Интервју со Скот Хендерсон

/, Звук, Блесок бр. 24/Интервју со Скот Хендерсон

Интервју со Скот Хендерсон

Јас сум еден од оние што смета дека сето она што го направил во минатото е лошо

– Можеш ли да кажеш нешто повеќе за твоите музички почетоци?

#1 Колку што се сеќавам, некаде на десетгодишна возраст се заинтересирав за музиката, пред сè слушајќи радио. Татко ми имаше акустична гитара, често свиреше низ куќата, така што некако природно тој инструмент стана мој придружник во музиката и животот. Малку подоцна почнав да разбирам по нешто од она што го слушав и некако најповеќе се возбудував слушајќи ги Џими Хендрикс, „Лед Цепелин“, Дип Парпл“, Џони Винтер и слични имиња, бидејќи во нивната музика сè повеќе откривав елементи кои беа превземени од богатата ризница на блузот. Едноставно се обидов да откријам кои се изворите на нивната музика, така што, како и многумина пред и по мене се навлеков на блуз од „втора рака“, што тогаш беше и единствениот начин. Засекогаш сум им благодарен на Хендрикс, Пејџ, Блекмор, Винтер и други гитаристи кои ме „споија“ со блузот. Потоа, природно, следеа „кралевите“ Б.Б., Алберт и Фреди и повеќето од првите електрични блуз музичари.

– Кога свириш блуз, дали го користиш само како основа врз која се надградуваш, односно дали го комбинираш класичниот блуз идиом со твојот сопствен музички израз?

Да, обично почнувам со чувството за блузот, се обидувам со некои измени во хармонскиот дел, тука има големо влијаније од џезот, така што настојувам во тој дел блузот да го „однесам понатаму“, особено што се однесува до хармониите. Сметам дека тоа добро ми оди од рака, барем според реакциите на моите колеги музичари.

– Приметно е дека во твојот блуз не се застапени обработки на познати блуз стандарди што е чест случај со други музичари. На што се должи тоа?

Сакав низ кариерата да задржам што е можно повеќе еден оригинален пристап кон оваа музика, едноставно сакам да пишувам своја музика. Големо задоволство ми причинува создавање сопствена музика. Инаку, можеби ќе ви изгледа чудно, не ја следам современата блуз сцена и не знам речиси ништо што во моментот се случува. Конечно, тешко е да го следиш сето она што се случува во блузот и џезот, кога имаш многу сопствени идеи да реализираш, а времето лета!

– Очигледно е дека немаш време бидејќи работиш со три паралени бендови во исто време!

#2 Па добро, не е баш така. „Трајбал Тек“ не работи толку многу, еден албум секои 18 месеци и една европска турнеја годишно. „Вајтал Тек Тоунс“ е само студиски проект и секој од двата досега издадени албума се снимени за само недела дена и со нив не настапувам концертно. Мојата основна работа е триото со кое најчесто настапувам и со кое во моментот завршуваме со снимање на нов албум кој наскоро ќе излезе.

– Кој период од твојата кариера лично го сметаш за најуспешен?

Се надевам дека допрва ми следува!

– Обично гитаристите ги прашуваат кои се нивните „херои“, можеш ли и ти да ги наброиш твоите и зошто?

Постојат бројни гитаристи кои сакам да ги слушам, во џезот би го издвоил Џон Скофилд, во рокот Еди Ван Хејлен и Мајкл Ландау, во блузот Стиви Реј Вон и оние што веќе ги спомнав, но особено го ценам Џони Винтер. Инаку, кога би ги избирал моите „топ 5“ гитаристи, тоа би биле: Џеф Бек со одлично фразирање и тонот, Џон Скофилд со одлични песни и џез линии, Мајкл Ландау со одличен современ звук на Хендрикс, Алан Холдсворт со невидена техника и Стиви Реј Вон со извонреден „филинг“ и со тонот.

– Кога сме веќе кај музичарите, кои би биле твои албуми за на пуст остров?

Birds Of Fire – Mahavishnu Orchestra
The Nitefly – Donald Fagen
Atlantis – Wayne Shorter
Night Passage – Weather Report
Band Of Gypsies – Jimi Hendrix

– Кои се твои омилени музичари без оглед што свираат?

Ги сакам Вејн Шортер, Џо Завинул, Мајкл Ландау, Џон Скофилд и многу многу други.

– Каде и како добиваш инспирација за пишување музика?

Никогаш не сум инспириран да правам музика. Не сакам да барам оправдувања во стилот „имав тешка недела, па не ми се пишува музика”. Јас го правам тоа, бидејќи тоа е мојата работа, живеам од тоа и го создавам тоа без оглед дали тоа во моментот го сакам или не. Некои од моите, според мене, најдобри работи ги напишав во денови кога воопшто не се чувствував „инспириран”.

– Сметаш ли дека музичарите имаат потполна слобода во креирање музика или тој процес го диктира музичката индустрија, како да се прави тоа и во кој правец да оди?

#3 Зависи како договор имаш со дискографската компанија. Претпоставувам дека во светот на поп музиката тоа е навистина тешко. Јас секогаш имав 100% уметничка слобода со сите компании со кои работев, можеби имав и доста среќа! Инаку јас сум еден од оние што смета дека сето она што го направил во минатото е лошо. Моите плочи ми се допаѓаат, да речеме, приближно околу 6 месеци откако ќе ги направам, потоа никогаш не сакам да ги слушнам повторно! Сè уште ми се допаѓа „Ракетна наука“ (последниот албум на „Трајбал Тек”), но тоа ќе потрае уште месец-два!

– Имаш ли сопствено студио за снимање или снимаш на друго место?

Имам дигитално студио дома, но финалната музика ја снимам на друго место.

– Каква опрема користиш во студиото и на сцената?

Тоа е доста обимно и комплицирано за објаснување, најдобро е да се провери на мојот вебсајт www.scotthenderson.net. Таму можат да се најдат сите детали за сето она што го користам.

– Гитаристите се познати по свои колекции гитари, каков е случајот со тебе?

Имам и јас солидна колекција на гитари од кои повеќето се само во колекција бидејќи се доста ретки и ги употребувам само за своето задоволство во моментите на опуштање. Тука има модели од „Лес Пол“ и „Данелектро“ помеѓу другите. Инаку во последно време настапувам и снимам само со гитарите што специјално за мене ги прави Џон Сур, поранешен мајстор во фирмата „Фендер”. Неговите гитари се како „Ролс Ројс“ во автомобилската индустрија!

– Во толку голема активност, имаш ли воопшто време за семејството?

Какво семејство? Се шегувам, Сања постојано ми вели да одиме на одмор! Чуваме неколку кучиња кои ни причинуваат големо задоволство, конечно, мојот прв блуз албум е посветен на моите домашни миленици!

– Љубителите на твојата музика знаат дека Сања е од Скопје, како се запознавте?

Тоа се случи во клубот „Ла Ви Ли“ во Лос Анџелес каде често настапувам.

– Тоа секако е уште една причина повеќе да те видиме наскоро во Македонија!

Секако, сакам да го видам местото од каде таа потекнува и повторно да се сретнам со нејзините родители.

– Добро, тогаш те очекуваме наскоро во Скопје! И за крај, имаш ли некоја порака за нашите љубители на блузот?

Да слушаат добар блуз! Сретнав многу џез музичари во кариерата кои поседуваат извонреден музички речник и кои достигнале, речиси, научен пристап односно ниво во врска со она што го знаат во музиката, но тие сè уште го сакаат блузот и тоа е како правило кое важи за сите нив, без оглед колку комплексна музика создаваат и по кои нови патишта се движат во џезот, па и класичната музика. Секој на свој начин се враќа кон блузот и тоа е навистина прекрасно!

звучни записи

2018-08-21T17:21:52+00:00 јануари 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 24|