Јас сум од Титов Велес

/, Галерија, Блесок бр. 57/Јас сум од Титов Велес

Јас сум од Титов Велес

Режија и сценарио: Теона Митевска
Продуцент: Лабина Митевска
Кинематографер: Вирџини Сент Мартен
Монтажа: Жак Вита
Музика: Оливие Самуилан
Улоги: Лабина Митевска, Ана Костовска, Николина Кујача, Џевдет Јашари, Петар Мусевски

#1 Од официјалното соопштување на наградите на 28-то издание на фестивалот Браќа Манаки, разбравме дека на жирито му требале дури девет часови работа за да донесе конечни одлуки за наградите. Самиот овој факт зборува дека годинешнава конкуренција на кинематограферите беше навистина голема и дека станува збор за врвни снимателски остварувања. Еден од аргументите за тоа е преседанот, што по вторпат во 28-годишната историја на фестивалот, жирито доделува две рамноправни златни камери 300 на двајца сниматели, на Јаромир Шофр за филмот Му служев на англискиот крал и на Драган Марковиќ за филмот Живи и мртви. Најверојатно дека копја се кршеле и при донесувањето на одлуката за Сребрената и Бронзената камера. Како и да е, кинематограферката од Белгија Вирџини Сент Мартен го доби среброто за работата на Јас сум од Титов Велес, а автоматски и филмот се закити со награда на домашен терен. Во образложението за доделувањето на наградата, жирито вели: „Овој филм користи оригинален артистички и кинематограферски јазик за да ја претстави моќната семејна трагедија на три сестри чии надежи создаваат фасцинантна, длабока и необична приказна“. Но образложението на жирито само делумно е одраз на тоа што филмот ни го нуди. Сигурни сме дека и за најшироката филмска публика фотографијата на Сент Мартен претставува вистинско естетско доживување, па така и впечатоците за филмот се подигаат на повисоко рамниште. Сепак, убавите слики не можат да го скријат недостатокот од наративен и дијалошки контекст, ниту да го коригираат дисбалансот кој нужно ќе произлезе од проблемот на план на карактерите на ликовите. Во сите појаснувања за филмското сиже се вели дека филмот зборува за трите сестри… но филмот зборува во прво лице, од немата уста на Афродита (Лабина Митевска), иако само делумно насловот „Јас сум родена…“, го оправдува тоа. Ако карактерот на Славица (Ана Костовска) до некаде е и разработен и дефиниран, Сафо (Николина Кујача) е тотално исфрлена од филмот, и актерски и текстуално. Од друга страна, нагласениот и продолжен еротизам на Афродита кој само до некаде е во функција, како што филмот тече, опасно се приближува кон егзибиционизам. Дали тоа ќе го продава филмот, тешко е да се прогнозира. Ќе си дозволиме да прашаме, а не да морализираме, во која функција е сцената на оралниот секс во рамките на целата приказна, особено кога тоа го прави „невината“ (со 27 години) девојка Афродита. Не се работи за тоа дали сцената е вулгарна или естетски дискутабилна. Сцената едноставно е непотребна.
Не сме сигурни и во тоа дали можеби кастинг-мајсторот имал и посреќни решенија за изборот на ликот на Ацо (Џевдет Јашари) кој остави впечаток на анемичен еротоман, и кому очигледно му недостасува текст за потемелно да го изгради својот лик.
#2 И кога повторно ќе се вратиме на сценариската компонента на филмот, покрај обидот преку off-монолозите на Афродита да се отсликаат психолошките расположенија и состојби кои произлегуваат од дејствието на филмот, тие сепак остануваат – обид. Идејата да се раскаже приказна за комплексната интима во односите на трите сестри и нивната релација кон едно крајно асоцијално милје во кое животот се сведува на вегетирање, а перспективите на предодредено лузерство… сето тоа има легитимитет и потенцијал за одлична филмска приказна. За жал, приказната заскитала во некаков непотребен „суров романтизам“ и во својот аутизам не ги наоѓа вистинските зборови, не успева да ги оправда (ниту да ги објасни) ситуациите и однесувањата на ликовите иако за тоа постои „привлечен“ литерарен мотив како што е умирањето на еден град во сопствената оловна прашина. Наместо тоа, филмот не ретко е оптоварен со непотребни и неколку пати повторувани симболизми кои се на граница на наивизам и баналност.
Јас сум од Титов Велес
во секој случај е професионално сработено дело, со бројни убави секвенци, како што се сцените на сонот во шаварот на езерото и чунот, одлично дизајнираната сцено-костимографска атмосфера, како и мајсторски одработените одделни крупни планови (на Афродита и Славица) и детали.
#3 Несомнено, во однос на својот прв игран филм Како убив светец, Теона Митевска созрева како режисер, а во соработка со снимателката Сент Мартен изнаоѓа и мошне атрактивни и интелигентни визуелни решенија. Кон тој дел од работата на режисерката мора да бидеме крајно афирмативни.
На крај, останува само да резимираме со констатацијата дека во Јас сум од Титов Велес евидентна е дискрапанцата помеѓу добрата слика и штуриот текст, поради што во крајна линија можеме да го оцениме како коректен филм на кој му недостасува интегралност и конзистентност.

2018-08-21T17:21:14+00:00 декември 15th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 57|