„Сенки“ на Манчевски

/, Галерија, Блесок бр. 58/„Сенки“ на Манчевски

„Сенки“ на Манчевски

на 23тиот Интернационален фестивал во Санта Барбара

Црвените теписи ја означија неделата на 23тиот Интернационален филмски фестивал во Санта Барбара, кој беше проследен со воздишки и врисоци за Џули Кристи, Кејт Бланшет, Ксавиер Бардем, Рајан Гослинг, Томи Ли Џонс и Анџелина Џоли, во тој редослед. А ѕвездите сјајно блескаа и на лажниот темно-небесен свод на Арлингтон театарот со 2000 седишта, ограден со лантерни од чисто злато и килибар и фасади на старите шпански мисионерски градови, каков што бил и овој. Ова место за безбројни признанија беше речиси толку полно и за новиот филм од Казахстан на Сергеј Бодров, Монгол. Прекрасен стародмоден акциски филм, без градење на карактери и длабоки конфликти (дури и нарацијата се одвива во фон, во прво лице), кој понуди многу крв и тела, пејзажи на небото и на земјата, сирова еротика, ако се спореди со на пример, сјајниот спектакл за палатата Жанг Јиму.
Во помалите театри и во некои пријатни места со средна големина (градот нуди неколку, распослани низ центарот), многу досетливите и посветени синеасти побрзаа кон петте нови филмови одредени како „Источен блок“ во каталогот и ги исполнија кино салите. Никогаш не сум видела толку малку консумирани пуканки (ниту пијалак или каква било храна) во кино-салите (иако генерално беа достапни), и не сум слушнала толку многу разговор во фоајеата потоа. Во моментов кога го пишувам текстов, фестивалот е на средината, па не сум ги погледнала сите филмови (сè уште не е прикажан Работ на небото на Фатих Акин, а се очекува со возбуда), но до сега прикажаните – елоквентно таинствениот Александра на Александар Сокуров, возбудливиот и привлечен Прогонство на Андреј Звајгинцев и необично убедливиот Сенки на Милчо Манчевски се доволно за кој било фестивал да се нарече успешен. Сите заедно го зголемуваат естетскиот и општествено ангажираниот впечаток на овој единаесет дневен настан; нешто што не е толку изразено во ниеден друг сегмент на програмата. И ќе биде штета ако наскоро не се појават во локалните уметнички кино сали низ земјата. Ако не за друго, тогаш само поради тоа што треба многу време за да се сретне негово ново дело, иако работи и живее во САД (шеф на катедрата за Режија при Школата за уметности на Универзитетот во Њу Јорк), овој осврт ќе се фокусира на најновото остварување на Милчо Манчевски.
#1 Следејќи го неговото прославено деби, Пред дождот (1994) и вториот филм, Прашина (2001), сценаристот и режисер Милчо Манчевски уште еднаш ни понуди совршен фестивалски филм: визуелна приказна со драматична содржина, со историска длабочина и современ пробив, раскажана со елан, вешто и инвентивно. Манчевски повторно му се враќа на местото кое не може да го заборави, својата сакана Македонија.
Сè почнува, барем самиот филм, со судир. Изгледа како фатална сообраќајна незгода. Но Лазар Перков – неговите пријатели го нарекуваат Среќко – чудесно преживува; или барем тој така мисли. По едногодишно закрепнување, се враќа од езерската вила на своите родители во својот стан во престолнината Скопје, и на својата работа како лекар во болница. Тажен што неговата сопруга и нивното мало синче не доаѓаат со него, а таа и флертува со некого, тој се чувствува уште понелагодно зашто неговата заборавност, кошмарите и отсуството на свесност му кажуваат дека неговото закрепнување сè уште не е завршено. А тука се и оние чудни лица: стар човек кој се грижи за бебе, можеби и постара жена со тетовиран крст меѓу веѓите која мрмори на некој стар дијалект, а потоа и заводлива млада жена која чува тајна.
#2 Лазар успева да најде некој кој ќе ги дешифрира зборовите на старата жена, Калина, која на неговиот кауч го чека да се врати дома навечер, понекогаш со сенишно клештење. „Врати го она што не е твое. Имај почит“, го сили таа со итност. Но, што украл тој? Без тоа да го знае, како е возможно нешто да врати? Лингвистот кој ги превел зборовите ја забележува Библиската врска на името Лазар со приказната за Лазар и, случајно, младата жена што ја сретнува во канцеларијата, Менка, која преживеала самоубиство со бесење – но дали преживеала? Можеби не е случајно што старецот, Герасим, бегалец, се појавува на носилка во болницата. Неговиот брат забодел клинец во неговата петица, пред да го стави во ковчегот, за да го заштити од талкање по смртта. Сепак, тој е тука пак, умира уште еднаш, оставајќи некрстено бебе, кое го забележува Калина, одамна раселена Егејска Македонка.
Повторувањето на нивните насилни умирања во приказната го прогонува Лазар сето време, предизвикувајќи му кон луѓето чувство на сочувство и привлечност, како во случајот со Менка. Но, Лазар е обземен од доминатното присуство на мајка му, многу успешна лекарка и амбициозна жена, која некогаш зела кутија стари коски од светите гробишта затоа што ѝ биле потребни за часот по анатомија. „Тоа не е вистински гроб“, објаснувала таа во нејзиниот роден град Глувово. Сепак, една од првите сцени во филмот прикажува делумно урбана легенда, а делумно народна приказна кога локалните Македонци сопираат, ги исклучуваат радијата во колите и мобилните телефони за да ја прослават Ноќта на мртвите. На широките гробишта под црното небо, мноштво свеќи ги осветлуваат гробовите врз кои посетителите оставаат чинии со храна или точат пијалаци за нивните починати и таму ја минуваат ноќта.
#3 Доживувањето на овие моменти во вакво опкружение пружа сенишна интимност – соочување со својот страв, кој, за чудо, води кон прославување на животот. Но Лазар допрва треба да го мине тој пат, зашто неговите „сенки“ се движат меѓу вистински живите, на секој чекор од неговиот живот. Снимателот Фабио Кјанчети визуелно ја создава оваа насетувачка траекторија со употреба на двојни ликови, често пати одрази, искршени простори, огледување на една личност во друга, и карактерите кои мистериозно испаѓаат од рамката и исто така ненадејно повторно се појавуваат, или, неочекувано, исчезнуваат пред нашите очи. Лузната од јажето на вратот на Менка се појавува, исчезнува и повторно се појавува, исто како што се визуализираат „празноверијата“ (една жена објаснува дека белегот на нејзината рака е последица на тоа што нејзината мајка каснала украдено грозје додека била бремена). Колку Лазар и да се опира пред матријархалното јаже на неговата мајка, неговата љубопитност и свесност му дозволуваат да ги насети брановите на натрапници во Македонија низ вековите, нивната кражба на земја и луѓе, и неплатениот долг како влог за Лазар, без оглед на степенот на неговото сопствено учество.
Публиката на која ѝ е позната историјата на овој регион се присетува дека Грција, Србија, Бугарија и Црна Гора ѝ објавиле војна на Турција во 1912 година. Веднаш откако овој чин ја ослободи Македонија од окупацијата на Отоманската Империја, се случи нејзината поделба помеѓу соседните земји. Грција започна етничко чистење во Егејска Македонија, протерувајќи стотици илјади луѓе, присвојувајќи ја нивната земја, забранувајќи ја потребата на нивниот јазик и преименувајќи ги местата, ограбувајќи села и уништувајќи домови. Биле донесени етнички Грци од исток, за да го населат овој регион. Грчката граѓанска војна во 1940тите само го зголемила проблемот, овозможувајќи прогоните да дури до 1974 година (годината кога мајката на Лазар ги ископала коските за часот по анатомија во филмот). „Да се скрие минат геноцид значи да се прошири“, коментираше Манчевски, „и јас почувствував дека оваа приказна ќе го најде своето место во Сенки, кој зборува за одговорноста на индивидуата пред лицето на семејството и историјата“.
Во 1991 година Македонија изникна од „пепелта“ на поранешна Југославија. Милчо Манчевски тогаш започна да создава филмови преку скршени, преплетени и кружни раскажувања, прошарани со историски пасажи и елипси, за да ги раскаже приказните на својата татковина. Сенки се оддалечува од овој пристап, нудејќи поправолиниски развој на приказната, но додава и визија на лична агонија. Наречете ја „приказна за духовите“, но знајте дека изгледа повеќе како Бергман или Полански, па дури и како Шекспир – Магбет и Хамлет, на пример. Задржувајќи ја истата екипа актери од еден до друг филм, Манчевски за главните улоги во Сенки ангажира двајца актери кои за првпат се појавуваат на филм: Борче Нацев како Лазар и Весна Станојевска како Менка, кои одиграа одлично. Што се однесува до режисерот, ако го погледнеме Лазар како визионер различен од самиот креатор на филмот, следејќи го патувањето на артистот, тоа патување е исто така алегорија на филмот кога неговата цел е да нè води за да видиме – по секоја цена – и да сонуваме.

(http://www.cinemawithoutborders.com/news/130/ARTICLE/1458/2008-02-01. html)

Превод од англиски: Сузана Шопова
Уредил: И. Исаковски

АвторДајен Сипл
2018-08-21T17:21:13+00:00 февруари 25th, 2008|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 58|