РАЈОТ ПОСТОИ – 15 години Уметничка резиденција „Арт Поинт – Гумно“

/, Галерија, Блесок бр. 120 - 121/РАЈОТ ПОСТОИ – 15 години Уметничка резиденција „Арт Поинт – Гумно“

РАЈОТ ПОСТОИ – 15 години Уметничка резиденција „Арт Поинт – Гумно“

1. 15 години Арт Поинт – Гумно, постер, Воскресија Андреевска, 2018;

2. Козата (,,Козата од Домазетовци”, aкварел на хартија од Даниел Педл од Њујорк, САД, насликано 2004 година);

3. Скулптура од дрво (,,Лист”, дрво/обработени гранки собрани покрај Бела Река во Слоештица, Леон Пачет, Шкотска, изработено 2008 год.);

4. Жената со лебот (,,Приказна за лебот”, Фотографија, Ероу Рос, Вилмингтон, САД, фотографирано во 2005 год.);

5. Две легнати тела (,,Под Плакенска Планина”, масло на платно, Раед Ал Рави, Ирак/САД, насликано 2006 год.);

6. Камена скулптура (,,Жената од Картагина”, Обработен речен камен, Нажет Гериси, Тунис, 2011 год.);

7. Валавици (,,Валавици”, Фотограм, Ева Мајер, Словачка/Унгарија, 2012 год).

Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт – Гумно“ се наоѓа во магичното село Слоештица, во подножјето на Плакенска Планина.

Инспирирани од максимата на Тезеј: „Допри ја земјата за да се кренеш!“, основачите на центарот, семејството Андреевски, веќе 15 години активно делуваат на полето на културата и уметноста и заштита на биодиверзитетот и животната средина.

Уметничката резиденција „Арт Поинт – Гумно“ е можеби најпрепознатливиот бренд што е изграден низ годиниве, афирмиран не само во Македонија, туку и во меѓународни рамки.

Благодарение на креативните авантури на Сергеј низ целиот свет, дел од истакнатите уметници и уметнички организации со коишто тој се среќава, стануваат гости на креативното гумно во Слоештица.

Од 2003-2017 година, над 40 реномирани меѓународни уметници беа официјални гости на уметничката резиденција во Слоештица. Работилницата вообичаено се организира еднаш годишно за 2-4 уметници од различни земји од светот. За време на нивниот престој во селото, кој трае најмалку 3 недели, уметниците креираат инспирирани од природните убавини на регионот и од оригиналниот дух на локалното население. Програмата опфаќа и посета на значајни културно – историски, туристички локации во регионот (Демир Хисар, Крушево, Битола, Охрид и др.).

Покрај создавањето уметност, гостите реализираат активности за и во соработка со локалните жители. Ваквите проекти за доброто на заедницата изградија вечни пријателства и отворија нови хоризонти.

При крајот на секоја резиденција, се организира изложба на изработените дела, со наслов „Отворено студио“. Овие настани се редовно посетени од бројни љубители на уметноста, а се документирани како од домашни, така и од странски медиуми.

Годинава, во Велестово славиме 2 јубилеја: 30 години „Поетска ноќ во Велестово“ и 15 години Уметничка резиденција „Арт Поинт – Гумно“. На изложбата во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во село Велестово, посетителите ќе имаат можност да видат дел од колекцијата на „Арт Поинт – Гумно“ – дела инспирирани од доживувањата на руралните простори на горен Демир Хисар од уметниците од светот.

…Всушност, станува збор за семеен центар во кој сите се вклучени во работата, и сопругата Ирена и синот Меглен и ќерката Воскресија. Сите се дел од работата и од просторот, и духовно и физички. Кога го формиравме центарот, со сопругата разговаравме за тоа дека дедо ми сè што почнуваше, го почнуваше од гумното. Денот го почнуваше и го завршуваше на гумното. Всушност, Македонецот порано најголем дел од денот го поминувал со работа на гумното. Затоа во насловот на центарот е вметнато гумното, бидејќи сега гумното го претворивме во една поинаква реалност во смисла на креирање на уметноста и живеење со уметноста. Притоа ние сакавме нашето гумно да дочекува гости од светот. Има многу ликовни колонии и работилници каде што се присутни македонските уметници, но помисливме дека ќе биде добро нашиот центар да биде интернационален и покрај убавините на селото, странските уметници преку менталитетот на луѓето што живеат во Слоештица да ги запознаваме и со менталитетот на Македонецот. Не знам дали тоа може да се почувствува во Скопје така како што се чувствува тука. Во Слоештица поинаку се живее. Тука времето понекогаш едноставно – стои. Во такви услови е полесно да се ѕирне во душата на луѓето што живеат на овој простор. Спокојот на пределот овозможува полесно да се открие и сопствената душа. Кога ќе погледнеш внатре во себе, тогаш е дадена можноста и во сопствените творби да создадеш нешто друго, нешто што дотогаш не си знаел дека постои во тебе. Тоа беше суштината на создавањето на центарот за уметност „Арт Поинт – Гумно“…“

Фрагмент од интервјуто на Сергеј Андреевски за Тони Димков – „Поинаквата реалност на гумното“, Лајф магазин/Портрет/Интервју (бр. 48, октомври 2010)

АвторИрена Андреевска
ПреводЕлизабета Баковска
2018-09-20T12:53:36+00:00 септември 19th, 2018|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 120 - 121|