Интервју со Ван Вилкс

/, Звук, Блесок бр. 19/Интервју со Ван Вилкс

Интервју со Ван Вилкс

Во Остин, Тексас, град познат по своите одлични гитаристи, Ван Вилкс отсекогаш се смета за еден од најдобрите. Неговиот талент како гитарист и водач на бендот му овозможија да се здобие со признанија на критиката и редица почести од кои круната беше неговиот прием во „Тексашката сала на славните“, покрај легендарните музичари од таа држава.

#1Во својата трета декада како водач на виталната музичка сцена на Остин, Ван Вилкс „продолжува да создава жежок гитарски рок“, вели списанието „Остин Кроникл“, создавајќи музика во која се препознаваат неговите блуз корени комбинирани до крајни граници со фанкот, хард рокот и поп аромите. Неговиот талент за правење исклучителен, тежок, со блуз обоен рокенрол го „натера“ соработникот на престижниот англиски „Керанг! Магазин“ да ја прогласи за ремек дело плочата на Ван Вилкс „Солзите на Бомбај“ во издание на „Меркјури“.

Неговиот бенд познат исто така под името „Ван Вилкс“ ги освои првите места на различни рангирања, како на списанието „Остин Сан“ (Најдобар бенд на годината), „Остин Кроникл“ (Најдобар хард рок бенд четири години по ред) и други. Прогласен за „совршен премин помеѓу Џими Хендрикс и Ван Хејлен“ од списанието „Остин Американ Стејтсмен“, Ван Вилкс правеше турнеи со имиња како „ЗиЗи Топ“ (чиј водач Били Гибонс е еден од неговите најголеми почитувачи и фанови), „Харт“ и многу други.

Најновото ЦД на Ван Вилкс насловено како „Засолниште на Коко“ се здобива со одличен прием на фановите од целиот свет, потврдувајќи ја неговата репутација. Ван е навистина „она вистинското“!

—————————————–

Ова е неговата приказна за „Блесок“, раскажана на Васја Ивановски:

#2Почнав да свирам некаде во времето на таканаречената „британска инвазија“ 1963-64 кога „Битлси“ и други групи од Велика Британија ја „освоија“ Америка. Тоа беше мошне значаен период во историјата на музиката. Мојот вујко имаше продавница за музикалии и настапуваше со години во „кантри“ бендови во Лабок, Тексас. Тој беше голема инспирација за мене со приказните за личните познанства со Бади Холи и Рој Орбисон. Татко ми свиреше виолина, а колку што паметам, и некои други роднини се занимавале со музика.

Најраните музички влијанија ги лоцирам во англиските групи: пред сè, тука се „Битлси“, „Крим“, „Јардбрдс“, Џеф Бек и „Лед Цепелин“. Се разбира, тука треба да се спомне и Џими Хендрикс. Англиските групи го свиреа стариот американски блуз со голем ентузијазам, тие ни ги отворија очите, а јас многу го сакав тоа.

Блузот и рокот се основа на мојата музика. Јас не читам ноти, едноставно свирам од срце и со душа. Инаку, слушам секаква музика.

Мојата сценска опрема ја сочинуваат 2 засилувачи марка „Пиви Класик 50 Вати“ кои исто така ги користам и во студиото. Имам и 100 ватен „Маршал Супер Лид“ со 2 кабинета 4х12. Овој засилувач го купив во 1971 година и за него сметам дека претставува „Свет Грал“ за сите засилувачи! Поседувам и еден мал засилувач „Маршал 12 Вати“ со звучник од 30 см кој многу ми се допаѓа, а го добив како подарок од Били Гибонс (“ЗиЗи Топ“).

Што се однесува до гитарите, тие ми се слабата точка! Никогаш не ми е доволно од гитари. Во моите „главни“ гитари би вбројувам: „1868 Гибсон Лес Пол“ (црна убавица!) која ја купив нова, така што секоја гребнатинка на неа е од мене. Потоа тука е „1957 Фендер Стратокастер“ (модел „Мери Кеј“)… мошне редок примерок. Имам и рано изработена гитара „Скроктон Ларктамер“ која исто така е подарок од Били Гибонс. Моето име е изгравирано на вратот на оваа гитара. Би ги спомнал и „Епифон Касино“ и „Сератон“. Покрај овие, ги сакам и гитарите од класата „ѓубре“ како „Теиско“ и „Норма“. Што се однесува до акустични гитари, тука се пред сè „1941 Мартин 0-18“, потоа „1929 Национал“ и новата „Тејлор 614 ЦЕ“.

Уживав во настапите со Бо Дидли, Ерик Џонсон, Стив Морс, Били Гибонс, Ед Кинг (“Линард Скинaрд“). Секој гитарист е влијателен на свој начин, а јас „крадам“ од најдобрите!

Среќен сум кога гледам дека блузот ги допира помладите генерации. Мило ми е кога млад музичар, особено гитарист, им оддава почит на старите мајстори кои го започнале сето тоа. Никогаш не би можел да предвидам каква ќе биде иднината на музичката индустрија. Ми се допаѓа фактот што младите музичари добиваат можност за добра промоција, тоа е добро за музиката воопшто. Единствено се плашам да не „изгорат“ премногу брзо.

Што се однесува до семејната состојба, жена ми се вика Ким, немаме деца, но го имаме Коко, нашиот прочуен мачор!

Омилени гитаристи на сите времиња? Тоа е тешко прашање! Сепак, Џими Хендрикс, Питер Грин, Ерик Клептон, Џони Мичел (поради нејзините уникатни „штимови“), Џанго Рајнхарт, Џон Ленон, Кит Ричардс, Лио Котки и многу, многу други.

Омилени плочи? И тоа е многу тешко, но сепак тука се “Electric Ladyland”, “Sgt. Pepper”, “Muddy Waters At Newport”, “Then Play On” (Fleetwood Mac), “Truth” на Jeff Beck, ова е премногу! Исто така и “Axis Bold As Love”.

На концертите свирам нешто од Џими Хендрикс (“Stone Free”, “3rd Stone From The Sun”), Фреди Кинг, Питер Грин и сè што во моментот го налага расположението!

Овие денови работам на нов материјал, но сè уште не знам кога ке биде издаден. Планирам да направам и ЦД со концертни снимки, бидејќи тешко е таа атмосфера да се создаде во студиото.

Покрај сопствени снимки, имам направено многу „локални снимки“, најчесто со Багс Хендерсон, со него ја снимивме песната „Хонки Тонк“ со „помош“ на Џони Винтер, Џими Вон, Вили Нелсон и други.

Мило ми е што мојата музика може да се слуша и во Македонија. На вашите љубители на блузот им порачувам: „Слушајте гласно!“. Им благодарам што слушаат тексашки блуз и рокенрол и се надевам дека еден ден ќе дојдам кај вас!

извадок од албумот “Koko’s Hideaway”

2018-08-21T17:21:58+00:00 февруари 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 19|