Атмосфера на топлина и непосредност

/, Звук, Блесок бр. 56/Атмосфера на топлина и непосредност

Атмосфера на топлина и непосредност

Брајан Фери во Скопје

Пред многу години, сонувавме во Скопје да гледаме концерт во живо на некоја актуелна светска музичка ѕвезда, а денес, кога сонот стана стварност – публиката започна да избира на кои концерти ќе оди!
На осми октомври во Универзалната сала гостуваше Bryan Ferry, а неколку дена подоцна, на тринаесетти, во истиот простор, свој настап имаше и David Sylvian.

#1 Ова е второ гостување на Брајан Фери во Македонија, по минатогодишниот настап во Охрид со неговата група Roxy Music. Овој пат, во рамките на балканскиот дел од неговата европска турнеја, која ја организираше Авалон продукција од Скопје, тој на концертот во Универзалната сала го промовираше материјалот од својот нов соло проект наречен Dylanesque. На овој албум се наоѓаат обработки на великанот на рок музиката, Боб Дилан.
Концертот, во преполната Универзална сала, започна со десетина минутно задоцнување, а беше отворен со две песни од црномурестата пеачка од неговата придружна група, која самата се придружуваше на акустична гитара. На саксофон ја придружуваше Иан Дискон (Ian Diskon), сешн музичар кој има настапувано со легендарните Кинг Кримсон (King Crimson).
Со појавувањето на Брајан Фери започна главниот настап. Елегантно облечен, во црно светликаво палто, црни пантолани и бела кошула, тој уште пред да запее, од публиката беше поздравен со бурни овации. Многу чудно изгледа, како оваа икона на рок музиката, која денес има 62 години, успева да го сочува атрактивниот и младешки изглед!
Брајан Фери е со децении присутен на светската музичка сцена, како еден од најголемите и најхаризматичните фронтмени во историјата на современата рок музика. Од неговите најрани снимки со групата Рокси Мјузик, од седумдесеттите години на минатиот век до денес, тој го зазеде своето место во рокот како еден од најиновативните пејачи, во што се уверија многумина кои дојдоа да го гледаат на скопскиот концерт. Уживавме таа вечер во оригиналноста на неговиот брилијантен вокал, во неговата способност да соединува музички стилови – од француски шансони, до класично пеење и изострен хард рок. Репертоарот беше составен од најпознатите песни на Рокси Мјузик, хитови од неговата успешна соло кариера и секако обработките на Дилановите песни, објавени на неговиот последен соло албум. Песните од “Dylanesque”, иронично, не звучат баш дилановски. Нема во нив соло акустична гитара, нема органа и – најпосле – ја нема онаа, дива, но жива музика, нема многу нешта што би асоцирале на звукот на Боб Дилан. Песните на Дилан звучат „фериевски“ и во нив тој ја внесува својата вообичаена распнатост помеѓу копнежот и мелодрамата.

#2 Атмосферата на концертот беше интимна, со светилки кои како да беа остаток од пред триесетина години, од новогодишните украси за Нова година кои беа поставувани во паркот „Жена борец“. Озвучувањето беше одлично, а публиката, која беше генерациски измешана, играјќи на ритмовите од неговите песни, создаде атмосфера на топлина и непосредност, која е неопходна за доживување на еден навистина добар концерт.
Многу добро осмислениот репертоар им остави простор на сите музичари да ја покажат својата умешност. Покрај веќе споменатиот Иан Дискон, на тапани беше Енди Њумарк (Andy Newmark), член на Фериевите Рокси Мјузик, но и музичар кој свирел во познатите групи ABC, Sly and the Family Stone и McKendree Spring.
На соло гитара свиреше младиот син на Њумарк, додека главен солист на гитара беше легендарниот Крис Спидинг (Chris Spedding), еден од најпознатите британски сешн гитаристи. Спидинг свирел со Алан Прајс (Alan Price) и Пол Џонс (Paul Jones), потоа во извонредната група Battered Ornaments, свирел со Џек Брус (Jack Bruce), свирел со Елтон Џон, Нилсон (Nilsson), Мемфис Слим (Memphis Slim), Брајан Ино (Brian Eno), Џон Кејл (John Cale), со басистот на Фри, Енди Фрејзер (Andy Fraser) ја оформуваат групата Sharks, а свири и со познатиот Рој Харпер (Roy Harper). Продуцент е на Sex Pistols, како и на панк групата Cramps. Соработува со Том Вејтс (Tom Waits) на албумот Rain Dogs, има издадено неколку соло албуми, а и денес, од време на време, сè уште прави свои соло проекти. Навистина голема ѕвезда!
И за крај на самиот концерт, на бис, Брајан Фери ја отпеа познатата Avalon, песна од неговата подоцнежна работа со групата Рокси Мјузик. Неговите песни ја опишуваат вербата на осамените романтичари во подобар свет. Брајан Фери, од времето на раните седумдесетти години, со првите снимки на Roxy Music, до денес, со своите најнови, успешно го претставува пред публиката својот емоционален театар на романтика. Одличен концерт кој, верувам, долго ќе се памети.

2018-08-21T17:21:16+00:00 октомври 17th, 2007|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 56|