ИНТЕРВЈУ: ГОРАН ТРАЈКОСКИ

/, Звук, Блесок бр. 117/ИНТЕРВЈУ: ГОРАН ТРАЈКОСКИ

ИНТЕРВЈУ: ГОРАН ТРАЈКОСКИ

ИНТЕРВЈУ: ГОРАН ТРАЈКОСКИ


Зад нас е годината во која потпиша две концептуално различни албумски објави – лиричниот „На светот убавина“ и громкиот „Тешкиот глас на новите химни“. Од каде потребата кај тебе како автор сето она што си го носел во себе на ваков еден начин да го изнесеш на виделина?

ТРАЈКОСКИ: Првата идеја беше да направам двоен албум со 10 исти песни во различни аранжмани… како што четири можат да се видат на овие две изданија. Но, едноставно немав сили да го направам тоа и тешко ќе ми одеше промоцијата на истото. Двојни проби со два различни оркестри, бендови… Работите се наместија на таков начин да мојата матична куќа, Македонскиот народен театар ми понуди да објавам носач на звук со театарска музика. Го направив прво тоа, па потоа го објавив овој рок албум наречен „Тешкиот глас на новите химни“. Станува збор за материјал којшто е напластен во изминативе десеттина години. Сѐ што работев во тој период по распадот на АНАСТАСИЈА беше под други имиња. Бев во уште едно од откровенијата на МИЗАР, нешто потоа се случи и проектот „Циркус Еуропија“, патував по Германија и по Европа свирејќи со Александар Велјанов и неговиот бенд DEINE LAKAINEN, чии корени следуваат некаде три децениии наназад, тука е и заедничкиот зафат со Елена Христова што го насловивме БИОСКОПИЈА… и сето тоа беше со некое друго име или каде носител беше некој друг. Оттаму излезе дека годинава практично се појавувам со две мои изданија. Значи, ете во една година објавив два „дебитантски“ албуми во прво лице еднина.

Обата се направени спонтано, како резултат на насобраниот материјал од безмалку цела една декада. Инаку, постојано работам на театарски претстави и правам музика за неколку проекти годишно. Тоа е огромен материјал, кој е правен наменски и треба да послужи на театарската претстава, која е како соборен проект на повеќе луѓе, а музиката е само еден од чинителите во проектот и затоа не е најпогодна за објавување во изворниот, театарски облик, но одреден дел од тие идеи, од тие парчиња ги дооформувам со текот на времето и потоа ги објавувам.
Конечно можам да кажам дека се чекаше долго, но се исплати.

На пошироката јавност малку и е познато дека во истата година беа публикувани на винилски плочи снимките на ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА и оние на уметничкиот колектив АПОРЕА на кој е повеќе од бележито твоето авторско кредо? Станува збор за случајност или ….

ТРАЈКОСКИ: Коинциденцијата со објавувањето на тие два албума со снимките од ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА и на АПОРЕА е случајна бидејќи и иницијативата за обете изданија не ја водев јас туку некои други луѓе од различни земји и места. Тие ја правеа и самата екзекутива. Тоа одеше вон мене. Коинциденција е што се случи во иста година, во исто време. Не беше ниту мој план, ниту замисла, ниту концепт. Едноставно така работите се згодија.

ПреводЕлизабета Баковска
2018-09-25T13:16:39+00:00 јануари 3rd, 2018|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 117|