Секс со духови

Секс со духови

Сенки

Сценарио и режија: Милчо Манчевски
Улоги: Борче Нацев, Весна Станојевска, Филарета Атанасова, Сабина Ајрула
Кинематографер: Фабио Чанкети
Музика: Рајан Шор

Со Пред дождот, Манчевски антиципира
Со Прашина, жонглира
Со Сенки, симулира

#1 По проекцијата на Сенки, една повозрасна госпоѓа пред ТВ-репортерот коментираше: „Не сум сигурна дека ја разбрав содржината, но режијата и музиката ми се допаднаа“. Еден од коментарите на Манчевски за својот филм е дека Сенки воопшто не е правен за американската публика, веројатно плашејќи се дека поттекстот за Егејците ни оддалеку не е атрактивен колку што би била тоа приказна за Амишите, на пример. Но, и на односната дама (која не е Американка), и која веројатно оди во кино од премиера на премиера, сепак нешто од приказната не ѝ било јасно.

ФОРМАЛЕН АСПЕКТ – ПТИЧЈА ПЕРСПЕКТИВА

Во суштина, ова е наједноставниот и најразбирливиот од трите филма на Манчевски. Неговиот „маркетиншки трик“, да ги амалгамира локалната егзотика и космополитизмот, во Сенки е најмалку потенциран, но и најдобро функционира. И, што помалку се занимава со формалното во приказната, Манчевски сè повеќе добива на визуелното. Ќе се осмелиме да кажеме дека Сенки е занаетски најдобриот негов филм, конзистентен и речиси без мани. Соработката на режисерот со снимателот Фабио Чанкети и дизајнерот на продукција Дејвид Манс, евидентно донесува квалитет.
#2 Но, не сè што доаѓа до нашите сетила од големото платно, можеме да го оцениме како позитивно. До нашите уши доаѓаат реплики, текст, дијалози кои често не кореспондираат со логиката на обичниот, но и на филмскиот јазик, една чудна јазична синкретика (на Ти, па на Вие) која создава дистанца кон ликовите, скепса кон логиката на нивното однесување. Следната „недоследност“, која во очите на посетителите најчесто е доживеана како атракција, е манирот на цитирање во која Манчевски во трите свои филмови е „консеквентен“, но овојпат со слоновска доза на позајмени сцени. Да тргнеме од најбаналниот Дух на Џери Цукер (претворањето од човек во дух и обратно; сообраќајната несреќа на Патрик Свејзи): преку култниот Сјаење на Стенли Кјубрик (сцените со бабата во бањата и птичјата перспектива на возењето автомобил низ кањонот); па сè до некои детали од филмови на Линч (Твин Пикс) или Кроненберг (Гол ручек) или Донер (Омен)…

Што се однесува до актерската екипа, секако, повеќето од нас ќе бидат наклонети кон главните ликови Лазар (Борче Нацев) и Менка (Весна Станојевска) на кои многу повеќе шармот отколку актерството им е адут во штурата драматуршка синтакса и семантика. Затоа, пак, во филмот брилираат епизодите на искусните професионалци Салаетин Билал, Диме Илиев, Сабина Ајрула и вонвременската Жаклина Стефковска.

СУШТИНСКИ АСПЕКТ – КРУПЕН ПЛАН

#3 Без оглед од каков агол Манчевски ги третира душата и духот, дали според ониристиката на Маите или на Банту или според тројството на свети Павле (дух, душа, тело), тематската легитимност не се доведува во прашање. Сепак, во име на претпоставената драматуршка тактилност која жанрот ја бара, Манчевски пропушта да допре (и до гледачот) подлабоко во суштината на етичката порака преку мистичното.
Смртта според својата ентропичност и неумоливост е „омилена“ филмска категорија. Враќањето, пак, од смртта, е најкреативната човекова преокупација, за филмаџиите една од најподатливите теми за екранизација. Манчевски како да не ги допира суштинските сензори на проблематиката и не успева докрај да ги избегне стапиците на „техничкиот хорор“. Како да недостасува аурата на спиритизмот од Седмиот печат на Бергман, на пример, или суптилноста на Другите (The others) на Аменабар. Отсуството на побогат дијалошки корпус ја разводнува тематската стратегија, па така добар дел од филмот ќе се памети по слоганот „понекогаш мртвите зборуваат погласно од живите“, што е прескромна реторичка флоскула за филм со уметнички претензии. Ниту „заштитната етикета“ дека ова е на Манчевски досега најличниот (не најубавиот) филм, не го амнестира во пропустите на драматуршки план.

ОНТОЛОШКИ АСПЕКТ – ТОТАЛ

И повторно, навраќањето кон душата. Свесно или ненамерно Манчевски ја артикулира Јунговата анима како женски знак за несвесното кај мажот. Оттаму и неговиот втор слоган, дека Сенки е филм за сексот и смртта. Во комбинација со сопствените (биографски) искуства на кои се повикува, определени сцени се мошне функционални, и без оглед колку можат да предизвикаат чувство на емпатија, наоѓаме дека се неговиот единствен значаен авторски печат на филмот.
Потрагата на Манчевски по сенките од минатото, по коските на предците ќе ја оцениме како успешна лична авантура, преточена во гледлива, но не и многу сугестивна филмска приказна. Можеби е проблемот во изборот на жанрот, или…?

2018-08-21T17:21:14+00:00 декември 15th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 57|