Балкански рокенрол самит

/, Звук, Блесок бр. 18/Балкански рокенрол самит

Балкански рокенрол самит

(„Таксират“ 2) – Даб верзија

#1 Фестивалот, одржан во ноќта помеѓу 25 и 26 ноември годинава во Скопското сајмиште, ги немаше амбициите за официјален показ на балканското „задругарство“ во густирањето на „европските лижавчиња“ како „случувањето“ во Загреб на пример, и со самото тоа е обичен чесен и убав потег за конзумирање на животната енергија во нормални дози и без ѕидови во главата.
Рокенролот, како специфичен стадиум на свеста и трошењето на енергијата, во основа го канализира бунтот и потикнува на акција што по правило треба да носи меѓугенерацијско сплотување и идеја за отворена и неусловена комуникација. Неговото, пак, „балканско“ читање неколку децении наназад не само што ја промовира рокенрол сцената во тогаш заедничката држава како една од повозбудливите (посилните) во Европа во дадениот период, туку и само по себе отвори процеси во младинската (суб)култура кои значително влијаеја на токовите на општественото живеење во целина. Арно ама, кога на таквото ниво на поимање на светот му беше спротивставено практицирањето на рудиментираната шунд балканштина во нејзиниот анимален облик, се случи отворањето на „Пандорината кутија“ и… Конечно, стартот на новиот милениум ќе биде бележан како време на исцелување на раните и враќање на вербата дека за „дивиот Балкан“ мора да има излез од лавиринтот… при што токму луѓето од (контра)културата ќе бидат оние што засилено ќе го продолжат трасирањето на мостовите на взаемното разбирање,што за чудо споменативе не го запреа ниту во деновите на крвопролевањето колку и апсурдно да звучи. При ова, во никој случај не смее да се заборави, дека благодарение на „правоверните рокенрол типчиња“ во државава, токму Македонија беше местото каде во повеќе прилики во деновите на антагонизмот беа подавани рацете и будени спомените како увертира за едно поинакво утре и перспективи што ќе завршат на колот од новоизградениот плот на „трлото“.

[„Таксират“ 2 фото галерија]

#12 Е, сега каква е врската на сево ова со „Таксират“ фестивалот и момчињата од „Литиум“ каде во случајов гласноговорници се „валкан балканците“ Логин (Кочишки) и Трендо (Сашо Мацановски). Едноставна.
Споменативе, со само на нив својствена доза на хумор и поимање на реалноста решија да го земат антидепресантот „Таксират“ (* Начин на делување: „Таксират“ брзо се абсорбира во клетките заболени од транзиција. Ја инхибира глупоста и благопријатно делува на гласните жици и на општата раздвиженост на телото.) како лек за Индикациите: „хроничната носталгија по подобрите времиња, воспалението на ушите предизвикано од Тоше, Каролина, Цеца или Орбитал, замореноста на организмот од Дејан Милиќевиќ“. Речено, сторено. Првата доза на Балкан Р’н’Р Фестивалот (27-ми ноември 1999 МКЦ Скопје) беше во следното пакување: ЗАБРАЊЕНО ПУШЕЊЕ – Босна, Дарко Рундек – Хрватска, EXIC и КОРПУС – Македонија, Рамбо Амадеус – СР Југославија и НУК ДИ – Албанија (беа планирани и ХИПОДИЛ од Бугарија, но од којзнае какви причини бевме лишени од задоволството да ги чуеме). Годинешнава, пак, креирана врз основа на веќе стекнатото организациско искуство што подразбира исклучување на импровизациите како правило во поведението на мнозина што од овој дел на Европа решиле да се опробаат со продукцијата, ја сочинуваа повторно состави што помалку или повеќе ѝ се познати на домашната публика, но со кои секоја повторна средба е обоена со љубопитство и желба за справување со наталожената негативна енергија. Значи, во основа ништо ново, нечуено и изненадувачко, но дефинитивно пожелно со оглед на возобновениот бран на „плачи….(explicite) понудата“ од локано и „странско“ производство. #4 Така, актуелнава доза ТАКСИРАТ* за која прикажуваме беше составена од по 5мг. ПАРТИБРЕЈКЕРС, Влада Дивљан & ОЛД СТАРС БЕНД (Србија), КУД „ИДИЈОТИ“ (Хрватска), РАМБО АМАДЕУС (Црна Гора), УИКЕДА (Бугарија), МОЗАИК, ЛАСТ ЕКСПЕДИШН и САНАТОРИУМ (Македонија).
#7 Е, сега пребирањето по фајлот од случувањето ги реди следниве слики. „Наоружани“, според упатството, со „пиво, сок, пресна јува, моторно масло и други мешани течности“, неколкуте илјади (слободна проценка е дека ги имаше околу 6.000) „пациенти“, откако ја заборавија армијата мускулести момчиња низ чии раце мораа да поминат (дефинитивно значајни новокомпонирани чинители на сè што се случува во државава), нозете најнапред ги разиграа на музиката од МОЗАИК. А, Веле, Александар, DJ SMJ, Џоле, Дино… како и во други пригоди, со сигурност што импонира го сторија отворањето на фестивалот да биде херојско. Материјалот од деби албумот (прекрасната комбинација на рап, хип-хоп, фанк, џез, рок…) го разложија со енергија што восхитува и во ниеден момент не дозволија да бидат „проголтани“ од просторот. Со нив започна лудилото во публиката што низ различни амплитуди остана да царува до првите часови од следниот ден. Следователно, на гостите од Софија – УИКЕДА им погодуваше расположбата (без многу прашалници во воздухот) да ја претстават својата и онака неверојатно весела и игрива музика (ска, фанк, панк, балканска музика + анагжирани текстови). Згора, седумтемина извонредни инструменталисти чие присуство на сцените ширум Европа е веќе реалност (летово беа на извиканиот „Пепси Сигет Фестивал), го потврдија старото правило дека студиските снимки честопати се само увертира во лудилото на концертните настапи (на обете сосема солидни албумски изданија не може да се насети многу од магијата што ја имаат настапите во живо, што вели дека УИКЕДА мудро би требало да снимат “live“ материјал). Убаво и едноставно. Веруваме не за прв и последен пат во Македонија.
#9 РАМБО АМАДЕУС (и годинава „таксиратлија“ заради многу прозаични причини – инсистирањето на неговите верни локални „фанови“), во Скопје стигна во предвечерјето на обелоденувањето на новиот албум (работен наслов) „Лимитирано броило“ и поемата „Така зборуваше Рамбасутра“ и беше провокативен и налудничав како и секогаш. Покрај, веќе честопати густираниот материјал во свој манир ги претстави и новите хитови: „Чобане, врати се!“ (алузиите се подразбираат) и „ковер верзијата“ на класиката “House of the Rising sun“ (Ерик Бардон, THE ANIMALS) со текст од партизанската „По шумите и горите…“ (?!). Антоние Пушиќ е еден од ретките што умее со стил неверојатно безобразно да ја „злоупотребува“ балканската итроштина и мудрост. Секоја чест!
#6 Наспроти „ораторството“ на погореспоменатиот, неодамна возобновените ЛАСТ ЕКСПЕДИШН грмнаа со сета силина. Како да сакаа да го надокнадат пропуштеното. Свирачки убедливи, со избор на песни (материјал селектиран од трите албумски објави) што гарантира масовно прифаќање, беа повеќе од убедливи дека нивното повторно присуство на сцената е неопходност што треба да се испочитува. Едно големо добредојде и сугестија дека е време за нова објава (Во ред, сите знаеме дека рокенролот во нашиве услови не носи пари, но токму заради промена на таквото мислење! Овде и сега!).
#5 Настапот, пак, на балканските панк херои, пулските КУД „ИДИЈОТИ“ помина во очекуваното расположение. Пиво („Даб“), „шутка, пиво („Скопско“ и сè е можно!), скокање, шутка,… Нивната армија следбеници е толку голема што притоа и евидентната неуиграност на новата формација (за педантниот аналитичар ненадоместливо е отсуството на лудилото на Фриц и Птица, иако рака на срце Буцко, старо-новиот басист е повеќе од забавен тип) е ирелевантна зошто пребирањето по актуелната компилација “Gratis hits“ (честитки како и секогаш за оригиналниот наслов), сепак, нуди патешествие што недостига. Кон ова и информацијата дека Веруда и бандата ќе бидат првиот хрватски состав што по војната ќе има голем концерт во Србија – КУД „ИДИЈОТИ“ на 7-ми декември свират во Белград.
#3 Влада Дивљан и неговите ОЛД СТАРС БЕНД, во Македонија дојдоа по серијата концерти по Словенија и Хрватска. Фестивалот го искористија да го промовираат новиот албум „Сите лаги на светот“ (на кој е и верзијата на БУЛДОЖЕР класиката „Ново време“), но публиката разбирливо ја разгалија со „Маљчики“, „Кенозоик“… хитовите од „арт периодот“ на непрежалените ИДОЛИ . Ах, таа носталгија!
#11 Некаде по полноќ, со сета енергија и со силина што само ним им е својствена од сцената грмнаа домашните „хеви“ крстоносци САНАТОРИУМ. Гладни за размена на енергија со своите бројни следбеници тие со сета силина атакуваа на сетилата и жилите изнудувајќи зарипнување и признание дека повеќе од било кога се подготвени за пробив во многу пошироки рамки од досегашните, при што настапот пред THE MOTORHEAD летоска во Софија им е преубава референца. Само напред! И, конечно албумот безусловно (ако ништо друго заради химничноста на „Без разум и свест“) мора да биде со текстови на песните во две верзии – македонска и англиска.
#8 И, дефинитивно, на самиот крај, по неколкугодишната пауза, повторна средба со белградските ПАРТИБРЕЈКЕРС. Арно ама, овојпат Цане и Антон со новата екипа, ги чувме и видовме во едно многу поагилно и повесело расположение, со одбир на песни („1000 години“, „Она што се обидувам“, „Тргни кон мене!“, „Стој Џони“, „Роден лош“, „Лудо и брзо“…) и свирка (гитарски солажи од кои се слудува, „буги“ за скокање до изнемоштување…) што ќе останат во свеста ако ништо друго барем до следната концертна средба. А, таа и само заради овој концерт безусловно треба да се случи по обелоденувањето на новиот албум на ПАРТИБРЕЈКЕРС.
Сè на сè, заради безмалку седумчасовната луда забава, одличните настапи на сите учесници, паметната организација, му велиме добредојде на „Таксират“ 3 уште сега. Колку да се знае.

П.С – Репортажата ја „спонзорираа“ Петар Георгиевски и луѓето од JBL. Благодарение на нив потписников го имаше најубавото место за следење на Фестивалот.

Рекоа после „Таксират“ 2:

Сале Веруда / КУД “ИДИЈОТИ“: Одамна не сум бил на некој Фестивал на Балканов каде што на едно место во исто време имало толку добра свирка и толку позитивна енергија. Воодушевен сум од САНАТОРИУМ. Тоа е светски бенд. Инаку, нам Скопје еве трет пат ни е прекрасен домаќин и заради тоа секогаш со радост ќе доаѓаме овде!

#2 Цане / ПАРТИБРЕЈКЕРС: Cool, човеку! Не сум пресреќен само заради нашиот настап туку и заради целата оваа атмосфера. Знам дека минатиот пат останавме „должници“, така влијаеше времето на нас, и затоа сега нималку не сакам да го скријам задоволството. Беше навистина добро, лудо и брзо човеку!

Логин: Добро беше, а? Ако велиш дека е така, тогаш нека ти биде!

Црни/ САНАТОРИУМ: Виде ли што е растурање, а? Сега додека го расвируваме и снимаме материјалот за новиот албум „набилдани“ сме партал да направиме било каде да се појавиме!

Петар Јањатовиќ (рок критичар, автор на „Енциклопедија на југословенскиот рокенрол“): Како „стар“ и возрасен човек ја имав честа дел од настапите да ги следам седејќи на сцената. Беше „светски“… и свирките и организацијата. Се видовме, разменивме искуства и материјали, возобновивме пријателства. Добро?! Се обидуваме да бидеме повторно нормални. Ете ме мене повторно догодина!

2018-08-21T17:22:00+00:00 јануари 1st, 2001|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 18|