Фестивал „Браќа Манаки“, дел II

/, Галерија, Блесок бр. 18/Фестивал „Браќа Манаки“, дел II

Фестивал „Браќа Манаки“, дел II

Македонска панорама…

Македонската панорама претставуваше своевиден мозаик од македонски дела и автори.
Во чест на лауреатот на Наградата за животно дело Златна камера 300 за 1997 година, бардот на македонското снимателство Бранко Михајловски – кој почина во април годинава, беше прикажан долгометражниот документарен филм Австралија, Австралија, снимен во 1976 година, во режија на Столе Попов.
Македонска панорама годинава има уште еден свој белег. Со филмскиот портрет на истакнатиот македонски режисер Бранко Гапо (наш расен автор на повеќе од дваесет документарни филмови, седум целовечерни играни филмови), Фестивалот ги одбележува неговите 45 години творештво. Во рамките на портретот на Бранко Гапо беа прикажани четири негови целовечерни играни филмови: Истрел (1972), Најдолгиот пат (1976), Време, води (1980) и Македонска сага (1993), и исто толку негови документарни филмови – Луѓе од Сува планина, Козите… и друго по 10 години, Amen siam but roma и вториот дел од диптихот Лето господово…
Она што беше вистинско – не само освежување, туку и потреба на нашата кинематографија беше воведувањето на Националната конкуренција на кратки играни и документарни филмови. Радува тоа што една, би рекла, бесправно маргинализирана продукција – краткометражната (исто како и анимираните и експерименталните филмови), со обидот да се смести во вреднувачките категории, добива многу повеќе во своето значење.
Беа прикажани 15-тина остварувања:
Четири, инаку дипломски, филмови – снимени во последните две години:
Мис Амнезија во режија на Марија Џиџева, директор на фотографија Дејан Димевски;
Exit во режија на Борјан Зафировски, директор на фотографија Томи
Салковски;
Тунел во режија на Огнен Димитровски, директор на фотографија Дејан Миневски;
Хофманова 13, во режија на Маја Младеновска, директор на фотографија Владимир Самоиловски.

Потоа беа прикажани:
Ајде да играме (документарно-игран филм) во режија на Здравко Круљ, директор на фотографија Горан Наумовски;
Кавал и Гајда (документарно-играни филмови) во режија на Игор Иванов – Изи, директор на фотографија Бранд Ферро;
Роза во режија на Маја Младеновска, директор на фотографија Владимир Самоиловски;
Желба по глината во режија на Љупчо Тозија, директор на фотографија Владимир Самоиловски;
На прагот во режија на Теона Митевска, директор на фотографија Владимир Самоиловски;
Езерани во режија на Вангел – Лаки Чемчев, директор на фотографија Драган Салковски;
Глас во режија на Филип Апостолски, директор на фотографија Димитар Владички;
Писмо (краткометражен игран филм холандско– македонска продукција) во режија на Васил Христов, директор на фотографија Владимир Самоиловски.

И, исто така, но вон конкуренција:
Судија (краткометражен игран филм во холандска продукција), исто така во режија на В. Христов, директор на фотографија Бенито Странџио.

Жирито ги награди: Васил Христов за режија на филмот Писмо, односно, за исклучителниот талент; наградата за директор на фотографија жирито одлучи да не се додели; наградата Kodak 1999 му беше доделена на директорот на фотографија Дејан Димески за филмот Мис Амнезија; наградата Kodak 2000 му беше доделена на документарниот филм Роза на авторскиот тандем: режисерката Маја Младеновска и директорот на фотографија Дејан Димески.

За лауреатите… за Жирито… и за сè погоре (не)кажано, но – поинаку!

Меѓународното жири годинава беше составено од пет членови: Јаромир Шофр, директор на фотографија од Чешка, во функција на претседател; Иво Трајков, (Македонија), филмски режисер; Јан Хинтјенс (Белгија), филмски режисер; Јацек Патрицки (Полска), директор на фотографија; и, Џон Кристијан Розенлунд (Норвешка), директор на фотографија.
Советот на 21 Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, за лауреат на годинашната награда Златна камера 300 за животно дело го прогласи британскиот директор на фотографија и режисер Фреди Френсис, а за особен придонес во светската кинематографија, советот на Фестивалот, за добитник на Златната камера 300 го прогласи истакнатиот чешки режисер Јиржи Менцел.

АвторСузана Т. Павловска
2018-08-21T17:21:59+00:00 јануари 1st, 2001|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 18|