Фестивал „Браќа Манаки“, дел II

/, Галерија, Блесок бр. 18/Фестивал „Браќа Манаки“, дел II

Фестивал „Браќа Манаки“, дел II

Со Сребрената камера 300 беше почестен директорот на фотографија Јенс Фишер за шведскиот филм Под сонцето, во режија на британецот – натурализираниот швеѓанец Колин Натли, филм кој годинава беше номиниран меѓу петте најдобри за Оскар во категоријата за најдобар филм од не-англоамериканско говорно подрачје. Под сонцето наликува на стариот, но скапоцен гоблен, извезен од бабините раце и изваден од ковчегот на спомените; наликува на размирисани ливади, на сино небо, на топол дом и на дуњи на орманот!
Од аргентинската филмска продукција, беше прикажана комедијата Одвиорен виор во режија на Алехандро Агрести, директор на фотографија Маурицио Рубинштајн. Во стилот на филм-во-филм, Одвиорен виор претставува една духовита, симпатична прикаска, размисла за привлечноста на киното.
Од особено раскошната полска кинематографија во официјална конкуренција беше поместено остварувањето со наслов Една недела во животот на еден човек во режија на Јиржи Штур. Ова е неговиот трет долгометражен филм – филм за една недела од животот на еден човек – не случајно – јавен обвинител кој по сите среќни работи кои ќе му се случат, сфаќа дека со некои не може да се носи, а за истите тој им пресудува на другите. Директор на фотографија е Едвард Клошински, водечко име на полската плејада сниматели, а во текот на својата кариера работел и со Анджеј Вајда и со Кшиштоф Кишловски.
Многу награди досега „заработил“ шпанскиот филм Осамени, од минатогодишната продукција, филм чиј наслов сам по себе почнува да ја раскажува приказната. Посветена е на малите и обични луѓе „од соседството“, на нивните фрустрации, несреќи, недосонувани соништа, конфликти, со многу искреност и топлина, автентично и покрај сè – со доза на оптимизам. Режисер е Бенито Замбрано, а директор на фотографија е Тоте Тренас.
Во компетиција влезе и претставникот на италијанската кинематографија Леб и Лалиња, една симпатична драмска комедија во режија на помалку афирмираниот Силвио Солдини, додека како директор на фотографија се потпишува Лука Бигаци.
Знаев да го читам небото е првиот долгометражен игран филм на авторката Никола Брус (инаку позната како сценарист, режисер и фотограф), успешно претставен на фестивалот во Ротердам и на Берлинскиот форум. Таа заедно со директорите на фотографија Оувен Мек Полин и Шејмас Мек Гарви (еден од најталентираните британски директори на фотографија од помладата генерација), ја сними оваа адаптација на истоимениот роман, филм кој спонтано се вброи во редицата на оние „посебни, драмски, повеќеслојни, психолошки и рефлексивни“ филмови во официјална конкуренција на фестивалот. Ирски емигрант, по многу години, во една мала соба во Лондон, се обидува да го состави сопствениот живот. Фотографијата во филмот, како во ретко кој, успева да ве внесе во лудилото, вртлогот од сеќавања за љубовта, смртта, за прогонството, за страдањата, за убавината и за музиката…
Австриската драма Северен раб на младиот женски тандем Барбара Алберт – режисер и Кристине Мајер – директор на фотографија, привлече со својата свежа, актуелна и урбана, но реална приказна. Емиграцијата и емигрантите во Виена – конкретно, нивните внатрешни трагања, и оттука, нивните неспокојни души, се предизвикот за овие две млади авторки, кои во една социјално-психолошка димензија ги поставуваат своите прашања за човештвото и за луѓето воопшто, без разлика од каде потекнуваат.
Географија на стравот е најновиот филм од финската продукција; ова е и првпат на фестивалот во Битола да погледнеме филм-претставник од овој дел на нордиската кинематографија. Филмот е импресивна сторија за денешниот актуелен проблем во светот: жени малтретирани од мажи. Сега тие се во кругот на одмаздата, а рамноправноста меѓу половите, сепак, е вечна битка. Режисер на филмот е младата Аули Мантила, додека директор на фотографија е исто така младиот Хеики Фарм.
Секогаш има нешто во сензибилитетот на чешкиот филм, што го прави толку препознатлив; секогаш со истата суптилност, едноставност и искреност. Таква е приказната, а таква е и атмосферата на филмот Враќање на идиотот. Млад човек, по долги години поминати во психијатриската болница, се враќа дома. Чудно, но тој сега многу повеќе ги разбира другите отколку што тие се разбираат себеси. Неговото враќање, како да ги става во ситуација да се соочат со себе и да ги преиспитаат сопствените животи. Сето ова многу вешто го „исплетоа“ во овој кинематографски проект – 30-годишниот Саша Гедеон како режисер на филмот, и исто така младиот снимател Степан Кучера.
Уште еден веродостоен репрезент на својата кинематографија,е хрватскиот филм Маршал на младиот режисер Винко Брешан и снимателот Живко Залар, што претставува уште еден филмски успех, но и еден од најисплатливите филмови моментно во хрватската кинематографија, со оглед на тоа дека се прикажувал и во Босна и Херцеговина, а ги прошетува и сите позначајни светски фестивали. Жителите на еден мал јадрански остров се „жртви“ на сопствената илузија – веруваат дека духот на Јосип Броз Тито е жив. И додека младиот полицаец го истражува случајот, еден снаодлив граѓанин, се обидува да направи „туристичко-спиритуален“ бизнис од целиот циркус. Духовита комедија која беше по вкусот на публиката во Домот на културата, па Маршал го прогласи за најдобар филм.
Претставникот од СРЈугославија, Небесна јадица – режисерски првенец на Љубиша Самарџиќ, кој своето сценаристичко и режисерско внимание го свртува кон актуелните историски моменти во неговата земја, а тоа е преживувањето на работ меѓу животот и смртта која демне од небото над Белград во 1999 година, правејќи на тој начин една „човечна“ приказна. Како директор на фотографија се потпишува доволно искусниот Радослав Владиќ, кој од Небесна јадица направи сосема солиден филм. Филмот беше прикажан во конкуренција на годинашниот 50-ти Берлински филмски фестивал.
А кога веќе сме кај фестивалите, од годинашниот Кански филмски фестивал, го погледнавме токму неговиот најголем фаворит – добитникот на најпрестижната награда на фестивалот Златна палма, филмот Танцувач во ноќта, во данска продукција. На овој филм не може да му се одолее по многу нешта: ако не можете да ја заборавите маестралната улога на актерката Емили Вотсон во Спроти брановите (пред четири години го гледавме на „Браќа Манаки“), тогаш речиси истиот впечаток ќе го изнесете надвор од кино-салата, откако ќе го допрете светот на младата чешка имигрантка и самохрана мајка која работи во фабрика во еден рурален дел од Америка, но која има друга своја реалност – онаа која ја сонува и за која ѝ е дозволено само да копнее – танцувањето и музиката од старите добри холивудски мјузикли, а од друга страна, својата интимна лична тајна и драма (со многу усет, оваа улога брилијантно ја заокружува популарната пејачка Бјорк, а покрај неа и други своевидни ѕвезди на филмското небо – Кетрин Денев, Дејвид Морс…). Уште еднаш, режисерот Ларс фон Триер, заедно со холандскиот снимател Роби Милер, го продолжува „трендот“ на вткајување на оригинален визуелен израз. Тие двајцата спаѓаат во редот на најталентираните филмаџии денес во европската кинематографија, а и пошироко, потврдувајќи ја својата меѓународна репутација од еден во друг заеднички проект, како што е најновиот Танцувач во ноќта (а во 1996 година, на 17-тиот Интернационален Фестивал на филмската камера Браќа Манаки во Битола, снимателот Роби Милер ја доби Бронзената камера 300 за прекрасниот Спроти брановите).

За филмовите вон конкуренција…

Веќе спомнатиот филм на отворањето на фестивалот Приказната за Стрејт, беше еден од вкупно шесте филмови поместени во неофицијалната филмска програма, најмногу како егземплари на стилови на работа на нивните сниматели, како своевидни мали портрети на оние кои своите предизвици, сепак, најмногу ги наоѓаат зад камерите.
Карл Густав Никвист, со својот долгометражен документарен филм Светлината ме придружува, кој е посветен на големиот шведски снимател (и негов татко) Свен Никвист, добитник на наградата за животно дело Златна камера 300 за 1998 година. Овој филм (кој делумно се снимаше и во Битола), го најде своето вистинско место во овој дел од програмата, со извесната доза на контемплативост која дискретно се провлекува низ 90-те филмски минути. „Кога светлината е со тебе, веќе не се чувствуваш осамен“ – вели Свен Никвист на едно место во филмот…
Уште едно филмско патешествие што ни понуди програмата на фестивалот Браќа Манаки, беше епското патување кон себе и кон самоспознавањето – особено емотивната, нежна и лесно прифатлива приказна во филмот Животот нема правила, приказна која како ретко која филмска инсценација на трагедијата, страста, победата… – се нурнува во истражување на внатрешниот човечки свет. Животот нема правила е резултат на првата соработка меѓу режисерот Ласе Халстром и директорот на фотографија Оливер Стејплтон. Стејплтон, инаку творец на голем број влијателни филмови, во својата филмографија бележи најголем број филмови снимени со режисерот Стивен Фриерс, но работи и со Мајкл Хофман, Џулиен Темпл…
Со својата специфичност се издвојува и чешкиот филм Минато во режија на младиот македонски режисер Иво Трајков (студирал на Филмската академија во Прага, таму живее и работи а на 21-виот Фестивал на филмската камера беше во улога на член на интернационалното фестивалско жири). Главниот лик е глуво момче кое по многу години поминати во затвор, излегува да ја бара својата девојка, од којашто му останала само фотографија. Сè се случува од субјективниот агол на глувото момче – камерата се поистоветува со него, а тоа му се случува и на гледачот кој е препуштен првенствено на звучната компонента, на импулсите, на срцебиењето на ритамот на животните сокови и на инстинктите. Минато учествувал на 30-тина фестивали добил седум-осум награди за режија, за камера и за звук. Пред да го сними Минато заедно со снимателот Клаус Фуксјагер, во текот на 1997/98, Иво Трајков главно работел среднометражни играни и документарни филмови, а пред седум години учествуваше на Фестивалот во Битола со долгометражниот игран филм Канарска Врска.
Вон конкуренција беа прикажани уште два други филмови: Еден од нив е швајцарскиот долгометражен документарен филм Лична карта: Швајцарија, составен од седум епизоди, од седуммина млади швајцарски режисери кои ја обработуваат идејата за Швајцарија и критички гледаат на своите сопствени идентитети во неа.
Вториот, по барање на самите продуценти, белгиско-француско-македонската копродукција со наслов Одмазда беше прикажана вон конкуренција, на завршната фестивалска вечер. Овој филмски проект делумно ја зафаќа македонската историја на преминот меѓу 19ти и 20ти век, за во еден ваков контекст да обработи приказна која практично се одвива подоцна во двете земји – Македонија и Белгија, во две времиња… Режијата е на белгискиот режисер (во овој филм и продуцент) Јан Хинтјенс, а сценариото е на Слободан Деспотовски (Македонец којшто студирал режија во Белгија, каде што денес живее и работи), Јан Хинтјенс и Боб Гусенс. Покрај белгиската екипа актери, играат и македонските актери: Љупчо Тодоровски, Рефет Абази, Дејан Лилиќ, Александар Микиќ, Софија Куновска, Валентина Грамосли.

АвторСузана Т. Павловска
2018-08-21T17:21:59+00:00 јануари 1st, 2001|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 18|