Интервју со Горазд Чаповски

/, Блесок бр. 06, Звук/Интервју со Горазд Чаповски

Интервју со Горазд Чаповски

Некаде во првата половина на 1998, гости на Игор Исаковски во радијската емисија “The Blues Brothers” беа Ристо Вртев и Горазд Чаповски. Текстот пред вас е вториот дел од тоа заедничко интервју, кое што е преуредено за потребите на БЛЕСОК Звук. Во меѓувреме, Кисмет го најде својот нов тапанар, Стефан Поповиќ, и одржа концерт во МКЦ, Скопје.

И.И.: Рековме поминаа скоро две години од кога последен пат се видовме, (и тоа беше во една Blues Brothers емисија). Кажи ми што се случи со тебе во овие две години?

#1 Г.Ч.: Полно работи се случија, во секој случај. Тогаш правевме муабет за вториот албум, сега сме кај на третиот, цепаме напред, издаваме албуми…

И.И.: На минатото ќе се вратиме подоцна, а сега да почнеме со она што е најактуелно од ’97 па наваму, албумот што се појави во издание на Tone Casualties, во САД, се вика “Wake Up Gods” – „Разбудете се богови“. Се будат ли луѓето?

Г.Ч.: Се будат полека. Во секој случај ова беше за нас многу важно, јас одамна веќе барав издавач, и во склоп на „Мизар“, еве го спомнувам и „Мизар“ како дел од тоа, и можам да кажам дека по 10 години најпосле најдов. Мислам дека во оваа работа навистина треба некој да застане позади тебе за да можеш да си ја работиш својата работа. Тое е тимска работа, во секој случај.

И.И.: Како си задоволен од работата со Tone Casualties?

Г.Ч.: Јас ги знаев нив преку списанија од порано и преку Интернет, нормално, така што на почетокот на ’97 направив неколку демо снимки и едноставно им ја пратив касетата, и ја прифатија. Тука имаше една голема случајност, посебно тоа што Руди Кареро работеше во тоа време во „Tone Casualties“. Нему, уште на времето, кога бил во Словенија, некој му дал касета од „Мизар“. Беше тоа среќен момент бидејќи еве сега ги прашував дали примаат демо снимки. Тие ми кажаа дека немаат време за такви работи, бидејќи дека дури и по сто им доаѓаат неделно. Тоа бил среќен момент, и се поклопил со нашиот момент, им се допаднала музиката.

И.И.: Горазд, ти ми спомна дека тука има стихови од Иван Чаповски – татко ти?

Г.Ч.: Мене едноставно ми се допаѓа неговата поезија, така што земав извадоци.

И.И.: Знаеш, додека ја слушав оваа нумера („До следната војна“), а мора да кажам дека сега за прв пат го преслушувам овој албум со тебе, имам некои слики на луѓе кои со парталчиња бегаат некаде, одат изморени по некои пустини… Какви слики имаше додека ја правеше оваа музика?

Г.Ч.: Во суштина „Кисмет“ прави многу визуелна музика, така што и тоа ми остана уште од „Мизар“, визуелното, она што можеш да го поврзеш со слики, што е многу битно.

И.И.: Кои беа твоите слики додека ја правеше оваа нумера?

Г.Ч.: Јас не размислувам така во суштина, баш е таква песната и самиот наслов така кажува „До следната војна“. Строго е направено, мотивот на темата е јак, сепак секои 50 години се случува нешто многу страшно на овој Балкан, тоа можеби беше основата. Навистина тоа беше причината, на некој начин револт кон сето она што се случуваше.

И.И.: Што е според тебе причината на 50 години (помалку или повеќе) да се случуваат такви грозни работи овде?

Г. Ч.: Мислам дека тоа е политика, и не би сакал да навлегувам во тоа.

И.И.: Мислиш дека е само политика, нема некоја друга приказна?

Г.Ч.: Тоа е една историска работа која се повторува на секои 50тина години, се колат меѓу себе, и навистина е време да се прекине со сето тоа, но сепак не би навлегувал во тоа.

И.И.: Некаде во ’81 се роди идејата да го правите Мизар, заедно со Ристо Вртев. Што имавте на ум со првиот Мизар, што сакавте да направите во тој момент?

Г.Ч.: Морам да кажам дека тука имаше огромно влијание од Ристо, тој беше идеен водител, лидер на бендот, ги пишуваше всушност сите песни, така што мислам дека тоа ми еден од најдрагите периоди, и мислам дека имав среќа како мал да запознаам еден таков човек, да научам некои работи во врска со уметноста. Едноставно Мизар – првото откровение такво какво што беше, ги постави темелите на тој урбан звук, на еден нов стил. Дарк, мрачен стил.

И.И.: Она што е поврзано со „Мизар“, а е актуелно од пред неколку месеци „најдоброто од Мизар“, на еден CD што се појави на продажба. Што мислиш за тоа?

Г.Ч.: Мислам дека се работи тука за заштита на авторски права, тоа е пиратски албум, ништо друго не би додал тука. Лошо сниман, лошо спакуван, и едноставно мислам дека никој нема право да објави песни кои што не се негови.

И.И.: Како ќе го решите тоа?

Г.Ч.: Да работеше правосудството овде добро… На Запад за вакви работи се лежи 20 години во затвор и после кога ќе излезеш нема да ти текне да се занимаваш со музика. Но, колку што гледам јас тука не функционира судството и сите тие легални системи… Јас ќе ги судам, ама има време за тоа.

И.И.: Имам тука пред мене неколку списанија кои што се многу битни во светот на музиката. Едното е од САД, другото е од Велика Британија и ова последното е од Германија. Во Германското списание има осврт за “Wake Up Gods”, која е сместена меѓу другите, за познати групи. Може да се види дека Tone Casualties многу интересно ве рекламираат. Еве тука се вели дека: ‘ова е музика за следниот милениум’

Г.Ч.: Мислам дека тоа е дел од американската пропаганда, во секој случај добро е што нè спомнуваат и што сме таму.

И.И.: Веќе имате страница на Интернет, е-пошта адреса… Како ти се чини отворањето на Интернет како медиум за презентација, комуникација на она што е дел од нечија креација?

Г.Ч.: Интернет воопшто, cyberspace, е фантастично нешто. Штета што Интернет немавме во осумдесеттите, целата работа ќе се одвиваше поинаку. Зборувам од аспект на Мизар, многу полесно ќе го пробиевме светот. На пример во Америка веќе воопшто не се купува плоча од продавница, сето тоа оди преку Интернет…

И.И.: Како се чувствува овој Горазд денеска кога ќе го погледне оној Горазд од пред 17 години?

Г.Ч.: Исто се чувствувам, искрено кажано.

И.И.: Кога на турнеја, скоро?

Г.Ч.: Да, сега во октомври одиме на турнеја во Америка.

И.И.: Освен тебе и Илија, кој друг ќе оди?

Г.Ч.: Ни фали тапанар, имаме во план некого, па ќе видиме. Сигурно ќе биде некој од Македонија, не дека нема луѓе, можам да најдам од Америка, од Мелбурн, ама ни се свири повторно со некој од Македонија.

И.И.: Во списанијата, тука во рекламите покрај “Wake Up Gods” се наоѓаат имиња многу познати во електронската музика и во industrial music. “Wake Up Gods” е премин на нешто што е денеска би рекол многу е во тренд, електронска музика, техно…?

Г.Ч.: Не можам да се сложам дека има техно, тоа не е чист електронски албум. Значи, електронска музика измешана со акустика. Сето она што е инструмент: гитари, тамбури, зурли, тапан… Го свириме ние, не користиме многу семплови, што е многу битно. Таа семплирана електроника и електроника сама од себе не ја сакаме. Техно? … Умре тоа веќе одамна.

И.И.: Кажи им го тоа на луѓево.

Г.Ч.: Им го кажувам, нема веќе техно, мртво е тоа од одамна.

И.И.: Кажи ми што правиш додека си во Мелбурн?

Г.Ч.: Како мислиш што правам… Па, еве сега купив опрема за снимање, така што главно со тоа се занимавам.

И.И.: Одиш ли на некои од концертите, живи свирки…?

Г.Ч.: Одам и на некои од концертите, живи свирки… Portishead, одлично звучат во живо, стара група, нема семплови, употребуваат стара опрема од 50тите, 60тите години, во живо свират, онака баш сè е убаво, развлечено, за разлика од албумите…

И.И.: Што е она што од новите бендови ти се допаѓа најмногу?

Г.Ч.: Од новите… На радио што ќе фатам понекогаш… Marylin Manson, Industrial American… Чисто онака ме интересираат, не дека нешто се трескам по нив, ги слушам чисто информативно, да видам како звучи сето тоа.

И.И.: Песната Ортома. Некои од текстовите се напишани на македонски а некои на англиски?

Г.Ч.: Јас англискиот го користам доста често во вокалите. А сите вокали се третирани како инструмент, дел од амбиентот, така што јазикот и не беше битен. Ми беше ќеф да пеам на англиски. Така следниот албум ќе биде само на македонски јазик и текстовите ќе бидат многу побитни.

И.И.: И на претходните албуми имаш свои текстови. Како ги поврзуваш текстовите со музиката, што доаѓа прво и што е она на што мислиш кога ги пишуваш текстовите.

Г.Ч.: Јас чисто од тој аспект на текстовите не обрнувам многу внимание. И претходно кажав дека вокалите ги третирам како дел од амбиентот, гледам да звучи и – толку.

И.И.: Не е практика да се зборува за нешто што не е завршено, но сепак како би изгледале текстовите за следниот албум, која е пораката што ќе ја носат тие текстови…?

Г.Ч.: Сè уште не знам. Знам дека ќе има пет љубовни песни (love songs) и пет – песни на одмазда (revenge). Во тој концепт ќе биде направено. Стилски не знам како ќе звучи, сега сè уште правам демо снимки. Ќе има електроника, но ќе има и жива свирка, енергијата што може да ја даде жив човек. Сета таа електроника веќе по малку здосадува.

звучни записи

2018-08-21T17:22:13+00:00 јануари 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 06, Звук|