Епско патување со „Оф-фест“

/, Звук, Блесок бр. 90/Епско патување со „Оф-фест“

Епско патување со „Оф-фест“

Заврши уште едно издание на „Оф-фест“. Уште едно епско патување низ некои стари, за нас познати или непознати приказни, раскажани во духот на музичкото совремие. Фестивалот, кој пред 12 години почна со идеја да ни ја презентира т.н. „светска музика“, не само што ја зацврстува концепцијата, туку сега го покажа својот силен одраз во огледалото. Многу публика, можеби и најмногу досега, одлична програма, релаксирана атмосфера, многу аплаузи, среќни лица и дебатирања во кулоарите, се елементите што го красеа и овој „Оф-фест“ кој на различни локации (МОБ, Универзална сала, кино „Фросина“) се одржа од 1 до 6 јуни.
Се разбира, присутно беше и чувството на оддишка, она исто чувство што го имаме и наесен кое се јавува за време на „Скопскиот џез-фестивал“ или на која било добра културна манифестација, чувство кое за миг ве одвлекува од суровата, банална и прагматична политичка и социјална реалност која и без наша волја нè окупира, притиска, а знае и да нè фрли во бездна.
#1 Фестивалот почна со концертот на големата индиска ситаристка Ануша Шанкар (Anoushka Shankar), позната и како ќерка на легендарниот Рави Шанкар (Ravi Shankar). Аплаузите и овациите на македонската публика не ја пуштаа да си оди од сцената. Шанкар и нејзиниот бенд составен од вистински виртуози, ги воодушевија присутните во Универзалната сала презентирајќи го во Скопје мошне интересниот албум „Патник“ (Traveler) – издание кое во себе ги соединува индиската класична музика, рагата, со шпанското фламенко, преполно со иновации и изведувачки експерименти кои произлегуваат од креативниот дух на музичарите.
Отворањето на „Оф-фест“ помина во убава атмосфера. Без некој посебен гламур, црвен килим и видни личности од политичкиот живот. А она што беше најважно е што врвната уметница Анушка Шанкар првпат доаѓа на Балканот, така како што направил и нејзиниот татко, реномираниот индиски музичар Рави Шанкар, кога настапил на „Охридско лето“ во 1977-та, ставајќи ја Македонија прва на неговата концертна агенда за овие простори.
Концертот почна со изведба на традиционална индиска рага која што ја најави самата Анушка, така како што правеше и во понатамошното течение раскажувајќи го патот на музиката на која што моментно ѝ се посветува. Односно, приказната за Ромите кои од Индија се преселиле во Андалузија, всушност за фламенкото кое влече корени токму од најнаселената земја преполна со за нас егзотични бои и мириси, каква што е и музиката на Анушка Шанкар.
#6 Во деновите кога антивладини протести ја тресат цела Турција, кога илјадници луѓе демонстрираат на плоштадот „Таксим“ во Истанбул поради најавено сечење на дрва во парк, во Скопје, на една друга сцена, уметничка, музичка, се случи настап на еден од највиртуозните турски бендови кој, случајно или не, се вика „Таксим трио“ (“Taksim trio”). Тројцата виртуози на своите инструменти, Хусну Сенлендириџи на кларинет (Husnu Senlendirici), Исмаил Тунчбилек на баглама (Ismail Tuncbilek) и Ајтаџ Доган на канон (Aytac Dogan), кои доаѓаат од градот каде што се бакнуваат Истокот и Западот, предизвикаа фасцинација кај бројната публика во Македонската опера и балет на втората вечер на „Оф-фест“, која не само што го исполни и последното седиште, туку и скалилата во салата.
Уште кога стапнаа на сцената, „Таксим трио“ мамеа аплаузи на отворено, а нивните соло мајстории беа проследени со постојани овации, со извици на браво. Очигледно, овој состав кој низ својата музика ја раскажува традицијата сместена во совремието на еден свој уникатен начин, е омилен кај македонската публика. Уште повеќе кај турската популација која живее во Македонија, а која во голем број беше присутна на концертот. Триото „Таксим“, судејќи по насмевките на нивните лица, беа среќни што се во Скопје, што присутните им дарија таква љубов. На крајот, сосема очекувано, музичарите не замижаа пред жестоките немири што ја тресат нивната земја; во таа смисла беше и говорот на Сенлендириџи кој зборуваше на турски јазик, а извадија и знаме со веќе познатата парола “Support us” („Поддржете не!“).
#3 Пред концертот на турското трио присуствувавме на уште еден извонреден настап, на концертната промоција на проектот „Биоскопија“ на македонското креативното дуо – Елена Христова (од „Балкава“) и Горан Трајкоски (екс „Анастасија“), кои настапија со шесточлен акустичен бенд. Очекувано, ова беше концерт за паметење, иако реакциите на публиката беа млаки. Но, музиката која ја создаваат Христова и Трајкоски, не е за широките маси, не е за општите вкусови, туку бара специфични сензибилитети. Концертот донесе вистинска магија, бидејќи и самите композиции кои го чинат албумот на „Биоскопија“ се такви, нудат различни расположенија, иако најповеќе „тепаат“ со тага, меланхолија, па дури и со траурност. Архаичните, лирски, верски, обредни песни, овој пат низ креативните звучни очи на Трајкоски, звучат надреално, силно, но и нежно, треперливо. А, кога на тоа ќе се додаде прекрасниот, моќен и истовремено нежен вокал на Елена Христова, која инспирира и со орнаментиката, како и со енергијата, се случува неповторлива атмосфера.

#4 Во камерна, мирна, топла и тивка атмосфера, помина концертот на интересната словенечка група „Брина“ (“Brina”) кој се одржа во киното „Фросина“ на третата фестивалска вечер. Звуците на хармониката, виолината, тапаните, гитарата, басот и впечатливиот вокал на Брина Вогелник, по која е и именуван бендот, нè понесоа низ разнобојните предели на словенечкото културно наследство, кое уметниците го гледаат на еден навистина необичен и мошне инспиративен начин. Во Скопје, „Брина“ го промовираа нивниот најнов, трет по ред албум наречен „Слечена кожа“, кој наиде на позитивни реакции кај публиката.
#2 Четвртата вечер на „Оф-фест“ беше вечер за танцување. Салата во Македонската опера и балет беше претесна да ги собере сите оние кои сакаа да се забавуваат, да играат и да пеат присуствувајќи на двата извонредни состави кои ни дојдоа од далеку – „Јуниверзити оф Гнава“ (“University of Gnawa”) со главниот вокалист Азиз Самауи (Aziz Sahmaoui) од Сенегал/Мароко, како и октетот „Ондатропика“ (“Ondatropica”) од Колумбија. Очекувано, како што се случува често и на „Скопскиот џез-фестивал“, групите и артистите кои доаѓаат од африканскиот континент за нас се исклучително привлечни поради различната култура што ја носат со себе покажувајќи ја преку музиката со сета своја егзотика и шаренило од звучни бои.
Уште со појавата на лидерот Азиз Самауи на сцената, и неговиот повик до публиката да запее заедно со него и со фантастичниот петочлен бенд, беше јасно како ќе се одвива концертот. Тие направија вистинско шоу и ги натераа присутните да мрдаат со колковите. Нивната музика е допадлива, интересна за широките вкусови, весела е и носи љубовни пораки, како што кажа и самиот Азиз. Она што остави посебен впечаток во сета оваа мешавина од електрични и традиционални звуци, беше темата која што ја испеа Алуне Ваде (Alune Wade), кој освен како извонреден басист чиј инструмент навистина грмеше, се покажа и како одличен вокален интерпретатор на традиционална африканска музика. Интересни беа и љубовните балади кои ги пееше Азиз како контраст на жестокиот ритам, а тоа му даде убава динамика на концертот.
Инаку, на „Оф-фест“ првпат доаѓа состав од Колумбија. „Ондатропика“ го продолжија она што пред тоа го почнаа Азиз и неговиот бенд, да ја забавуваат и да ја размрдаат публиката. Бојата на костимите во тиркиз се распрсна во салата како што се рашири и музика на оркестарот од кој перкусиите и дувачите ја разбија евентуално преостанатата рамнодушност на столчињата. На публиката ова ѝ беше добар повод како да ги сруши бариерите на незадоволство од секојдневјето и да заборави на баналноста. Ова беше вечер која направи спој на натуралното со софистицираното, вечер во која хип-хопот и фанкот беа збратимени со колумбиските поро и гаита.
Како некакво чудовиште родено во длабочините на финските езера, „лудиот“ Кимо Похјонен (Kimmo Pohjonen) исплива на нашата сцена со својата хармоника, ја запали, и тргна во поход. Тоа беше прекрасен, неповторлив музичко-сценски перформанс на крајот на „Оф фест“, кој донесе многу, многу инспирација. Концертот на музичкиот визионер и револуционер Кимо Похјонен во Македонската опера и балет значеше прекрасна фестивалска завршница.
#7 Пред него настапи јужнокорејанскиот ансамбл „Тори“ кои беа вистинска „панкерска“ сензација, се разбира не во буквална смисла на зборот. Но, нивното уникатно видување на азиските звучни хоризонти, во земјата каде што традицијата е светост, е авангарда. Четворицата јавачи на традиционалните корејски инструменти нè понесоа низ планини, реки и езера, но и заедно чекоревме во војнички чизми. Од мошне бавно, мирно темпо, „Тори“ своите композиции ги носеа до една трансовидна фуриозност, што изненади. Од магиските обреди на шаманите, до духовната музика на будистите, од за нас нетипичните музички форми и звучни дијалекти, до современите техники претставени на традиционални инструменти, беше патот на „Тори“, ансамбл каков што навистина ретко гледаме на наша сцена.
#5 Во однос на бегството од „важечките“ норми во музиката, панкот продолжи и со Кимо Похјонен. Овој уметник кој доаѓа од ладната скандинавска земја, земја на културен прогрес особено што се однесува на современата музика, вторпат е во Скопје, откако во 2002 година ја „запали“ Универзална сала на „Скопски џез-фестивал“. Овој пат настапи сам со својата хармоника приклештена за разно-разни помагачи на звукот, а на неа камера за визуелните сензации кои се пресликуваа во салонот на МОБ. Кимо Похјонен не нè изненади, затоа што тоа што го претстави е на некој начин веќе преживеано. Но, пленеше и воодушеви неговиот концепт – во едноставни „геометриски“ фигури да раскаже многу сочни приказни. Нема да се заборави овој негов настап, и секако го чекаме повторно, со некое свое ново „лудо“ авангардно дело.
И „Оф-фест“ стана традиција. Се надеваме ќе ја достигне и премине бројката на неговиот побратим. Но, за разлика од „Скопски џез-фестивал“, овде гледаме пошироки звучни полиња, овде можеме да се разбудиме некаде далеку – каде што не сме ни сонувале да бидеме.
Годинава, за разлика од некои изминати фестивалски изданија немаше некој добар, стар или нов, рокенрол бенд, по примерот на „Генг оф Фор“, но повторно „Оф-фест“ успеа да го одржи континуитетот наречен квалитет.

2018-08-21T17:20:49+00:00 јуни 30th, 2013|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 90|