Трилогија – комплекс – целост

/, Галерија, Блесок бр. 30/Трилогија – комплекс – целост

Трилогија – комплекс – целост

за трилогијата „ЦРНА НО ПРЕКРАСНА“ (АЛШАР, NIGRA SET FORMOSA, ГОРНА ЗЕМЈА)
автор: Благоја Ристески – Платнар; продукција: Пегаз филм, 2001

Ретко кога, човек има можност да види нешто навистина специфично во областа на филмската уметност, особено во ова време во кое живееме… Најчесто она што го гледаме се или конфекциски (помалку или повеќе атрактивни) филмови или, пак, стандардно изработени (помалку или повеќе авторски вообличени) класични естетски форми. Се разбира, постојат и оние филмови што се чист (помалку или повеќе издржан) експеримент. Но, за наша среќа, одвреме-навреме, во секоја од овие групи што ги наброив, се појавува по некое остварување што ни доаѓа како извесно освежување, или пак, што е уште поретко, се појавува по некое дело, кое „здраво“ ги руши конвенциите на конкретната естетска и родово-видова форма и носи нешто суштински поинакво. Тоа е позитивно само во случаите кога тоа „рушење“ на формите е конструктивно, и кога пробивот на веќе воспоставените норми е направен преку естетско и суштинско надминување на тие норми, а тоа, пред сè, подразбира нивно претходно добро познавање, како и познавање на сите ограничувања што тие ги носат со своето утврдување и „затврднување“ со текот на времето. Само тогаш се случува деконструкција што значи нова креација и целисходност во својата суштина, а не деструкција што значи само негација и ништење без цел. Или, поконкретно кажано:
Деконструкцијата
ги крши затврднатите норми донесувајќи на нивно место нови, пошироки граници на свеста за едно уметничко изразување, додека деструкцијата ги разбива нормите не ставајќи ништо на нивно место, оставајќи празнина без свест за што било, освен за немоќта на уметничкиот израз.
За жал, најчесто сме сведоци на деструкција, а многу поретко на деконструкција, бидејќи многу полесно е да се ништи, отколку да се креира и ре-креира… За креација е потребно многу повеќе: потребна е виша свесност и совесност, но и словесност – како што, најверојатно, би рекол и самиот Благоја Ристески – Платнар, за чија филмска одисеја овде ќе зборувам…

И нека не ве зачудува јазикот којшто одвреме-навреме ми избива поинаков отколку оној со кој обично ги пишувам моите редови, оти поинаку и не може да се пишува за тоа патешествие, толку подруго отколку оние што досега сме ги знаеле, и оти нема друг начин да се зборува за она што тој со ова ходочастие низ скриените возвишености – во земјата, на земјата и над земјата македонска ни го доловува, на оној само нему својствен начин, начин достоен на овој свесен, совесен, а и словесен човек и автор,
со големо Ч и со големо А напишани…

* * *

Тука некаде, и вака некако, може да започне приказната за филмскиот циклус-трилогија ЦРНА НО ПРЕКРАСНА на Благоја Ристески–Платнарот, една филмски хибридна трилогија за убавините и посебностите на пределите на мистичното и необично Мариово, за благотворноста на благословеното и многубериќетно течение на реката Црна низ него, и за безбројните специфичности на тоа чудно – и преполно со секакви богатства и дух – парче македонска земја, непознаено или заборавено дури и од самите нас Македонци, исто како и духот и душите што ги носиме во нас, сред градите, толку блиску, а сепак, толку далеку. Велам хибридна, бидејќи е многу тешко, ако не и невозможно, таа да се подреди под кој било досега утврден филмски род и вид, или пак филмски жанр: ниту спаѓа под документарниот, ниту под жанрот на лирски/поетски филм, ниту пак под научно-популарниот жанр итн. Но затоа, пак, изобилува со карактеристики – мајсторски искомпилирани и структурирани меѓу себе – од секој од спомнатите филмски жанрови, родови и видови, а ако се задлабочиме понатаму, можеби ќе ги изнајдеме и повеќе…
И токму тука ќе застанам со размислувањето околу видово-родовите и жанровски карактеристики на ова филмско дело, за да му се вратам на самиот крај на овој текст…
Големата сторија за ендемитетите и необичните нешта што ги има само таму кај што ретко стапнува човечка нога, и што ги нема никаде на друго место на планетава Земја – освен таму, во Мариово, е поделена на три дела: АЛШАР, NIGRA SET FORMOSA и ГОРНА ЗЕМЈА. Сè во оваа трилогија, некако, почива во суштинската но и волшебна мистика на тројството: три одделни филмски стории; сосредоточени на трите видови постоење (претпостоење, постоење, натпостоење – долу, среде, горе – подземје, надземје, небеса – Хаосот, Патот, Космосот); филмски тројно испреплетени и кодирани преку слика, звук и текст; и ако се сетиме дека три пати по три е девет… а девет е магискиот број, кој во себе ја крие не само тајната на постоењето туку – тајната на совршеното постоење, на идеалот, апсолутот и Инкреаторот, тогаш знаеме речиси сè за оваа комплексна трилогија, за оваа трилогија-комплекс, за овој духовен комплекс во – целост…

Тројноткаените филмски стории, достојни на најубавиот македонски вез, се исткаени од три прекрасни конци на филмскиот запис. А тие се – волшебната фотографија на магот на македонската камера Владимир Самоиловски; потоа длабоката продорност на духозборот на нашиот благоглаголив и длабокоумен Благоја Ристески–Платнарот; и најнакрај, прво загатнатиот, па накрај решениот и облагороден звуковен контекст на музички немир на одамна докажаниот Љупчо Константинов…
… Тие три филмски конци, секој за себе, но заедно во еден сложен систем на овие три испреплетени филмски кодови, ја следат патеката на спознанието:
Фотографијата на Самоиловски започнува со длабоките темно-жолти и загасити земјено-црвени нијанси на земните пазуви во АЛШАР, па продолжува со жизнерадосните и полни со сончева светлина палети на животот и неповторливите форми на живиот и неживиот свет на мариовските предели во NIGRA SET FORMOSA, за да заврши со пробелените, воздушесто-возвишените сиво-сини и небесно-продуховени нијанси на стремежот кон надземското во ГОРНА ЗЕМЈА… Тоа е визуелната приказна, преку сликата и боите, на тројниот животен циклус… Така, приказната започнува од коренот-прамајка, од исконските длабини на земјените пазуви, од оние подземни ризници што бивствуваат во вечната темнина:

АЛШАР

Првиот дел од таа трилогија е наречен АЛШАР и зборува за рудникот Алшар во Мариово, рудник којшто е единственото место на планетава каде што е пронајден минералот лорандит, минерал со својство да го задржува неутриното, честица којашто ништо друго во оној за нас познат универзум не може да ја задржи, освен лорандитот. Лорандитот, пак, е единствениот минерал познат на модерната наука што може да го задржи неутриното во себе и да го спречи патот на неутриното низ нашата вселена кон некои други вселени или други димензии – којзнае? – надвор од оние нам познати постоења; и овој минерал ни ја дава шансата (барем малку) да „загребеме“ по површината на тајните на вселената и постоењето – со можноста да го проучуваме неутриното, оној (најверојатен) носител на темната маса на материјата што – до неодамна, за човечката размисла постоеше само како – загубена, скриена во ткивото на непознаеното знаење, а што по сите пресметки на нашиот сè уште млад апаратус за спознавање – мора да ја има, да постои… Е, тој минерал, тој „камен на мудроста и знаењето“, како што Платнарот милува да го нарече лорандитот, го има само на ова место од Земјината топка, само во Мариово, во рудникот Алшар, скриено и чувано од земјените пазуви полни арсен, отров што со милениуми ја чувал тајната на местото за починка на лорандитот со својот плен, пред еони заробен: неутринските честички внатре во супстанцата на овој минерал со неземјино потекло, минерал што патувал низ вселената како заскитана карпа-астероид, и во форма на метеорит, заробен од Земјината гравитација (или од судбината – би рекол Платнарот), паднал и се вкопал длабоко во сефатната, плодна почва на миракулното Мариово.
Така, првиот дел од трилогијата за мариовските миракули започнува со оваа приказна… Но, ни најмалку онака како што би можело да се очекува од еден документарен, научно-популарен филм што зборува за конкретните научни или спекулативни факти, за хипотезите и претпоставките на астрофизиката и нејзината математика и физика, итн. Напротив! Она што го добиваме е – на големо, но пријатно изненадување на гледачот на овој филм – едно длабоко-духовно патешествие за филозофско-теозофските суштини на овој феномен, продуховено и лирски испишани, кажани и прикажани со филмскиот јазик; она што го добиваме е една духовна документаристика за човековата потрага по себеси, а документарниот филмски патопис што се отвора пред нас уште со првиот дел на оваа филмска трилогија се претвора, наеднаш, уште со првите кадри, звуци и зборови во филмот, во еден документиран филмски духопис, толку својствен, примерен и достоен на нас, и опстоен за нас – од дамнина и од искони…
Така и продолжува оваа филмска трилогија понатаму – во такво едно сеопфатно доживување на бескрајната коренитост на духовното постоење; така е раскажана и приказната за бројните ендемити на флората и фауната на Мариово, во вториот дел од оваа трилогија:

NIGRA SET FORMOSA

Пребогатиот жив свет на мариовските предели, со своите многубројни варијации во флората и фауната на овој регион, е неисцрпно гротло на животот, каде што формите на постоењето се во вечна промена, и во длабока поврзаност со есенцијалната потреба на животот да се менува и подобрува себеси, стремејќи кон крајното, ултимативно единство на формата и содржината: кон целоста на совршенството, кон идејата за Бога, кон крајната смисла во единството на формата и содржината, на нештото (постоењето што секогаш е форма, облик) и ништото (непостоењето што секогаш е есенција, идеја)… Токму тоа го раскажува, прикажува и опејува вториот дел од оваа трилогија-комплекс, преку духовната претрага низ бројните локални ендемитети и други посебности на Мариово, необјасниво лесно водејќи нè низ густата комплексност и испреплетеност на локалните карактеристики на живиот свет во оваа област. Но, ова по многу работи посебно филмско дело – не само набројувајќи, и не само поради информација определувајќи – ни го раскажува и прикажува, пред сè, она што стои зад тие појавности: онаа есенција на духот што „само упатените“ во тајните на духот (како што вели Платнарот во своето филмско кажување) можат да го „доловат и дофатат“… Значи, не само појавноста на нештата, онакви какви што се, туку и она што тие ни го кажуваат со тоа – она што ние треба да го видиме, слушнеме, сфатиме и прифатиме како поука, и како знаење и „знамење“ да го вткаеме во нашите души и нашиот дух – за да го пронајдеме и изодиме нашиот сопствен пат кон совршенството, кон вечноста.
И самиот филмски запис е подреден на таа задача, и во овој втор дел од трилогијата, како и во првиот; дури и оние (новововедени во овој дел), навидум филмски играни секвенци – со Платнарот како влегува и потонува во реката Црна во нејзиниот долен тек, и како излегува и изнурнува од реката, некаде горе во нејзиното горно течение; потоа секвенците со пастирот-осаменик Стојан и неговата неостварена љубов; и најнакрај, маестралниот завршен кадар на оваа филмска сторија – кадар што нема ни да се обидам да го опишувам овде, бидејќи тој може само да се види, за да се сфати и апсорбира навистина. Овие секвенци само ја потврдуваат хибридноста на филмскиот исказ на оваа трилогија, и истовремено, на еден интенционален но дискретен начин ги отвораат семантичко-формалните порти за третиот продолжеток од оваа трилогија-комплекс и „несетимо“ нè воведуваат „во она што ќе следи“:

ГОРНА ЗЕМЈА

Третиот дел на оваа филмска трилогија-комплекс ја затвора нејзината целост, продолжувајќи по патот на животната и духовна патека и стигнувајќи до актуелизирањето на суштинските прашања: зошто сето постоење, зошто сето ова што нè опкружува и зошто сме ние тука? Третиот дел од оваа трилогија ни зборува за луѓето од овие предели, за нас, и за луѓето општо, и во целина. Со ова се затвора кругот на оваа трилогија; ако во АЛШАР се зборуваше за неживото, во NIGRA SET FORMOSA за несвесното живо, во ГОРНА ЗЕМЈА се зборува за самосвесното живо, за луѓето и за моќта „само ним примерена“ – да трагаат по смислата на постоењето и да ја осознаваат со она што им е „од Бога дадено“ за таа цел… Во ГОРНА ЗЕМЈА се зборува за луѓето таму горе, блиски до Бога и до духовите на просветлените, на „упатените и кадарните“, на оние што можат да ни ја раскажат и предадат „тајната на летањето“, на просветлението и на возвишувањето на Духот до небесните пространства…

ГОРНА ЗЕМЈА е и ламент на човечкото слепило да ја види својата единствена задача во ова свое постоење овде, на оваа грутка камен сред бескрајот на вселената. Зборувајќи за запустените населби на благодатното Мариово, ГОРНА ЗЕМЈА ни ја прикажува трагедијата на човековото откажување од својата суштина: од „желбата за лет“, од летањето – како симбол на човековата непроменлива и неизбежна судбина за сознание и просветлување како неопходност на неговиот пат кон совршенството и кон вишата смисла на постоењето… Преку сентенцата-коментар за откажувањето од „летот“, која гласи: „да живееш, а како да не си живеел“, дадена е и ударната поента на оваа трилогија-комплекс-целост… И тоа се обидува да ни го укаже ова филмско дело: да ни ја раскаже, покаже и прикаже трагедијата кога забораваме да бидеме свесни за тоа каде, како и зошто постоиме овде; и колку голема е трагедијата да се живее, а да не се види; да се види, а да не се разбере
И повторно, филмскиот исказ е најадекватно конструиран за да ни го даде токму тоа што има и намера да ни го пренесе: преку нестварно-убавите и воздушесто-синкави кадри на висините на Мариово што во себе го носат ветувањето за „небесата“, маестрално доловени од колоритот на фотографијата и окото на камерата на Владимир Самоиловски; преку длабоко-дофатливиот и густо возвриен текстовен код на Благоја Ристески-Платнарот, и најнакрај, преку, одеднаш, емотивно-просветлената музичка орнаментика на Љупчо Константинов; сите овие филмски елементи на филмскиот израз успеваат, заеднички, да ни ја пренесат пораката за незаборавање на тоа кои сме, што сме и зошто сме. А и од каде сме дошле, каде сме и каде одиме…
И, што е најбитно: зошто сме и зошто сето ова го правиме…

* * *

Затоа, и јас да го заокружам овој текст, не заборавајќи на ветувањето што го дадов некаде при почетокот на овој текст: околу родово-видовата и жанровска дилема на овој филм, сепак, не можам многу нешто подруго да кажам отколку она погоре кажаното…
… Овој филм-трилогија-комплекс-целост не може да се определи (чисто и конкретно) под ниеден од досега веќе познатите и утврдени такви норми во филмската уметност. Но, тоа ни оддалеку не е нешто што треба да загрижува некого; напротив – според современата поетика на „пост-постмодерната“ култура, тоа може да биде само предност на овој филм, бидејќи ја остварува идејата за мноштво во едното и едно во мноштвото… Во оваа трилогија, може да се препознае и документарниот и научно-популарниот филм; но исто така, може да се препознае и документарно-играниот, како и лирско-поетскиот филм; и филмскиот патопис може да се препознае. Но тоа е далеку од битно; она што е битно е тоа дека оваа филмска трилогија нè потсетува на она што е најбитно за човекот во неговиот живот: да се оди низ животот со отворени очи, да се гледа и да се сознава, и да се наоѓа смислата во сето она што се гледа и осознава – значи, да се разбере. Да се разбере дека смислата не е во минливото, менливото и површното, туку во нивното духовно обмислување; дека не е потребно само да се живее и проживее она надвор од нас, без тоа и да се обмисли и разбере длабоко внатре во нас самите. Бидејќи, само во целоста на она надвор од нас и она внатре во нас ќе ги најдеме одговорите…
Но овој пат, оние вистинските.
И токму поради сето ова, јас лично милувам да ја именувам (ако тоа воопшто е и потребно во овој случај) оваа филмска трилогија-комплекс-целост, како што ми проблесна и погоре во текстов: како еден филмски духопис, или уште подобро, како еден возвишен духовен патопис

2018-08-21T17:21:45+00:00 јануари 1st, 2003|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 30|