стратокастер од 1964 и рачно изработен Релик Стратокастер. Тоа беше најдобар подарок за мојот роденден! Инаку, од засилувачи користам Фендер Вајброкинг, додека во Европа свирам на она што ќе најдам, најчесто нешто од Фендер.

– Какво е твоето мислење за моменталната состојба во блузот и што можеме да очекуваме во годините што се пред нас?

Блузот секогаш ќе биде присутен во оваа или онаа форма, бидејќи има премногу луѓе што го сакаат, како некоја религија, за да дозволат да му се случи нешто. Но, ако помислите што ќе биде откако Б.Б. Кинг и Бади Гај ќе ги нема, тогаш нема да имаме многу директни линкови со делта блузот, односно со изворот. Тоа на некој начин е тажно.

– Ти соработуваше со познати блузери, имаш ли некое интересно искуство?

Да живееш и да работиш во Тексас ти дава можност да соработуваш со некои големи имиња. Во моментот свирам со мојот најомилен басист на сите времиња – Престон Хабард! Тој свиреше во Фебјулоус Тандербердс, Румфул оф Блуз, со Мади Вотерс!

– Какви се твоите планови во блиска иднина?

Имаме нов албум, наречен – Да, во право си – кој треба да излезе во април оваа година, се работи за албум снимен во живо – јас сум особено возбуден поради него! Исто така планираме европска турнеја во септември.

– Во твојот бенд имаше персонални промени, што се случи?

Знаеш, свирев со исти момци непрекинато 4 години што во оваа работа е вистинско чудо! Брок, басистот, замина прв, тој едноставно се замори. Ние тоа го викаме, „изгорен“. Гитаристот Орк сакаше да направи свој бенд, тој никогаш во животот не бил водач на бенд и сакаше да види како изгледа тоа. Пред извесно време го обновив бендот во обид да соберам музичари кои се искусни и подготвени во секој момент да тргнат на пат. Исто така, почувствував дека е време да работам со луѓе кои се поискусни од мене, од кои можам да научам нешто, така што во моментот имам најдобар бенд што некогаш сум ги имал, тие се монструми! Меџик Сем Меси на гитара, Снит на тапани и Престон Хабард на бас, човеку!

#3 – Твоите фанови во Македонија би сакале повторно да те видат на нашиот блуз фестивал, дали би дошол повторно?

Искрено сакам да ти кажам, свирката во Македонија беше едно од моите незаборавни искуства! Никогаш нема да го заборавам тоа! Луѓето нè пречекаа топло и пријателски, ги чувствував како семејство. Тоа го мислам од сè срце!

– За крај, што би им порачал на љубителите на блузот во Македонија?

Ми недостигате и се надевам дека повторно ќе се видиме во септември, не можам да дочекам!

звучни записи

Tony Vega Band website

2018-08-21T17:21:45+00:00 јануари 1st, 2003|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 30|