За кого бијат тапаните?

/, Звук, Блесок бр. 16/За кого бијат тапаните?

За кого бијат тапаните?

#7 На самиот почеток чиста фактографија. Време на случување: 15 мај – 5 јуни 2000. Место: Скопје (читај: најживописните и акустично најподатливите отворени сцени во градов – Куршумли ан и Матка). Учесници: Џиван Гаспаријан (Ерменија), ЈОНА (Франција), ЗУКО 103 (Холандија) Рос Дали (Ирска – Грција) и домашните ПЕЦЕ АТАНАСОВСКИ ОРКЕСТАР, БЛА БЛА БЛА, ФОЛТИН и ПРЕЧИСТА. Изложби: Роберт Калајџи – артефакти, Драгољуб Николовски – фотографија, Борис Петровски – техно платна, Ричард Милошевски – графика. Одложувања: Окај Темиз (Турција). Просечен број на посетители: околу 500. Број на продадени влезни билети:?! Медиумска промоција: сосема солидна. Организатор на Фестивалот: Здружение на граѓани НОВА ЕРА. Иднина: СОСЕМА ИЗВЕСНА!
#6 И, толку со редењето факти што горе – долу можат да ја доловат посакуваната слика за New Age and World Music festival, покрај веќе етаблираниот SKOPJE JAZZ FESTIVAL и SYNTHESIS – Фестивал на нова музика, уште едно од оние случувања кое упатува на констатацијата дека сепак не сме и не треба да бидеме последното (само)заборавено село од планетава Земја. Дефинитивно материјалната сиромаштија нималку не треба да подразбира и сиромаштија на духот! Затоа, во прилог на пожелуваното идно и останатите напред во иднината успешни изданија на Манифестацијата, следниве белешки.

#4 Здружението на граѓани НОВА ЕРА (читај: Горан Таневски и група ентузијасти), по неколкугодишното прежвакување на идејата за фестивал што не би робувал на звучната стереотипија, конечно го обистини сонот. Бевме сведетели на умно срочена програма и серија на концертни настапи што ќе останат за прикажување. Го чувме големиот инструменталист и народен уметник на дудук Гаспаријан и неговите придружници, пловевме на крилјата на звукот заедно со Дали, ПРЕЧИСТА и ОРКЕСТАРОТ ПЕЦЕ АТАНАСОВСКИ, танцувавме со ЗУКО 103, БЛА БЛА БЛА, ФОЛТИН, ЈОНА… Кон ова некој веројатно ќе забележи дека понудата не соодведствува со прокламираното име на Манифестацијата (во што генерално има вистина), но конечно зарем на самиот старт на развивањето на идејата треба да се бараат влакна во јајцето? Згора, стои и помислата дека програмата веројатно боледува и од тајмингот на уметниците, со што фестивалот се развлекува на подолг временски период што може да биде контрапродуктивно, но ако се има на ум и фактот дека на овој начин е оставен простор за себепронаоѓање во месецот во кој барем формално (суб)културната понуда е очебијна, а реално (за ЖАЛ!!!) безмалу и како ништо да не се случува (?!). Единствено, во случајов, и покрај постојниот (каков-таков) буџет за Фестивалот, оправдание не може да се бара (а камоли да се даде) за откажувањето на концертот на Окај Темиз (познавачите на музиката на споменатиот можат да се заколнат дека тоа ќе беше врвно доживување), практика што нималку не е својствена за добрите фестивали, а што претпоставка е дека сосема добро му е познато на Организаторот и истото нималку не кореспондира со неговите прокламирани амбиции.
#5 И, ако сево забележано е она што може да се упати на одредена конкретна адреса и така да изпровоцира ваква или таква реакција, останува и натаму болната констатација дека безмалку милионското Скопје нема доволно критична маса за следење на условно именуваните некомерцијални случувања, факт што доволно говори за писменоста на како што знаеме да се испрсиме најмузикалната нација(?!). Дури и во случајов, како и икс-пати порано, неизразеното љубопитство на главноградските фаци и останатите љубители на уметноста и редовните културни конзументи, упатува на заклучокот дека остана се помалку простор за вистинските вредности. Затоа, потписникот на овие редови во свое име и во името на сите оние мохиканци кои и натаму ќе се држат до сопствените поимања на нештата (посебно звуковноста низ времето) може да каже дека како мало дете се радува на пројавениот ентузијазам и напорите на реалноста во која битисаме да и се даде и понаков смисол. Од таму, не обзирањето кон горе поставеното прашање го поима како насушна потреба која ќе го крепи до следнава ваква или токму оваа Манифестација. Затоа едно големо добредојде за промовираниот New Age and World Music Festival!

звучни записи

2018-08-21T17:22:03+00:00 август 1st, 2000|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 16|