Блуз и соул фестивал 2006

/, Звук, Блесок бр. 49/Блуз и соул фестивал 2006

Блуз и соул фестивал 2006

Љубителите на блузот од Македонија имаа убава можност да уживаат во десеттото, јубилејно издание на познатиот фестивал кој се одржа во Скопје на 3 и 6 јули. Учесниците од САД, Велика Британија, Франција и Србија се претставија со инспирирани изведби кои го потврдија нивниот статус на современата светска блуз сцена. Организаторот овој пат се реши да ги искористи просторните можности што ги дава Куршумли ан и тоа се покажа како вистински погодок. Сцената, светлото и тонот беа првокласни што го потврдија и учесниците и публиката.
#1 Првата вечер беше во немилост на времето, но за среќа дождот, кој паѓаше цел ден, престана половина час пред почетокот, што сепак се одрази на присуството на публиката; но, тие што решија да дојдат (вистинските љубители на блузот), нема да ја заборават првата вечер од фестивалот поради прекрасниот блуз што се презентираше на извонредниот простор во Куршумли ан.
#2 „Поинт Бленк“ од Србија, еден од најстарите блуз состави во некогашната Југославија (и еден од најдобрите, би додал), го отворија фестивалот со својот вообичаен сет во кој беа застапени и неколку теми од новиот албум. Овој состав е еден од „одбраните“ што ги посадија корените на блузот во овој дел од Европа. „Поинт Бленк“ свири исклучиво сопствен материјал?!) што ги одвојува од повеќето останати состави кои главно се „репродуктивци“ во блузот. Бројните настапи во изминатите години и стекнатото искуството се покажаа во вистинска светлина со првите тактови на нивната музика. Цврстата ритам секција беше идеално тркало за нивниот лидер, гитарист Драгољуб Црнчевиќ, кој свиреше со авторитет на прекален блузер, водејќи го составот низ енергичен сет кој беше одлично прифатен од публиката. Фестивалот беше и можност составот да го промовира својот ДВД кој заслужува внимание, покрај одличниот снимен настап. Имено, тој е снимен во српскиот државен затвор Сремска Митровица, пред соодветна публика! Колку што ми е познато, никој во Европа досега не направил такво нешто, што е вообичаено во САД (Б.Б.Кинг, Џон Ли Хукер, Џони Кеш, Литл Милтон…). „Поинт Бленк“ навистина знаат да свират и да го претстават својот блуз пред публиката, така што и Скопје не беше исклучок.
#3 Нивниот енергичен настап и презентација на оригинален блуз со вмешани рок елементи беше идеална најава за ѕвездата на вечерта, Џими Д. Лејн и неговиот состав „Блу Ерт“, бездруго најголемото име на годинашното издание на фестивалот, едно од водечките имиња на современата светска блуз сцена. Неговиот татко Џими Роџерс свиреше гитара во составот на легендарниот Мади Вотерс. Сите големи имиња на Чикаго блузот беа редовни гости во нивната куќа, па не е чудо што Џими беше предодреден да свири блуз. Тој настапуваше и снимаше со имиња како Ерик Клептон, Стиви Реј Вон, Мик Џегер, Кит Ричардс, Таџ Махал, Џеф Хили, Хјуберт Самлин и многу, многу други. Значи, кога блузер од таков калибар доаѓа кај нас, мора да се дојде и слушне! И Џими го направи своето, и тоа како! Со својот состав, тој свиреше преку два часа и даде еден од најдобрите концерти на скопскиот фестивал во изминативе десет години! Тој свиреше со страст и чувство на вистинскиот блузер, така што денес ретко кој може да му се доближи кога се работи за блуз. Неговиот блуз е цврсто вкоренет во изворите на блузот, во деновите на класичниот Чикаго блуз од педесеттите години на изминатиот век, но од друга страна во неговиот блуз беа присутни и Џими Хендрикс и неговиот пријател Стиви Реј Вон. Покрај сопствен материјал од трите албуми, Џими Д. Лејн отсвири и некои познат и блуз стандарди кои ја воодушевија публиката. Особено беа добри верзиите на „Крстопати“ на Роберт Џонсон и „Бела соба“ на „Крим“. Џими е очигледно вистински блуз вокалист, композитор и гитарист со длабока почит кон сите оние пред него. Можеме само да се надеваме да го видиме повторно во Скопје што е можно поскоро!
#4 Шести јули беше вечер на француско-британската музичка комбинација која се покажа како вистински настан за љубителите на музиката во Скопје! Современата француска блуз сцена е една од најдобрите во Европа во однос на квалитетот на музичарите и нивната разновидност, така што не беше изненадување одличниот акустичен настап на Жан-Жак Милто и неговото трио. Водејќи го составот низ класичен блуз материјал, „збогатен“ со сопствени теми од снимените албуми, Милто веднаш воспостави контакт со публиката која реагираше на секоја отсвирена тема со големо задоволство, а самиот се покажа како вистински виртуоз на усната хармоника. Низ својата богата кариера, Милто имаше можност да снима и настапува со луѓе од калибарот на Б.Б.Кинг, Мајти Сем Меклејн, Литл Милтон и многу други, што секако зборува за како музичар станува збор. Тој исто така отсвири неколку теми од својот најнов албум „Кршливо“ на кој како еден од гостите се појавува и познатата Мишел Шокид. Сè на сè, Жан-Жак Милто го потврди своето место на европската блуз сцена.
#5 Шлаг на торта на спомената вечер беше настапот на Денис Ролинс и неговиот состав „Бедбоун енд Ко“ кој на сцената го потврди сето она што сме слушнале и читале за нив. Денис се смета за една од најнадежните ѕвезди на британската џез сцена и пред доаѓањето во Скопје тој и неговите колеги беа номинирани за најдобар џез состав во избор на радиото ББЦ! Музиката на овој состав е комбинација на различни звучни структури, базирана на блузот, рокот, фанкот и хип-хопот и на сцена звучи феноменално. Од првата нота, па сè до крајот, публиката танцуваше во ритамот на Денис и пријателите и никој не помислуваше да оди дома. Денис Ролинс е извонреден тромбонист и шоумен во исто време. Неговиот состав го сочинуваат мошне млади и талентирани музичари кои со леснотија го следеа секој миг на својот лидер, создавајќи музика за паметење. Покрај сопствен материјал кој го сочинува поголемиот дел од сетот, Денис и составот исполнија неколку познати теми, од кои „Брза кола“ на Трејси Чепмен ја воодушеви публиката. Доколку се прашуваше публиката, Денис Ролинс можеше да свири цела ноќ, но по двата часа и неколкуте бисови, составот мораше да заврши со настапот. Совршен крај за фестивал кој расте секоја година и, со оглед на скромниот буџет, презентира врвни имиња кои создадоа одличен имиџ на оваа манифестација. Со надеж дека фестивалот ќе се прошири барем на три, четири дена, го очекуваме следното издание.

2018-08-21T17:21:24+00:00 август 6th, 2006|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 49|