За македонската вокална традиција

/, Блесок бр. 09, Звук/За македонската вокална традиција

За македонската вокална традиција

Класификација на Македонските народни песни:

Многу научници (фолклористи, етномузиколози, итн.) на почетокот на овој век се обидувале да ги класифицираат македонските народни песни според нивната содржина и „карактерот“ (Вук Караџиќ-српски фолклорист: ја класифицирал македонската вокална традиција генерално на епски-машки и лирски-женски песни) или според функцијата и намената на песната (во најголем дел од збирките на народни песни објавени пред 1950 година се среќава класификација на: семејни песни, печалбарски, свадбарски, комитски песни, и сл.). Една од генерално најприфатените класификации е онаа на Миодраг Васиљевиќ (исто така српски фолклорист), кој ја поделил македонската вокална традиција на календарски и некалендарски народни песни. Тој смета дека песните од двете категории може да припаѓаат кон сите годишни циклуси. Така типични календарски песни од зимскиот циклус се коледарски, василичарски, водичарски, и сл. (терминот „календарски песни“ ја укажува прецизната врска со некои датуми во годината). Пролетен циклус: лазарски, велигденски, ѓурѓовденски, итн.; летен циклус-помал број на календарски песни: иванденски, петровденски. Календарски песни од есенскиот циклус-скоро и да не постојат. Во некалендарски песни (неповрзани со определен датум) спаѓаат: свадбарски, седенкарски (најчесто во есен при работа во домот како лупење пченка, нижење тутун, ткаење, предење, и сл.), жетварски, додолски, итн. Печалбарските и револуционерните песни од времето на НОБ спаѓаат во поновите некалендарски песни.

Број на гласови во македонското народно пеење:

Македонската вокална фолклорна традиција главно се дели на едногласна и двогласна. Едногласното (монофоно) пеење може да се изведува од машки, женски или мешан вокален ансамбл (состав). Индивидуалното едногласно пеење е најтипично за моменти поврзани со раѓањето, смртта (тажачки песни) и со некои други прилики врзани со човековиот живот, на пример при одредена индивидуална работа (собирање дрва, чување добиток, пасење овци и слични прилики). Колективниот ансамбл исто така може да изведува едногласно (монофоно) пеење, во рамките на чист (машки или женски ансамбл) или мешан (и мажи и жени истовремено) состав, иако вториот е доста поретко застапен и датира од поново време. Во таквите случаи звучната слика е поразлична од вистинското едногласно пеење, поради звучењето на паралелни октави. Македонското едногласно пеење е претставено и преку постарите и преку поновите народни песни, т.е. Тоа е застапено низ целиот развој на вокалната традиција.
Сепак, повеќегласното пеење во Македонија е потипично од едногласното. Тоа посебно се однесува на двогласното бордунско пеење, кое претставува една од најбитните карактеристики на постарата традиција во некои македонски региони. Бордунската традиција израснала во времето на паганската историја, претрпувала многу влијанија од вкрстувањата на разни народи и култури, а особено со прифаќањето на христијанската религија на Словените. Се изведувала одвоено: само мажи или само жени. Двогласното бордунско пеење се базира врз принципот на придружба на еден тон: еден пејач (пејачка) ја изведува мелодијата, додека останатите го придружуваат водечкиот глас на финалниот тон, пеејќи на истиот текст и во истиот ритам (ретко без текст и ритам, на неутрален слог-пример: вокал „а“). Нешто слично се сретнува и кај инструменталната музика. Според предходното кажано, двогласното бордунско пеење е потипично за жените како резултат на нивниот социјален статус во минатото и поделбата на трудот (на работните задачи). Машкото бордунско пеење е ретко, иако во Тетовско-Гостиварскиот регион е типично како посебен стил, многу сличен на женското тетовско бордунско пеење.
Двогласното пеење подразбира еден водечки глас и еден бордунски тон. Тоа е скоро секогаш поврзано со антифониот начин на изведување-наизменична (респонзоријална) изведба од страна на групи од по три пејачки, од кои главната (секогаш во центарот на групата) го пее водечкиот глас, додека другите две го пеат бордунскиот тон. Бордунот како педален тон може да се јави во неколку варијанти: статичен (само на еден тон-најчесто финалис), подвижен (повремено отстапува од финалисот, на пример на субтониум), ритмички променлив или непроменлив.
Двогласното пеење може да се сретне и во форма на делумно пеење во паралелни терци. Но ова секако се однесува пред се на градските песни, или поновите селски со силно градско влијание.
Трогласното пеење кое потекнува од Костурско во Егејскиот дел на Македонија се состои од еден водечки глас, еден имитирачки (двата во надолна мелодиска линија) и еден бордунски тон. Најверојатно македонското население од Костурско го преземале трогласниот вокален стил од староседелците на Балканот, т.е. Албанските Тоски и Власите. После Грчката граѓанска војна во 1948 и големите миграции на Егејските Македонци, Костурчани се наоѓаат расеани низ светот (Република Македонија, некои оази во Пиринска Македонија во Република Бугарија, потоа Романија, Чешка, итн.), а трогласниот костурски стил претставува реликт избледен во сеќавањата на постарите генерации.

Метарот и ритамот во македонскиот музички фолклор:

Метрички обрасци што се сретнуваат во македонскиот музички фолклор се: рамноделни, нерамноделни, слободни и разни комбинации од предходните.

Рамноделни. Од сите рамноделни метри во македонските народни песни најшироко застапен е дводелниот 2/4-ски, и тој е балансиран со различноста и богатството на музичките реченици. Особено е чест во орските песни. Троделните рамноделни метри 3/4, 3/8, или 9/8, скоро и да не постојат, освен во некои понови градски песни што израснале под влијание на странски романси, танци, и сл. Постојат мал број примери на троделни метрички обрасци што датираат од крајот на минатиот век, кога Балканското население воглавно почнало да ги зајакнува комуникациите со западна Европа. Сепак, тие се присутни во комбинација со други метри. 6/8-скиот метар е типичен само за инструменталната музика. Повеќето народни песни во рамноделен метар (со исклучок на одреден број на 2/4-ски песни, кои се обично орски) се продукт на лирската народна поезија и не се поврзани со танцот.

Нерамноделни метри. Огромен број на македонски орски песни носат метричко обележје како: 7/8, 9/16, 5/16, 11/16, итн. Таквите напеви се особено интересни заради хемиолниот принцип на деливост, во поглед на релацијата бинар-тернар. На пример 7/8 не е седмоделен метар, туку троакцентска структура составена од два бинара и еден тернар, кои взаемно се во хемиолен однос. Хемиолниот принцип (принцип на продолжување на нотната вредност од една на една-и-пол метричка единица) им бил познат на Античките Грци, кои го користеле во метричките обрасци, а ваквата ирационална врска ја позајмиле од нивниот метод на поделба на октавата, каде интервалот на чиста квинта произлегува од врската 3:2, итн. Така, тонската и временската релација се базирале на ист принцип. Но, за ваквите метри не постоел заеднички термин во оксиденталната тонска теорија.
5/16 (2+3) претставува метричка сигнатура за голем број стари ритуални и религиозни песни, особено коледарските песни од Источна Македонија. Другата поделба на 5/16(3+2) не е толку позната на оваа традиција. Но затоа 7/8 (3+2+2) служи како метричка рамка за многу македонски религиозни народни песни (особено понови), па и за орски напеви. Реално, сите метрички варијации во мезурата се можни. Во сите нив 7/8 е троделен метар, со продолжена прва метричка единица (продолжено прво време), на која и припаѓа најсилниот акцент во мезурата. Бугарскиот фолклорист Добри Христов ја нарекол 7/8-ската структура со тернарот на прво време „ритам на македонското оро“ , бидејќи несомнено таа е најблиска на нашиот народ и нашата традиција и тоа важи за секој можен агол на светот каде што живее Македонец; од друга страна, „седморката“ е присутна и кај други, соседни традиции (во модерната грчка и во бугарската народна музика; исто и во турскиот „усул девр хинди“), иако не толку често како во македонската традиција. 7/16 (2+2+3) со последната продолжена единица им е позната на Бугарите, но во многу побрзо темпо отколку македонската 7/8. Така, тоа е веројатно главната разлика помеѓу овие две соседни балкански култури. 9/8 или 9/16 (2+2+2+3) (2+2+3+2) е една исто така често присутна метричка структура во македонските орски песни. Научниците сметаат дека има ориентално потекло. Се сретнува во турската музика под името „аксак“. Деветте еднакви ноти во мезурата не се групирани по троделен образец, туку како четириакцентска структура мезура со продолжена последна метричка единица. Силниот (главен) акцент паѓа на седмата седум, така што се добива претстава дека се работи за 3/8 +3/16. Структурата 11/16 е многу слична со предходно споменатата 9/16; како да е само додаден уште еден бинар пред тернарот (2+2+2+2+3) или на крајот (2+2+3+2+2). Втората структура е почеста. Ваква комбинација е секако теоретска, но факт е дека се сретнува во многу песни во Македонија, иако е помалку честа од другиот 11/16 образец со различна групација.
Уникатни типови на нерамноделни метри во македонската вокална традиција се10/8, 12/16, 13/16, 14/16, 15/16, 17/16 итн. Кои многу ретко се среќаваат.
Структурата 8/8 (3+2+3) на необичен начин е присутен во македонската фолклорна традиција-не како 4/4, туку како нерамноделен образец; покрај некои понови лирски песни, се сретнува и на почетоцоте на песни и ора, кај кои кон крајот забрзувањето на темпото резултира со скратување на последниот тернар и претварање во бинар, па структурата 8/8(3+2+3) од почетокот на напевот станува 7/8 (3+2+2) на крајот!

Слободни метри. Немерливи, не мензурални, рубато. Многу богати и шаренолики македонски народни песни не можат да бидат претставени со некоја од предходно споменатите метрички структури како обрасци. Нивната конструкција, како и интерпретацијата, е во секој поглед слободна. Оваа кадегорија на немензуралност се однесува на епски песни, жетварски, трпезарски, и сл. Мелодиите, обично многу декорирани, се движат во ограничен амбитус, често повторувајќи еден тон од скалата. Слоговите кои не се дел од текстот често се додаваат на почетокот, крајот, или некогаш во средината на музичката фраза. Богатата орнаментација е исто така битна карактеристика на овие песни.

Комбинации на различни мезури. Било која комбинација е можна, но досега нотираните или снимени песни покажуваат најчеста застапеност на следните: комбинации со 2/4, 3/4, 4/4/ и 5/4; потоа: 2/4 + 7/8, 2/4 + 9/16, 4/4 + 5/16 + 9/16, итн. Појинтересни се народните песни кои се потираат на актуелен поетски текст, а музички вклучуваат немензурални секции низ мелодијата која инаку следи дефиниран метрички образец, рамноделен или нерамноделен. Ваквите немензурирани фрагменти (секции) можат да се појават на почетокот или на крајот на музичката мисла, целина; можат да се појават еднаш или повеќе пати.

АвторБранка Бугариска
2018-08-21T17:22:09+00:00 јуни 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 09, Звук|