Ехото на светлата гитара

/, Блесок бр. 09, Звук/Ехото на светлата гитара

Ехото на светлата гитара

(Tom Petty and The Heartbreakers – “Echo”, 62′, Warner Bros, 1999)

#1 По објавувањето на мега хитот „Последниот танц на Мери Џејн“ (Mery Jane’s Last Dance) во 1993 и компилацијата што го следеше, беше објавено распаѓањето на бендот на Том Пети (Petty) – The Heartbreakers. Една година подоцна, Пети се јави со соло албумот „Диви цвеќиња“ (Wildflowers), и тогаш си беше дефинитивно. Или, барем така се чинеше. Сега, кон крајот на првата половина на 1999, нов албум на Том Пети, заедно со неговиот бенд. Сега веќе ништо не е дефинитивно, освен едно нешто – Том Пети се врати на сцената, држјеќи ги сите конци в рака. За што станува збор: „Ехо“ е продолжение на „Дивите цвеќиња“ по многу нешта. Најмногу по атмосферата/аранжманите. Пети е еден од ретките вокалисти коишто можат да си дозволат да пеат донекаде развлечено и притивнато, а при тоа да не звучат блуткаво. И, тука е неговата лесно препознатлива и – ќе се дрзнам да ја именувам – светла гитара. Како летно изгрејсонце.
За какво ехо станува збор? Можеби за веќе споменатото надоврзување на Wildflowers, но тоа е прелесен одговор. Она што овде го сретнуваме, дами и господа, е ехото на рокот и пот-рокот од втората половина на 70-тите до крајот на 80-тите. Впрочем, првиот сингл (промовиран и на www.mp3. cоm) “Free Girl Now” по многу нешто потсетува на некои од хитовите на Tom Petty and The Heartbreakers од крајот на 70-тите. Разликата е повеќе во продукцијата отколку во пристапот. Ако се пренебрегне фактот за двете децении помеѓу, што резултираа со зацврснување на бендот и самиот музички израз, ова дефинитивно е ехо на дел од квалитетната музика на минатите дваесет години.
Пријатно изненадува бројот на нумерите; ги има петнаесет, за нешто повеќе од час слушање. Се чини дека Пети и бендот сакаат да го надоместат пропуштеното. Во тоа успеваат, кога ќе се помисли дека ваква музика недостасувала во изминатите неколку години.
Мои фаворити: “Counting On You”, “Swingin’”, “Echo”, “Rhino Skin”, “Won’t Last Long”…
“Put down your things and rest a while…”, (Остави ги нештата настрана и одмори малку) пее Том Пети во насловната нумера, зборувајќи за тажното ехо што нè опкружува. Можеби излезот од целава оваа збрка на крајот од веков е токму во тоа: во забавеноста и кусиот одмор. И, понекогаш, во реминесценциите на минатите светли моменти. И, секако, во еден ведар поглед за она што понатаму нè очекува. Овој албум тоа го нуди. Треба само да се посегне и да се земе. Топла препорака.


звучен запис

2018-08-21T17:22:09+00:00 јуни 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 09, Звук|