Хуманизмот на Рубенс Корубин

/, Блесок бр. 06, Галерија/Хуманизмот на Рубенс Корубин

Хуманизмот на Рубенс Корубин

#1 Може да ви се стори дека Рубенс (не поради името) и не е од овој век: овој во кој настанал (инаку филмски, артистички блескавиот) да речеме, филмот „Буре барут“. Овој балкански филмски пандемониум го раскринкува сето зло што моќно владее во нас и со нас „балканците“, дури не нè „среди“, дефинитивно и засекогаш.
#2 Рубенсовиот истанчен интелект го става во загради овој или кој и да е друг егзистенцијален ужас: но не поради духовен дефетизам или слепо бекство од етичкиот предизвик да се судри со злото; та ако не може, како некаков модерен свети Ѓорѓи, да го срази аждерот на смртта, барем да го жигоса… Рубенс проникливо сфатил дека вакви благородни ангажмани, преточени во составите на кој и да е вид ликовна уметност, денес лесно стануваат плен на јавната стокопазарна манипулација со нив. Затоа Рубенс одбива да се користи со декларативен патос и визуелна драматургија за да „обработи“ некоја „жешка“ тема од нашата современа цивилизација; или од нашето македонско подрачје. Но, тие се во него, како бура која тој ја скротува со недвосмислената благост, со спокојството, душевноста, благородноста што се спиритуалното ткиво на секоја творба на Рубенс. Неговото талкање во некоја измечтаена, творечки создадена Аркадија, не е откинато од постојната реалност, односно од личното животно искуство на уметникот. Рубенс го ткаел својот вистински семеен свет, таков каков тој и неговите блиски го создале, како предлог за човечко живеење во нечовечки времиња. Сите тие ведути каде авторовото семејство другарува со природата (во Сарај крај Скопје, пред сè) се отворена врата за низ неа да се лизне, понекогаш, некоја претстава или опстановка од некој „други“ зони: рестлови од приказните што Рубенс ги чул од баба му или од која и да е легенда, бајка; виденија што се врзуваат за христијанската нарација.
Се редат и глетки од тој префериран сарајски (или друг) амбиент, во кој може да нема ниту здив на „човечкото“ – освен префинетото чувство на уметникот што ги хуманизира и нив; како што тоа го постигнувале и низа големи претходници на Рубенс, од ренесансата наваму. Македонскиот уметник создал поетика што се храни не толку од нивната изведбена постапка: која #3професионално и творечки ја освојувал, колку од таа опсесија на големците на минатото за досегање до сублимното; до онаа претпоставена инстанца од која сè почнува, која ја уредува вселената, ама и нашите поединечни краткотрајни егзистенции.
Рубенс е од оние автори што успеваат со своите дела да ја надминат, за себе и за нас, таа граница на нашите човечки контигентности. И да не убеди (или „прелаже“): со своето милозливо сликарско „галење“ на платното; со тие кадифени нанеси на фино одбрани и усогласувани бои што треперат со сите движења на природата, дека има смисла и денес потрагата по „убавото“ ликовно чинење. Тоа е Рубенсовата форма на борбата да се надвие безнадежноста и грдото што на безбројни начини го притискаат современото човештво.

2018-08-21T17:22:12+00:00 јануари 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 06, Галерија|