Суровоста на убавината

/, Галерија, Блесок бр. 64/Суровоста на убавината

Суровоста на убавината

„… каде се наоѓа жива таа Венера на старите народи, која толку често се бара, а никаде не се наоѓа? Едвај ако наидеме на некои од нејзините привлечности распрснати на разни места… Би го дал целото свое богатство за момент … да ја видам божествената и совршена природа, со еден збор идеалот“.
Оноре де Балзак, Непознато ремек дело

#1 За историчарите на уметноста е особено драгоцено будното следење на исказите на уметниците во медиумите. Во случајот на Драган Петковиќ за суштествено го сметам неговото интервју „До себе си и назад“ кое во неколку реченици го сублимира неговиот поглед на уметноста: „Опстанокот на радоста во уживањето и впивањето на уметничкото дело многу ретко прераснува во радост на творењето… Уметникот прави свесен компромис со општеството, обидувајќи се своето знаење и култура да ги пренесе на доаѓачките креативни потенцијали или настојувајќи во една од применетите насоки да го надмине пионерскиот обид воспоставувајќи основи за создавање визуелен идентитет таму каде што го нема.“1F
#2 Факт е дека Петковиќ беше во конфликтна врска со средината. Взаемно не се согласуваа. Роден со хедонистички инстинкт, создаваше со желба за обновување на трансцендентното убаво, постојано вознемирувана од незадоволството со постигнатиот резултат. За него замислената слика немаше пандан во нејзината материјална реализација и континуирано го раскинуваше неговото спокојство. Овој текст се сосредоточува врз авторовата страст за создавање на свој концепт за идеална убавина, постојано следена од резигнираноста. Прашање е колку има вистина или оправданост во неговиот скептицизам и дали само имагинацијата го оддалечила од големото поле на неговиот сон за убавината, иманентна подеднакво на животот и на уметноста? Не го знаеме во суштина карактерот и опсегот на неговите идеали, но неколку означители на неговата личност го гарантираа успехот во оваа негова ориентација: безрезервната љубов кон уметностите, надминувањето на обичноста, стремежот кон совршенството, џентлменското воспитување и критичкиот почит кон неговите учители и сликарски парадигми. Ликовната генеза на Петковиќ осцилира во променливата смена на сомнежите и задоволствата и опстојува во нивниот непрекинлив дијалог.

Во потрага по убавината

#3 Една од најнеблагодарните задачи за теоретичарите на уметноста е дефинирањето на поимот на убавото или на естетското. Сите ние што се обидуваме да влеземе во неговата тајна вечно патуваме во насока на неизвесното. За поблиска ориентација кон она што го бара Петковиќ, се повикувам на некои погледи на големите филозофи. За разлика од големиот Платон кој убавото го наоѓа во најпојавното и најпривлечното, Кант се застапува за „безинтересното допаѓање“ ослободено од поимот на значењето, рамнодушно кон видливото. Шилер зборува за „слобода во појавата“, а Хегел застапува „скриено навестување на убавото внатре во природното – во вонсебитието – или во сетилниот сјај на идејата“. Ги Мишо, толкувајќи го Стефан Маларме, ја констатира „празнотијата во која се содржани сите можни слевања на убавината“2F. Гадамер, се потпира на „естетското движење на допаѓањето без сфаќање“ и се прашува „како човек да си помогне со средствата на класичната естетика, со оглед на експериментирачката употреба на уметноста во нашата современост?“3F. Одговорот го наоѓа во играта, симболот и празникот. Во таа нецелесообразност или немање полза, „убавото се исполнува во еден вид на самоопределба и дише со радоста на самопретставувањето“ 4F. За Доналд Каспит „Убавината е еден вид на егоцентрична одбрана од беспомошноста на телото… Убавината е всушност телесно решение“5F. Кон овој кус „лексикон“ на антиципации и освежувања на старите толкувања, би можело да се вклучи и Винкелмановото обмислување на убавината како „експресија и акција придружувана од милост, единство и едноставност“6F. Ако сакаме да бидеме покоректни нема да ја заобиколиме и есхатолошката варијанта: убавината како смрт, страдање или некоја слична работа, бела ноќ, чашка отров.
#4 Наоѓајќи се на лизгавиот терен каков што е идејата за убавото, за творештвото на Петковиќ се лепат споменатите дефиниции компатибилни на метафизичкото. Но се јавуваат и класични означители: симетрија, пропорција, ред, кохерентност, перфекционизам, возвишена цел… Во ваквата ситуација се манифестира желба за помирување на академската со модерната концептуална естетика на убавината, за возобновување на андрогинските (машко – женските) квалитети во таа естетика. Редефинирањето на поимите Петковиќ ги редуцира на прашањето што може да биде убавината во 20. век, а да не се сведе загадочноста на баналност, а езотеричноста на евтин трик? Преформулацијата ја наоѓа во свежината на претставите ослободени од референтност, нарација или асоцијација. Се приклонува кон апстракцијата, она без лице и форма, на чувството за исполнетост и задоволство, невидливо присутно во треперењето, во облаците, чадот, правта, испарувањето, движењето7F . На платната уште од 1976/77 се разоткрива префинетата семиотика на феноменолошките кодови како кохезиона целина во која блеска воздушестоста на впечатокот, звукот и тонот на бојата, интензитетот и карактерот на линиите. Убавината ја толкува како супститут на несовршеноста во светот што се живее, како компензација на негативностите, несреќите и фрустрациите, како егоцентрична одбрана од напливот на несаканото. Гради чувство на сигурност и среќа, го обновува психичкиот статус на индивидуата (циклусите Радост на живеењето 1985, Во потрага по трајната убавина 1987, Според Моне 1997/2004. За да го постигне апстрактниот идеал на убавото драстично ја дематеријализира реалноста на претставата, прескокнува на другата страна од комформизмот, кон нешто поинакво од познатото. Фактичкото го преобразува во безвремено и безпросторно. Реалните цветови стануваат идеални вибрации, а танцот на фигурите кореографија на независни потези. Сè треба да се трансцендира на висина на чувството (за нешто), да се изгуби аурата на конкретното и да се престори во идеја. За да се искристализира вистинската замисла авторот преминува во сферите на своевидна галантна неприродност, артифициелност во близина на анонимноста на орнаментот, што е можно понастрана од познатите претстави. Тука се судруваат неговите амбициозни замисли со суровиот свет на сликите што ги создава. За да ја оствари прецизната концепција исполнува цели папки со скици и цртежи, пресликува големи платна, уништува готови слики8F.#5 Задоволството во сликањето се челичи низ страдањето: „Веќе еден месец сум во најчистите глечери на Естетиката. Откако ја открив ништожноста (le néant), го најдов убавото“ му пишува Маларме на својот пријател9F. Решен да го достигне апсолутното, за да доживее едно повисоко / повистинско јас и да го собере чудесниот цвет на замислата, Петковиќ не се штеди во истражувањето и по цена на сопственото здравје. Сета негова соматска, ментална, психичка, духовна енергија е обединета во кохезионо јадро. Но коректноста во опходувањето, убавите манири, грижливото дотерување, аристократизмот на окото и вкусот, се во постојана комуникација со (само)критичноста. Убавината мора да биде интегрална за да постои, за да ја има насекаде околу него. Футуристот Маринети ја претпочита естетиката на тркачкиот автомобил визави Нике Самотрачка. За Петковиќ нема преференции: ефектот на исполнетоста од пријатноста за погледот и душата е во дисперзијата, секогаш и насекаде во опкружувањето: во првокласноста на велосипедот, во „ленонките“, во Burrbery мантилот, во музиката (Стив Рајх, Брајан Ино, Филип Глас…), во планинскиот воздух, исто онолку колку и во неговите ликовни креации. Перфекционизмот во техниките, медиумите, стиловите, ликовните дисциплини е идентичен со оној во неговото опходување и дотерување.

#b
1. Драган Петковиќ. Во: Софија Ѓуровска, До себе си и назад, Нова Македонија, Скопје, 8.3.1995;
2. Ги Мишо, Маларме, КПЗ, Штип, 1966, стр. 82;
3. Ханс Георг Гадамер, Актуелноста на убавото, Магор, Скопје, 2005, стр. 46;
4. Исто;
5. Donald Kuspit, Idiosyncratic Identities, Cambridge University Press, 1996, p. 169;
6. Исто, стр. 51;
7. Феномени кои експлицитно ги загатнува во неговата семинарска работа на АЛУ во Љубљана: Пермутации на решавањето на илузијата на просторот во моите слики (Permutacije rešitve iluzije prostora v mojih slikah),1976/77?
8. Во афект на незадоволство од резултатот и Клод Моне ги уништувал своите слики: ги сечел со нож, ги палел . Позната е и големата самокритичност на Анри Матис кој ги фотографирал скиците пред да го заврши делото. Ад Рајнхард постојано нагласувал: „Да се слика и да се пресликува непрестајно едно и исто нешто, да се преправа и прецизира еден и единствен мотив. Жестина, свест, совршеност во уметноста се постигнува дури по упорно, рутинско работење и подготовка“. In: *Ad Reinhardt, Art-as-Art, Environments I, F I, Autumn 1962, p. 81;
9. Ги Мишо, Маларме, цитирано дело, стр. 67.

2018-08-21T17:21:08+00:00 март 3rd, 2009|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 64|