Евтин штоф и чудесни чорапчиња

/, Звук, Блесок бр. 64/Евтин штоф и чудесни чорапчиња

Евтин штоф и чудесни чорапчиња

Кон албумот „Ова трансплантирана машина…“ на групата „Фолтин“, прво музичко издание на Културно-информативниот центар од Скопје

#1 Битолската авангардна музичка група „Фолтин“ неодамна исфрли уште едно впечатливо музичко издание со мошне интересен и невообичаено долг наслов – „Ова трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо“. Наспроти насловот, албумот нуди необично куса должина на траење, околу 22 минути. Содржани се само пет композиции, кои како варијации на тема пулсираат во една импресивна, комплексна, заокружувачка целина. На продуктивниот квартет (Бранислав Николов – глас и гитара, Пеце Трајковски – дигитален акордион виа микрокорг, Пеце Николовски – кларинет, каос пад, Гоце Јовановски – бас и Славе Јовев – тапани) во своето петто издание му се придружи и гостинот од Словенија Марјан Станиќ, кој звукот го збогатува со типични и помалку типични инструменти (перкусии): кахон, зил, лажици, кабаса, компакт конга, амбиентални удиралки.
Електроакустичните звучни метаморфози и љубовната лирика (тематика) се спецификите на новиот албум на секогаш иновативните „Фолтин“. Овие музички концептуалисти, кои слободно можат да се дефинираат така заради звучните испреплетувања, односно користењето на неколку поврзани алтернативи на традиционалните звучни форми, што е карактеристика која ги обележува нивните претходни четири изданија, и во „Ова трансплантирана машина…“ нудат сплет од разновидни музички стилови. Албумот е полн со изненадувања, и иако е различен од претходните, ја поседува онаа препознатлива атмосфера типично ‘фолтиновска’, енергија, па и еуфорија со што групата се издвојува од останатите како една од најатрактивните музички појави на македонското музичко небо.

На керамиди се лепат жештини…

#2 Прво што ќе ви падне в очи додека го слушате новиот албум на „Фолтин“ се текстовите. Од нив, не како метафора, искористени се цитати и за насловот и поднасловите на текстов. Тие прават прекрасна, емотивна, љубовна и навидум едноставна поезија која ве тера да ја научите напамет. „Фолтин“ е еден од оние македонски музички состави (покрај „Мизар“, „Архангел“, „Анастасија“…) кој лириката не ја поставува да и’ служи на музиката, на звукот, туку обратно, или еднакво.
Поетската дарба како една од карактеристиките на „Фолтин“ всушност, не е новина кога станува збор за битолската музичка атракција. И во своите минати четири изданија, „Фолтин“ биле препознатливи, освен поради иновативниот звук, и по текстуалните подлоги на композициите.
Тие беа создавани, а подоцна и опеани на автентичен ‘фолтиновски’ јазик, тие беа фонетска имитација или имагинарен колаж сочинет од неколку различни светски јазици. Но, во ова последно остварување (како дел и во претходниот албум „Ло-ли-та-ту“) „Фолтин“ пеат на македонски јазик, со неслучајно изразена, иако минимална орнаментика од битолскиот дијалект.
И покрај тоа што естетски ѝ се доближува на македонската љубовна поезија од минатиот век, (во четвртата тема се искористени мотиви од „Везилка“ на Конески и „Ленка“ на Рацин – одлично вклопени со текстовите на „Фолтин“), лириката е повторно индивидуална, апстрактна, зачинета со хумор, онака како што можеме да очекуваме само од „Фолтин“, а со тоа е и импресивна, сугестивна, полна со таинствени пораки, буди носталгични слики и не може а да не ви ги разбранува емоциите.
#3 Инспирација за овој нивен последен проект, велат и самите „Фолтин“, се СМС-пораките. А, тоа е секако еден од необјаснивите феномени денес кој навистина тежнее да се обработи во секоја смисла, па и на уметничко ниво. Современа „поезија“ во која преовладува љубовно-романтична содржина за која постојано се прашуваме дали е тоа депонија на нашата поетика на животот и кога конечно од неа ќе се роди некоја нова надеж…

Пулс, масажа, адреналин…

Спојот на електронските и класичните инструменти е присутен и на петтото остварување на „Фолтин“, како што беше и во „Отре-Мер (1997)“, „Архимед“ (2000), „Донки Хот“ (2003) и „Ло-Ли-Та-Ту“ (2005). И „Ова трансплантирана машина…“ нуди богатство од стилски, па и жанровски изрази. Се чувствува препознатливиот звучен имиџ на „Фолтин“ – ‘боите’ на џезот, импровизациите, боса-новата, па дури и чалгијата и кабарето или театарската експресија. Но, сите тие естетски насоки стојат на работ, т.е. се изразени на еден суптилен и само навидум минималистички начин. Малку подлабоко, албумот нуди енергична, пулсирачка атмосфера, ефектен звучен импулс кој произлегува од фасцинантната преобразба на инструментите – од акустични во електронски и обратно и особено, богата ритмичка разновидност.
Она што посебно се издвојува во „Ова трансплантирана машина…“ е впечатливиот дизајн изработен од страна на студиото „Артс енд Крафтс“, како и одличната продукција (снимен е во студиото „Тра-ла-ла“ на Мите Димовски).

АвторТина Иванова
2018-08-21T17:21:08+00:00 март 3rd, 2009|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 64|