ИНТЕРВЈУ: Кокан Димушевски

/, Блесок бр. 119/ИНТЕРВЈУ: Кокан Димушевски

ИНТЕРВЈУ: Кокан Димушевски

Сакам кога сум во несигурни длабоки води


– Како гледаш на ЛЕБ И СОЛ денес? Дали за тебе тоа поглавје е завршено?
ДИМУШЕВСКИ:
 Дефинитивно. Знаеш ли што беше последниот албум со ЛЕБ И СОЛ – „И така натака…“? Тоа, според мене, беше продолжението на „Рачна работа“. Ова е таа музика што требаше да дојде по него. Во тој правец требаше да се движи ЛЕБ И СОЛ. Затоа и се растури ЛЕБ И СОЛ. Еден тегнеше кон современата музика, кон џезот, кон џез-рокот… друг кон зафирхаџимановската музика, за пеење, кон рокенролот… идол му беше Горан Бреговиќ и влечеше само кон некои народни мотиви… и така се растури енергијата. Сите почнавме да размислуваме само со својата глава, да не ги слушаме останатите… и ја снема магијата. За мене најдобриот албум на ЛЕБ И СОЛ е третиот, значи „Рачна работа“ објавен за ПГП РТБ во 1979 година. По него доаѓа „И така натака…“. Ова што го кажувам е можеби од суета, но ми се чини дека е сепак доволно музиколозите да направат анализа за музиката, за аранжманите, за тонскиот запис, за целата приказна… како е сето тоа направено и да дојдат до некој свој заклучок. „И така натака…“ е еден од најозбилните, најсозреаните албуми на ЛЕБ И СОЛ. И тој требаше да биде албумот број четири на групата. Тие го прескокнаа тој пат и почнаа да се бават со нешто друго. Затоа и си заминав од ЛЕБ И СОЛ. За мене немаше веќе предизвик таму. Имаше возбуда на првиот и на вториот албум. На нив имаше луди идеи, со третиот албум мрднавме уште понапред, за да потоа тие да се вратат на самиот почеток.

– Каде сега себе како автор се гледа Кокан Димушевски? Што е она што би му било најдраго, највозбудливо да го работи? Сигурно не би се вратил на нешто што останало зад тебе – на посегањето по традиционалната музика, експериментите каков што беше албумот „Окто ехос“…и слично.

ДИМУШЕВСКИ: Кога станува нешто „модерно“ јас бегам. Јас од етното избегав одамна. Има многу бендови кои не знам зашто се плеткаат со традицијата. Оригиналите се одлични. Ако воопшто земаш некој цитат и сакаш нешто со него да сториш, тогаш направи го по своја мерка. Направи да живее во 21 век, но гледај да не го расипеш. Обиди се тој сега да стане оригинал. Немој да се плеткаш онаму каде што не ти е местото. Што ако сега земеме електронски инструменти, гитари, синтисајзери… и ајде сега ќе почнеме да пееме од народните песни. Зошто. Оригиналот секогаш е најдобар ако не го изместиш на вистинскиот начин. Што ми значи мене „Јовано, Јованке…“ и како сега би ја направил. Не е работата да си во тренд. Суштината е да го измислиш трендот. Јас сакам кога сум во несигурни, длабоки води. Ако пливаш во сигурни води се опушташ и не те бива. Сакам предизвик каде не сум сигурен. Моментално работам на големи и тешки проекти. Не смеам да зборувам за нив оти има многу неизвесности, но во едниот во фокусот ми е Достоевски. Се обидувам да го „озвучам“ Достоевски, мојот омилен писател. А дојде лето јас повторно ги листам неговите книги. По сто пати ги препрочитувам. Тоа ми е летната шема. И сега се обидувам да го преточам во музика неговото дело.

На што ќе личи таа музика? На Достоевски може да се залепи и Мајлс Дејвис, можам и јас, може и Васка Илиева со некоја мелодија… ама дали е тоа тоа. И сега јас трагам по нов израз. А, тоа е најтешкото. Сѐ е направено. Информациите се пренесуваат со молскавична брзина. Ќе направи некоја композиција, ќе кликнеш на интернет… и гледаш дека некој таму во Индија тоа го пнаправил уште пред месец дена. Ниту сте се чуле, ниту се познавате. Енергиите не се контролираат. Во исто време на различни места има исти или слични мисли. Тоа ми се случи 1979. Направив со моите тогашни скромни сајзери електронска музика и го снимивме тоа во МРТВ, во студио 6. Четири години подоцна излезе „Oxygen“ на Жан Мишел Жар… Материјалите со датум и со сите потребни информации се заведени во Фонотека. Земи ја плочата и дојди да ги споредиме. Тоа е толку слично што навистина ме боли. Арно ама не можам ништо да „направам“ бидејќи тој е големо име, а јас едно „композиторче“ од скопско Тафталиџе. Тој можел да ме чуе, но не и јас оти тоа сум го снимил скоро половина декада пред неговата објава. Неверојатно, но мислам дека енергиите во едно различно време на различен простор се исти. И, сега ти можеш да ми кажеш „Лажеш мајсторе!“, а сето тоа си има архивски печат и заведено е по сите правила и прописи.

Знаеш ли уште колку прозорчиња треба да отворам? Уште многу. Има многу вистина во онаа констатација: Сега знам дека ништо не знам! Значи, апсолутно сум збунет. А доволно научив. Доволно знам. Дури и премногу за музика. Ама гледам дека дури и не сум го начнал почетокот во учењето на музиката. Учењето нема крај. И секогаш сакам да отворам нови видици, нови прозори. Уште од 18 години кога почнав да живеам сам, ја напуштив онаа комфорна зона. Луѓето обично тоа го бараат – да бидат комфорни. На свој терен. Значи ако пишувам аранжмани за „Макфест“, да сакам да го правам тоа цел живот и да плачам, да рикам ако ги снема. Демек едно нешто сум научил и сега тука ќе се движам. Не, јас сакам да има предизвик. Напишав две песни за Макфест, тие победија и толку…одиме натаму. Исто и со аранжманите за Биг-бенд. И тоа го научив, го правев и доста е. Еве сега напишав балет. Освоив награда. ОК. Сега немам ниту идеја ниту амбиции да компонирам друг балет.

АвторЉупчо Јолевски
ФотографијаТатјана Ранташа
2018-09-20T12:42:19+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Звук, Блесок бр. 119|Tags: |