Deep Impact vs. Armageddon

Deep Impact vs. Armageddon

двете страни на една иста приказна

За оние (најверојатно малкумина) кои не знаат, DEEP IMPACT и ARMAGEDDON се филмови со приказна за една планетарна катастрофа, предизвикана од некакво небеско тело – од една страна комета, од друга страна астероид. Приказната за двата филма, во кратки црти, е следнава: Се дознава за комета/астероид со патека сред која се испречува Земјата, и речиси и да нема решение како да се спречи „неизбежната“ катастрофа за нашата планета. Ниту нуклеарните ракети со голем дострел, ниту сателитските ласери, итн., не можат да го спречат судирот… Но, останува, „се разбира“ – една речиси неостварлива, но – последна опција: да се испрати брод со тим на самото место, на самата површина на кометата/астероидот, и да се постават експлозивни нуклеарни направи директно во длабината на небеското тело… И потоа, разни перипетии, првични неуспеси, за на крај, сè релативно успешно да заврши…
#1 Двата филма ја разработуваат оваа речиси иста приказна. Но, филмовите ни одблиску не се слични – ниту од аспект на естетските квалитети, ниту од аспект на квалитетот на техничката изработка. На одговорот на прашањето – зошто е тоа така, му претходат некои мали дообјаснувања околу историите на снимањето на овие два филма:

– како прво: Спилберг со својата продуцентска куќа Dreamworks, го започна снимањето на DEEP IMPACT пред да започне да се снима ARMAGEDDON.
– како второ: ARMAGEDDON беше завршен пред DEEP IMPACT.
– како трето: Dreamworks и Спилберг ги тужат авторите на ARMAGEDDON околу авторските права на приказната. Значи, првичната идеја, најверојатно му припаѓа на Dreamworks и Спилберг. Но, тоа е на американските судови да кажат.
– и како четврто: ќе ги дадеме личните карти на двата филма…
DEEP IMPACT: продукција: Dreamworks, режија: Мими Ледер, улоги: Роберт Дивал, Теа Леони, Илаја Вуд, Морган Фримен, Ванеса Редгрејв, Максимилијан Шел.
ARMAGEDDON: продукција: Touchstone Pictures, режија: Мајкл Беј, улоги: Брус Вилис, Били Боб Торнтон, Лив Тајлер, Бен Афлек, Вил Патон, Кејт Дејвид, Стив Бускеми, итн.
Е сега, да продолжиме кај што застанавме… Накратко ќе ги разгледаме, паралелно и постапно, елементите на двата филма:

Техничка изработка:

DEEP IMPACT: Супериорно направен филм. Специјалните ефекти се изработени до перфекција, и до секоја, макар и најмала ситница. За монтажата може да се рече истото. Фотографијата на филмот плени и надвор од самите специјални ефекти, како за екстериерите, така и за ентериерите. Динамиката на камерата и самото кадрирање се варијабилни, но во основа стандардни, и отстапува од стандардите само кога тоа е навистина нужно или оправдано. Секогаш со вистинската мерка.

ARMAGEDDON: Многу послабо од својот ривал. Специјалните ефектисе изработени навистина многу интересно, но и многу површно и набрзина. Нема тука прецизност. Недостатокот од прецизност на специјалните ефекти се покрива со синото нијансирање на фотографијата во филмот – се разбира, на потребните места. И тоа со оние нијанси на сино кои се користат како позадина за колажирање, анимација и нанесување на специјалните ефекти, така што секој пропуст во средувањето на кадарот, се топи во позадината и станува слабо забележителен. Кон таквото „маскирање“ и покривање на недостатоците помага и динамиката на камератакоја е најчесто во брзо движење и со изместени ракурси и агли. Кога на крај ќе го додадеме и краткото кадрирање во манир на музичките (да не речеме техно) видео спотови, комплетното маскирање на слабите специјални ефекти е завршено, и недостатоците се комплетно „замачкани“ низ остатокот на филмот. А ако се земе предвид фактот дека тој остаток е оној многу помалиот дел од филмот…

Наративни елементи:

DEEP IMPACT: Нема многу игра. Фабулата е речиси идентична со сижето, со малку ситни отстапки. Но затоа има доста игра со препознавањето на кадар со кадар (еден вид филмска метафора или парабола, можеби може да се каже). На пример, кадрите со topgun прстенот на раката на ветеранот-астронаут Танер, се препознаваат во кадрите на истиот таков прстен на раката на младиот кадет Орин: композициски препознатливи – неколкуте кадри на нивните раце врз командната управувачка палка на вселенското летало. Потоа, треба да се спомне високата ритмичност на паралелното следење на неколкуте приказни кои ги следи филмот. Со една достоинствена одмереност, но и со непоколеблива решителност, приказната нè префрла од едно на друго место, од Земјата во вселенскиот простор, од една судбина до друга. Значи, иако без многу игра со самиот хронотоп (што најверојатно ќе ја отежнеше и онака набиената фабула), раскажувањето е исто така супериорно изведено, иако во основа стандардно и класично.

ARMAGEDDON: Нема воопшто игра со раскажувачките елементи. Фабулата е идентична со сижето. Нема излегување од основната нарација, и раскажувањето е сосем линеарно. Не постои ништо што може да се нарече филмска фигура од наративна страна. Не постојат, во ниеден момент, повеќе од две раскажувачки линии што фабулата ги следи. Паралелното следење на паралелните приказни се сведува на скокови горе и скокови долу. Повеќе горе отколку долу. И не може да се каже дека постои некоја смислена или интенционална ритмичност во менувањето на приказните што фабулата ги следи. Во тие скокови од едно на друго место не се чувствува некаков од случувањата условен ритам, туку напротив. Значи, една најобично раскажана приказна, која не се истакнува по ништо посебно. Комплетно без авторско-уметнички достигнувања. Ниту случајни, ниту намерни.

2018-08-21T17:22:11+00:00 февруари 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 07, Галерија|