За македонската вокална традиција

/, Блесок бр. 09, Звук/За македонската вокална традиција

За македонската вокална традиција

Развој на вокалната традиција од социо-историски аспект

Слично на другите народи и култури, македонското народно пеење ги наоѓа своите корени уште во предисторискиот период, кога човекот ги користел рацете за да свири на некои инструменти од дрво, коски, и тн. Овие „примитивни“ музички инструменти биле користени и за придружба на разните ритуални танци. Тоа било време на дифузниот говор богат со многу мелодиски изразни елементи, како што е глисандото, кои имале за цел да ги имитираат животните и птиците пред одењето во лов (како дел од имитативната магија). Втората фаза во разворот веројатно е средниот варварски период од историјата, чија главна карактеристика е појавата на естетското чувство за музиката и нејзиниот посебен пораст тесно поврзан со природната религија и политеистичко-тотемистичките верувања. Најнегуван (како најважен) бил култот кон плодноста на луѓето, животните и птиците, земјата, итн. Племенскиот начин на живеење бил заменет со систем во кој доминирале патријархалните закони на заедницата. Природната поделба на трудот помеѓу половите во тој период била причина заради која жените останувале повеќе во домот грижејќи се за децата и фамилијата. За тоа време мажите се грижеле за потешките земјоделски задачи. Тоа им овозможило на жените повеќе време и слобода да воздигнуваат и слават различни култови, да изведуваат ритуали и да се молат за плодност и здравје на фамилијата, но и на стоката.
Во хронолошки рамки, најстарите народни песни се најверојатно работничките песни. Вториот период во историјата на развојот на вокалната традиција е времето кога предходните работни песни станале независни од самиот работен процес, односно почнале да се изведуваат и во врска со разни други активности. Следната фаза е периодот на новите пеачки можности-песни за емоциите: песни за раѓањето и смртта, како и љубовната лирика. Тоа исто така било и време на практичната егзистенција на епската јуначка песна, како и ритуалното пеење за повикување на дожд, и други пагански ритуални опевања. Сево ова се женски песни кои се изведуваат колективно (освен индивидуалните: приспивните и тажачките песни).
На почетокот на минатиот век социјалната ситуација на македонската градска популација почнала да се менува; во услови на турско владеење на Македонците им било дозволено да се занимаваат со занаетчиство, што предходно претставувало привилегија само на турските окупатори. Не долго после тоа, Македонците почнале да се занимаваат и со трговија, па континуирано и бројот на интересентите за едукација се зголемувал. Со други зборови, доволен податок за општата слика на градската култура на Македонија во тоа време (крај на 19 и почеток на 20 век) е фактот дека интензивната комуникација влијаела врз Македонците да живеат со сите современи збиднувања и настани што ги карактеризирале другите европски, па и светски народи. Тоа не биле само трансформации во економското и културно живеење во Македонија, туку таквата состојба влијаела и врз формирањето на националната свест. Други промени што уследеле: еднаквост на улогата на мажот и жената во социјалниот живот во македонската градска култура; нови носии и нови музички инструменти нетипични за македонската територија, и тоа не од рачно, туку од фабричко производство, кои многу се разликуваат од старите традиционални носии и инструменти; влијание врз создавање на нови музички (вокални и инструментални) мотиви; темите на интересирање (во вокалната традиција) не се само ритуални или религиозни, туку исто така и љубовни, соодветни историски, револуционерни, хумористични, итн.
Македонскиот фолклор што се развил во градските средини поминал низ неколку развојни фази, слично на и развојниот пат на народната музичка култура кај некои соседни народи (на пример: Бугарија, Србија, и сл.). Најпрвин македонскиот народен музичар пеел оригинални странски песни: турски, руски, српски, бугарски, поретко грчки, итн. Потоа се обидувале да создаваат македонски песни врз основа на мелодиските мотиви од соседните традиции; ваквата традиција со тек на времето се претворила во стил со типично македонски карактеристики. Другиот начин на креирање на македонската градска песна е адаптирање на мелодиските обрасци на постарите македонски обредни песни. Но, должни сме да споменеме дека ориенталните и западно-европските мелодиски мотиви се одразиле и во музичката свест на Македонците, која траела се до појавата на авторизираното народно творештво и народниот професионализам на почетокот од веков. Во оваа смисла особено популарна била т.н. Чалгија (посебно во Охрид, како и другите македонскитеградови) која води потекло од истоимениот турски инструментален ансамбл, иако реално немаат многу сличности, освен генерално ориенталниот звук.
Покрај разликата во тематиката (содржината) и функцијата на песните, важна карактеристика на градската во однос на постарата селска вокална традиција се и пошироките амбитуси на се побогатите тонски низи (што неретко содржат и зголемена секунда), сложени метри, развиена мелопоетска структура, итн.

АвторБранка Бугариска
2018-08-21T17:22:09+00:00 јуни 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 09, Звук|