Разговор со Петар Мазев 1989/90

/, Галерија, Блесок бр. 116/Разговор со Петар Мазев 1989/90

Разговор со Петар Мазев 1989/90

Разговор со Петар Мазев 1989/90


САД: Од Вашите слики се шири и нагласен еротски набој кој има деструктивен однос vis a vis класичната еротска традиција во ликовната уметност. Зошто толкава густина на еротиката?
ПМ: Еротиката е голем дел од мене, колку е поконцентрирана, толку појасно се отсликува на платното. Ја сметам како гориво во креативниот процес. Од неа не бегам, напротив, уште повеќе ја разгорувам. И мојот акт на сликање има еротски обележја.
САД: Имате интересни имиња на делата. Како се врзуваат тие називи за делата a priori или a posteriori?
ПМ: Главно ги ставам откако ќе ја насликам сликата. Со актот на давање на називот јас ја завршувам сликата. Сè тоа е заедно. На пр.: „Љубов во пеколот“ – нешто сосема апстрактно, зарем не?
САД: Фигурација да, фигурација не. Потоа во 1968 г. Го споивте тоа да и тоа не во едно. Оттогаш до денес, две децении, стоите на позицијата да – не. Значеше ли тогаш тоа помирување во опозицијата согледба на апсурдноста од поделбите меѓу апстрактното и конкретното, зошто денес секому му е јасна бесмислата на таа или – или позиција?
ПМ: Сето тоа е искуство. Едно време насоката беше позначајна од резултатот. Тоа кај мене беше знак на барање, на љубопитство. Моментот на зреење е мојата рамнодушност кон поделбите апстракција – фигурација, односно нивно обединување и проникнување.
САД: Како гледате на традицијата?
ПМ: Ние немаме традиција во современото сликарство. Не мислам на Византија која била одамна и ако денес се потпираме на неа како да почнуваме одново да ја разработуваме Деветтата симфонија на Бетовен. А таа е толку совршена, чиста и невина. Византија низ селекција на времето дошла до најдуховното. Ми изгледа недопирлива.
САД: Меѓутоа, Византија е неминовност. Вие, Чемерски, Лазески, Кондовски и други, се разбира секој на свој начин, не можете да бидете рамнодушни кон неа?
ПМ: Византија е нешто што го сакам, но не го мислам, кај мене е тоа спонтано, природно. Мене ме возбудува и мексиканското сликарство, можеби повеќе од византиското.
САД: Меѓутоа, Византија е таа што се чита од Вашите платна, но не зборувам само за уметничката традиција, туку воопшто за сите наши национални слоеви, од секојдневните предмети о кои сте обиколени во Вашето ателје, до народните обичаи. Етнотрадицијата е многу потесно инфилтрирана во сликарското битие на македонската уметност, отколку што тоа изгледа. Вие сте во тесен контакт со фолклорот, можеби во најтесен, ко зборуваме во општи релации. Меѓутоа, степенот на уметничката трансформација е на толку високо рамниште што само внимателната анализа н Вашите слики и сознанието за едноста на Вашето сликарско суштество со етнобитието можат да ги откријат тие релации. Н пр. Да земеме еден килим или черга од Вашето ателје. Тие не постојат како такви во Вашите дела, туку се јавуваат само како деконструирани, откинати парчиња од постоечкото.
ПМ: Тоа не го примам директно, туку едноставно сите тие споеви што ги наречуваме традиција влегуваат и се населуваат во мене. Некогаш сум живеел во стара македонска куќа. Тогаш повеќе ги сакав новите. Но сега се враќам на тие сеќавања од детството. Многу нешта биле во мене, сум растел со нив, ми биле храна, а не сум бил свесен за тоа. Го сакам тоа време, а ја чувствувам длабоко и современоста. Ако сакаш да бидеш модерен сликар треба, пред сè, да го отиснеш своето време, но преку своето национално битие. Сегашното време е диво споредено со минатото на мојот народ. Јас го припитомувам, му давам топлина. Мојата естетика на прв поглед е грдото, но настојувам вториот слој да биде материја со душа. Од друга страна, сè што гледам или чувствувам сакам да го распрснам, да го декомпонирам. А потоа да ја направам архитектурата, рамнотежата, за да ù дадам арматура на сликата. Мојата постапка е обратна: прво го разградувам старото, потоа од та разградба правам современа градба.
САД: Значи минатото, сеќавањата често ги допирате?
ПМ: Кога бев дете многу сакав да ги гледам облаците и како во нив се оформуваат различни претстави. Моите слики содржат нешто што сум го примил уште како дете. Секогаш светлината, небото, пејзажот го повикуваат човекот. И сè е заедно. Без разлика кој и што во кого влегува – сè е споено. И а студентите сум им зборувал кога сликале темна слика: погледнете низ прозорецот, грабнете ја светлината и пренесете ја на платното! Сфатете како и колку е присутна бојата во светот!
САД: Релативно млад сте станале свесен за тие феномени?
ПМ: Тоа не било свест. Тлеело од внатре и се разгорувало. Многу сум се загледувал во светот и правата линија секогаш ме одбивала.
САД: Не го сакате спокојството, ниту во сеќавањата, ниту во сегашноста. На море не сте задоволни и кога е мирно морето во него го барате движењето, енергијата, ѓаволот?
ПМ: Не го сакам неподвижното, тишината, туку точките каде што се случува животот. Сакам она што ќе го видам веднаш да ме возбуди, да ме предизвика. Јас не сум аналитичар.
САД: Од надвор ко внатре и од внатре кон надвор. Спомените како време затворено во Вас ги носите во секоја нова слика. Отсуството на сеќавањата некои го изедначуваат со смрт.

ПМ: Човек што ја брише меморијата го брише и животот. Корењата, времето од детството го прават човекот она што е. Барам да си создадам моја слобода – сама по себе таа не доаѓа. Кога ќе ја освојам, не давам ниту дел од неа, зашто таа е практично дел од мене: не давам ниту едно коренче да ми се пресече. Ништо не давам од таа слобода. Во неа се згуснале времињата што поминале низ мене.

2018-09-20T12:29:33+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 116|