Сликарот Лазар Личеноски

/, Галерија, Блесок бр. 14/Сликарот Лазар Личеноски

Сликарот Лазар Личеноски

#5 Токму на преминот од третата кон четвртата деценија, „заедно“ со Личеноски од Париз се вратија голем број негови колеги, некои песимистички расположени, несигурни и разочарани од немоќта да му конкурираат на фрапантниот инвентар на Париската школа, или пак поттикнати од него и полни со ентузијазам. Збунет, но и збогатен со сознанијата од париските музеи, од она што како културно наследство и нови ликовни естетики му го нудеше Европа, уморен и заситен од Лотовата педагогија и Леноаровата строга шема на „оладена“ слика, Личеноски се приклони кон деценискиот импулс, кон она што се случуваше околу него, што го подготвуваше новото заглавје на бојата во историјата на уметноста. Но она што е од пресудно значење за севкупното натамошно ликовно делување на Личеноски, е одлуката, непосредно по враќањето од Париз, да ја создаде својата прва самостојна изложба во Белград, сликајќи во Македонија „… решив да одам во Македонија и таму да сликам…“. Егзотичноста на неговиот амбиент е онаа константа што му ги ослободи чулата и чувствата и стана неисцрпен извор на неговата инспирација. Како што духот на Гоген не можеше целосно да се изрази додека не ги пронајде и совлада егзотичните мотиви, така и кај Личеноски темата е од битно значење во решавањето на енигмата на инспиративниот код. Меѓутоа, кај Личеноски мотивот и актерите не подразбираат литерарни и симболистички конотации, не го прават контекстот на филозофското поставување на проблемот, туку се белези на една постоечка сцена од народниот живот и пејзажот околу него, повеќе врежани како вистина во неговиот дух, отколку како свесна порака со симболички значења. Од тие причини неговото сликарство веќе од 1929/30 година можеме да го следиме низ оваа неизбежна „македонска варијанта“.
#6 Македонскиот пејзаж го стави пред еден сериозен сликарски проблем, наметнувајќи одредени поместувања во сликарската постапка што призлегува од односот кон мотивот, така што „… тоа што е специфично во него не може да се постигне ако се слика на импресионистички начин, светлост и воздух. Секоја чест на Ван Гог, Моне, Сисле и Писаро, но тука треба да се пријде на предметот и да не се мисли на боја како фреска. Утрило слика ѕид, улица, а не боја, туку со боја…“
#7 На патот низ западна Македонија во периодот од 1929 до 1931 (но и подоцна), го создаде сиот свој сликарски репертоар: пејзажи, мртва природа, теферичи, чочеци, рибари, портрети… За да се специфицира разликата во начинот на доживувањето на одредени амбиенти, треба да се појасни неговиот специфичен однос кон македонскиот простор. Тогаш јасно се разбираат неговите размислувања во колористичкиот преплет на неговиот домашен амбиент. „… Утрило не можел да ми помогне, тој е сив и нема врска со ова интензивно зеленило и синило на планините, ниту со црвенилото на земјата и крововите на куќите. Тука треба да се снајдеш, значи да се пријде искрено кон проблемот што се наметнува, да се биде чесен и да се слика тоа што го гледаш“.
Но, тука треба да се додаде „и она што го чувствуваш“, бидејќи сознанието со ваков епилог дека Личеноски оставил зад себе две и пол децении клучен период од своето творештво во Белград, создавајќи најдобри дела, во тоа време сликани во Македонија, зборува за необичноста на ваквата постапка и за силината на емотивниот набој што го чувствувал за својот простор.
#8 Втората светска војна и времето до 1945 година се и последните години што Личеноски ги поминува во Белград, каде што ја приредува и својата последна самостојна изложба пред војната 1939 година, а потоа 1940 излага во Скопје на Пролетната изложба (со Н. Мартиноски, Т. Владимировиќ, и В. Поповиќ Цицо). И покрај специфичната општествено-политичка нерватура, Личеноски не отстапува од неговиот постоечки тематски репертоар. Оставајќи го зад себе носталгичниот инвентар на првите обоени визии во своето ателје во Душанова улица, со последното збогум, Личеноски го напушти Белград, се врати конечно во Македонија (во јануари 1945) да го врати својот сликарски долг и антејски да ги обнови своите творечки сили од почвата од која има „позајмено“ толку многу пејзажи, предели, теферичи, рибари, долапи…
Изморен од варијациите на пејзажот и веќе пополнетиот тематски репертоар, кај него полека стивнуваа смелоста и замавот, „бескрупулозната“ младешка слобода и непосредност, сепак разгорувајќи ја искрата во расцутените афионски полиња, каде што ќе исткае уште една цветна македонска черга – едно од последните камчиња во мозаикот на пејзажот на неговата ликовна приказна.
Ткајач на македонскиот мотив, Личеноски го бара мирот во опојната миризба на „последните афиони“ сликани во тивката атмосфера на „Сликарското ателје во Галичник“, од каде што за последен пат топло го погледна неговиот извор на вечноста – Галичник, неговиот заборав и слатка тага, неговата носталгија и радост, неговата совест и живот, копнеж уште еднаш да го вдахне стаклестиот остар мијачки воздух и онаа мемлива миризба на бачилата што остана да нè сеќава на творецот на најживописната етнолошка слика на Македонија.

АвторВикторија Васева Димеска
2018-08-21T17:22:04+00:00 април 1st, 2000|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 14|