Боса-нова од Рио и рокенрол од Пернамбуко

/, Звук, Блесок бр. 45/Боса-нова од Рио и рокенрол од Пернамбуко

Боса-нова од Рио и рокенрол од Пернамбуко

Скопски џез фестивал 2005

Жојси со потсетувањето на легендарните мајстори и своите композиции –неодолива за широкиот аудиториум, а Ленини податлив само за љубителите на дисторзиите

#1 Со музики, кои само навидум се разликуваат во својата ритмичка структура иако доаѓаат од ист дел на земјината топка, третата фестивалска вечер од годинешниот Скопски џез фестивал, на најдобар можен начин ја оправда долгогодишната заложба на организаторот на манифестацијата да се бави со мошне богатата и динамична бразилска музичка сцена.
Скопје, оваа вечер, едноставно пулсираше со заводливиот ритам на караоките. На сцената во Универзална сала, двете големи ѕвезди – Жојс и Ленини, како два типични претставника на регионите во кои творат, на неверојатно едноставен начин ја појаснија сеприсутноста на артистите од тоа поднебје на џез фестивалите ширум светот во последнава декада.
Забавата започна со Жојс и нејзината група. Оваа, пејачка, гитаристка и прва жена-композитор во бразилската музика, авторка која зад себе има 35-годишна професионална кариера и над 25 албумски објави, најнапред се реши да им оддаде почит на старите мајстори. Ги свиреше и пееше класичните боса-нова нумери на својот ментор и човекот кој ѝ ги отворил вратите на популарноста – Винишиус де Моралес, на Елис Реџина, Неј Матогросо, Милтон Нашименто … И, така полека, ненаметливо, онака како што доликува на голема ѕвезда на која ѝ се одбивни ефтините професионални трикови, нè вовлекуваше во светот во кој започавме да се препознаваме по изблиците на емоции. Од таму хендикепот на непознавањето на португалскиот, всушност неможноста да се густира специфичната поетика, и не можеа да му наштетат на вкупниот впечаток. Жојси, наедно, оставајќи им доволно простор и на дозираните излети на инструменталистите од својата банда, особено на тапанарот Тути Морено и саксофонистот и алт-кларинетистот Наилор Провета, директно ја апострофира својата улога на авторитетен и мудар водач на состав. Сетот со посегањето по класиците на боса-новата кулминираше со музиката на ненадминатиот Жобим, за потем да уследи понудата сочинета од најуспешните нумери на авторката која досега има потпишано над 300 свои песни. И, тука веќе концертот доби и своја друга димензија – влезе во водите на она што во последнава декада ја ужива растечката популарност и е бележано како „нова боса-нова“ или поточно „драм-енд-боса“. Следуваа неколкуте нумери од штотуку објавениот албум “Rio Bahija”, повторно враќање на Жојс и на групата на сцена и зародиш на желбата за идна средба.
#2 Од друга страна, Ленини, еден од најистакнатите претставници на современата бразилска поп музика, уште на самиот почеток на својот настап ги расчисти дилемите. Овој гитарист и пејач, автор со космополитски дух и изведувач во чии вени пулсира богатата културна традиција на областа Пернамбуко, музичар кој своето дело го темели на постојаната еволуција, со многу енергија влезе во разлачувањето на својата визија. Матрици, ефекти, дисторзирани гитари, игра со рефлекторите, магла што се извива покрај музичарите. Наместо милозвучност, бенд што свири пеколен рокенрол. Звуци, кои ќе ве упатат на помислата дека ја слушате „Сепултура“ – пропуштена низ џубоксот со бразилска традиционална музика или можеби „Ред хот чили пеперс“ кога би потекнувале од Ресифи, родниот град на Ленини. А, тој самиот, длабоко свесен за потребата да биде свој, со јасно изнијансиран став за нештата и музиката што извира од него, се однесуваше како што му прилега – како вистинска голема ѕвезда што зрачи потентност.
Во таквата настојчивост не го поколеба ниту односот на затекнатата публика која ваквата понуда нималку не ја очекуваше на еден џез фестивал и побрза да ја смести на другата манифестација од истиот организатор – на „Хајнекен Оф-фест“.
Конечно, концертот на Ленини, неговата промоција на албумот “InCite” пред скопјани заврши триумфално (со танц и извици на воодушевување) иако во салата останаа едвај триста посетители.

2018-08-21T17:21:30+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 45|