Интервју со Коко Монтоја

/, Звук, Блесок бр. 29/Интервју со Коко Монтоја

Интервју со Коко Монтоја

– Твоите музички почетоци?

#1 Моите музички почетоци се во моето детство. Имав две постари сестри и брат кои по цел ден слушаа рокенрол и поп музика од тоа време. За разлика од нив, моите родители слушаа музика во распон од биг бенд џез до латино американски вокалисти. Сето тоа имаше влијание врз мене, потоа ги паметам оние ТВ емисии, особено оние за тинејџери кои исто така ме поттикнаа, така што веројатно уште тогаш знаев дека музиката ќе биде она што сакам да го работам во животот.

– Претпоставувам дека некои фанови не знаат: ти твојата кариера, всушност, ја започна како тапанар!

Па тоа е доста позната работа, дека почнав како тапанар, така што мислам дека повеќето луѓе го знаат тоа. Тапанар станав на почетокот на мојот музички пат, гитарата ми беше втор инструмент, но завршив како тапанар во бендот на Алберт Колинс. Тоа се случи некаде во 1972 година и со Алберт свирев 4 години. Потоа дојде до транзиција и се префрлив на гитарата за што понатаму веројатно ќе позборуваме повеќе.

– Дали го паметиш твојот прв бенд?

Дали го паметам својот прв бенд? Тешко е да се сетам на времето и на деталите. Бев во раните тинејџерски години кога направивме прв бенд и бевме заникаде! Тогаш имав 14-15 години и знам, свиревме на лоша опрема. Се викавме Ел Еј Смог, бевме група деца кои се обидуваа да свираат заедно во исто време и бевме навистина ужасни!

– Кои беа твоите најрани музички влијанија?

Тоа беа Џони Отис и Битлси, како и музиката што во тоа време беше актуелна. Конечно, морав да го слушам сето она што постарите сестри и брат ми го слушаа во куќата. Покрај сето тоа, и моите родители влијаеа врз мене со нивните афинитети кон музиката на биг бендовите како оној на Арти Шо и луѓето како него кои беа навистина прекрасни. Го паметам и првиот концерт на кој бев, тоа беше настапот на Мексиканецот Мигуел Асевез Мехија и многу ми се допадна.
Мислам дека бев под влијание на блузот бидејќи Џони Отис имаше свое ТВ шоу секоја недела. Преку таа емисија имав можност да слушам многу стар блуз што многу ме привлече, иако тогаш и не знаев како се вика таа музика, едноставно знаев дека ми се допаѓа и ме привлекува, се разбира, покрај рокенролот кој е дете на блузот.

– Дали средбата и работата со Алберт Колинс ја сметаш за клучната точка во твојата кариера?

Да, тоа го сметам како извонредна можност што ми се укажа, не само за мојата кариера, туку и за животот воопшто, усмерувајќи еден млад човек кон вистинските вредности. Алберт беше тој двигател на мојот приватен и музички пресврт во кариерата, тој беше движечка сила без која не верувам дека би постигнал нешто особено понатаму. Веројатно не би бил во можност да свирам со Џон Мејл и да бидам музичар каков што сум денес.

– Значи, го смени својот комплет тапани за гитарата?

Не размислував премногу за тоа, едноставно се случи така. Треба да напомнам дека во седумдесетите години немаше некоја особена побарувачка за блуз тапанари, така што сметав дека со мојата кариера е готово. Се вработив „регуларно“ и живеев надвор од музиката, заработувајќи, а гитара свирев за мое лично задоволство. Воопшто не претпоставував дека тоа ќе ми овозможи нова кариера.

– Можеш ли да кажеш нешто повеќе за времето поминато со Алберт Колинс?

Имаше толки прекрасни, би рекол, образовни моменти, но и такви кои не беа многу пријатни. Научив многу од него, на пример како изгледа да си блуз музичар и да си третиран поинаку поради бојата на твојата кожа. Тоа го искусив кога бев млад музичар, односно премлад да ги разберам тие предрасуди. Со Алберт толку многу научив како музичар и личност и тешко е да се издвои нешто, бидејќи сите тие моменти се важни.

– Друга важен момент во твојата кариера беше периодот со Џон Мејл, можеш ли да кажеш нешто повеќе за тоа време?

Тоа исто така беше прекрасно време, како и околностите кои влијаеа врз нашата средба. Имено, Џон Мејл инцидентно ме слушна како свирам во еден клуб и сосема случајно ми се јави потоа откако Мик Тејлор го напушти неговиот бенд. Тој всушност ме врати во музиката и со него останав околу десет години.

– Додека беше со Џон Мејл, гитарските задачи ги делеше со Волтер Траут, што можеш да ми кажеш за тоа?

Што можам да кажам за тоа? Неверојатно искуство! Прекрасно, но на моменти и тешко време, бидејќи двајцата бевме во некои фази во кои се соочувавме со проблемите од злоупотребата на алкохолот и дрогата. Волтер го сметам за еден од најдобрите гитаристи што кога било сум ги слушнал.

– Кој влијаеше врз твојот стил на свирење?

Има толку многу луѓе кои влијаеја на мојот стил и сè уште влијаат. Јас учев симнувајќи го нивниот начин на свирење, но додавајќи и нешто свое во сето тоа, тука мислам на сите – од Б.Б. Кинг до Алберт Колинс. Дефинитивно најмногу научив од Алберт Колинс, потоа Ерик Клептон и некои како него, да ги спомнам и Гитар Слим, Фреди Кинг. Премногу ги има за да ги спомнам сите сега во овој момент.

– Какво е твоето мислење за моменталниот статус на блузот и што можеме да очекуваме во годините што доаѓаат?

Моменталната состојба со блузот во САД се совпаѓа со ситуацијата во музичката индустрија. На тоа ниво имаме проблем да измениме нешто поради интернетот и mp3 форматот. Музичарите и дискографските компании не ги добиваат парите кои им припаѓаат, така што имаме сериозен проблем. Што очекуваме? Навистина не знам, но она што е извесно е дека емоционалната страна на блузот секогаш ќе постои. Блузот е музика која не треба да се грижи за трендовите, тој има свое течение и самата се регенерира. Луѓето секогаш ќе му се враќаат, бидејќи тој низ својата историја има праволиниска форма на движење и актуелност. Не знам што ќе биде со блузот во иднина, кој знае?

– Ти настапуваш секаде низ светот. Како љубителите на блузот во различни делови од нашата планета реагираат на твојата музика?

Повеќето луѓе се мошне приемчиви. Можноста да настапам пред публиката во други земји секогаш има позитивна конотација за мене. Минатата година свиревме во Шпанија, годинава бевме во Бразил, беше прекрасно и многу ми се допадна, па би сакал повторно да го сториме тоа. Одлично е да настапуваш пред различни луѓе во различни држави.

– Ти имаше можност да соработуваш со познати блуз имиња, можеш ли да спомнеш некое интересно искуство?

Работејќи со големиот Биг Џо Тарнер беше извонредно големо искуство за мене. Во последните години од неговиот живот паметам интересна работа. Биг Џо секогаш ми бараше скришно да му донесам виски или пиво без да забележи жена му, бидејќи му беше забрането да конзумира алкохол поради здравствената состојба. Кога неговиот крај веќе беше неминовен, тој велеше: Што може да ми направат чашка виски или шише пиво, да ме убијат?

– По твојот, според мене, најдобар албум за Алигатор, какви се твоите идни планови?

#2 Моите планови за иднинате се сведуваат на свирење. Мислам дека секогаш ќе бидам поврзан со блузот, но постојат многу жанрови на музика што ги слушам и кои ми се допаѓаат; јас не гледам граници во тоа. Не гледам причина да не го свирам она што ми се допаѓа. Доколку тоа би ги иритирало пуританците или радио станиците бидејќи не би знаеле во што да ме вбројат, тогаш тоа би бил нивен проблем, не мој.
Мојата работа на оваа земја е да го свирам она што го сакам и ако тоа го правам најдобро што знам, моите љубители ќе го прифатат тоа во секој случај.

– Мислам, дека е време во твојата дискографија да се најде и концертно ЦД?

Тоа многу пати ме прашаа! Многу луѓе што ги знам прават живи албуми. Јас не сум толку сигурен дека тоа би било премногу економично со оглед на тоа дека јас не сум голем техничар, така што кога свирам во живо правам доста грешки. Но, кој знае, можеби ако обезбедиме доволно пари и собереме достатен број добри снимки, тогаш можеби нешто такво би дошло в предвид.

– Твоите фанови во Македонија би сакале да те видат на нашиот Блуз и соул фестивал, дали би сакал да дојдеш и да свириш тука?

Уште прашуваш! Би сакал да дојдам во Македонија што е можно побргу. Никогаш не сум свирел во Македонија, можеби само со Џон Мејел (концерти во Белград и Ниш, н.з.). Лично би сакал да имам можност да свирам за вас надевајќи се дека тоа би ви се допаднало!

– За крај, имаш ли некоја порака на нашите љубители на блузот?

Секако! Пораката веројатно би била: има една работа околу блузот – ние сакаме да одиме секаде и да го пренесеме нашето искуство. Знам дека сите музичари од сите делови од светот би сакале да настапат во Македонија колку што би сакал јас, а оние што веќе биле, едвај чекаат да се вратат повторно! Тоа е една работа околу блузот, кога ќе дојдеш некаде, да се почувствуваш како да правиш добра скара во дворот кај комшијата. Ние сме за тоа да забавуваме и да свириме музика во која има чувство и емоции. Затоа, ако тоа е она што го барате, јас веќе сум на пат кон вас!

звучен запис

2018-08-21T17:21:46+00:00 ноември 1st, 2002|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 29|