47-ми Меѓународен филмски фестивал во Солун

/, Галерија, Блесок бр. 53/47-ми Меѓународен филмски фестивал во Солун

47-ми Меѓународен филмски фестивал во Солун

Противречностите мируваат

#1

Македонија без свој претставник

Жалопојките нема да нè спасат од фрустрациите предизвикани од дефицитарната година во која Македонија не учествуваше речиси на ниеден од престижните меѓународни филмски фестивали. На програмата на 47-та филмска смотра во Солун немаше ниеден македонски филм, иако организаторите еуфорично ја пласираа тезата дека балканските кинематографии треба подинамично да соработуваат и, барем на планот на културата, да ги збогатат знаењата за творечките капацитети и достигнувања на своите соседи.
Во недостиг на некое остварување од нашата продукција што би ја направило поубедлива визијата за балканското заедништво, тие колебливо го наведуваа насловот на сурогатната творба како заеднички проект на некогашните југословенски републики, делото на Рајко Грлиќ, Караула, кое не може да му служи многу на чест ни на самиот автор, ни на неговите продуценти, меѓу кои спаѓа и Министерството за култура на Македонија. Од другите балкански земји не отсуствуваше никој: Србија ги разнежи солунските гледачи со драмата за невротичните губитници кои веќе влегуваат во возраст на емоционална зрелост, Утре сабајле, #2 на Олег Новковиќ. Хрватите во копродукција со Босанците беа топло поздравени за суровата драма од војната во Босна, Грбавица, на Јасмина Збаниќ, пристигната во Солун со победничката аура на Златната мечка во Берлин. Романците, кои и кинематографски квалитативно ѝ се доближуваат до Европа, се претставија дури со четири филма: драмата за агонијата на обичните граѓани во транзицискиот период, Беше, но не беше, на дебитантот Корнелиу Порумбоју; Марилена од Р7, на Кристијан Немеску, делото на ветеранот Луцијан Пинтилие, Tertium non datur; и хрониката за суровоста на режимот на Чаушеску, Хартијата ќе биде сина, на младиот Раду Мунтеан; Словенците во копродукција со Германците ја презентираа воената драма Дете на војната, во режија на Кристијан Вагнер, со нашата Лабина Митевска во главната улога; Албанците без да им повладуваат многу на фестивалските стандарди им го претставија на фестивалските гости филмот на ветеранот Кутим Чашку, Магично око, во кој не сосема уверливо се реконструираат деновите на граѓанската војна во 1977 година, додека Турците, и овој пат неправично игнорирани, нè изненадија со питорескната хроника за изолацијата во која живеат жителите на едно типично турско село, Времиња и ветрови, во режија на еден од најталентираните турски режисери, Реха Ердем; и Бугарите не пропуштија во својот фестивалски претставник Бунтот на Л. во режија на Киран Коларов, да поплукаат по аномалиите на комунистичкиот режим.
#3 Се разбира дека филмовите од секцијата што организаторите ја крстија Балкански преглед, не беше најатрактивниот дел од фестивалската програма. Споредувајќи ги репрезентативните претставници на поголем број други кинематографии, но и борбените апели за еден нов, неконформистички филм чија перспектива ја зацртуваат поголем број млади, анонимни автори, за поголемиот дел од филмовите на нашите најблиски соседи безволно ќе заклучиме дека инвенцијата на нивните автори, довчерашни надежи на европскиот филм, згаснува.
Тоа, исто така, не значи дека останатите кинематографии што пристрасно се повикуваат на статусот на големи филмски нации, ја зачувале и својата виталност, својот престиж на иноватори и луцидни опсерватори на психолошко-социјалните преобразби на општеството. Хроничарите на фестивалите како овој во Солун, но и во Кан или Венеција, се жалат дека попусто своите фаворити ги бараат во селекциите што големите филмски нации како една Франција, Италија или Британија, а Холивуд и да не го спомнуваме, помпезно ги најавуваат како медиумски настан на деценијата и таквите тези агресивно ги пласираат на филмскиот пазар ширум светот.

2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 53|