Разговор со Петар Мазев 1989/90

/, Галерија, Блесок бр. 116/Разговор со Петар Мазев 1989/90

Разговор со Петар Мазев 1989/90

Разговор со Петар Мазев 1989/90


По повод јубилејната изложба „Петар Мазев – 90 години од раѓање“, Национална галерија, ноември, 2017

САД: Кога и како се запали сликарството во вас?
ПМ: Сигурно имав девет години кога почнав самоиницијативно да цртам со ќумур според жив модел и тоа на уличниот плочник. Подоцна цртав и на хартија, но во Кавадарци, моето родно место, немаше кој да ме насочи, да ми даде било какво упатство. По завршувањето на осмолетката во Кавадарци се запишав во Средното уметничко училиште во Скопје. Ми предаваа сликарите Никола Мартиноски и Лазар Личеноски.
САД: Дали и двајцата имаа подеднакво влијание на Вас?
ПМ: Бев еден од најдобрите ученици зошто максимално му се давав на сликањето. Мислам дека ме ценеа и едниот и другиот, но Личеноски повеќе влијаеше врз мене со својата човечка топлина. Се одушевуваше од моите резултати и многу ме поттикнуваше. Тогаш и таму за прв пат разбрав дека уметноста е нешто што и другите го сакаат.
САД: Има една линија во развојот на современото македонско сликарство што почнува од Мартиноски, па преку Вас доаѓа до една група денешни млади сликари. Каков контакт имавте со Мартиноски, бидејќи, во извесна смисла, Ве сметам за негов следбеник. Во морфолошка смисла го продолжувате неговиот експресионизам. Вашето сликарство се наврзува помалку на Личеноски, а повеќе на Мартиноски. Вие како и Мартиноски сте сликар на страста.
ПМ: Да, но ја чувствувам материјата како кај Личеноски.
САД: Енергијата во материјата на сликарството на Мартиноски ја отсликува повпечатливо внатрешноста на личноста.
ПМ: Личеноски повеќе зрачеше како педагог, топло човечки ми пристапуваше, и имаше време да разговара со мене. Мартиноски беше поголем авторитет но беше подистанциран. Но и двајцата ги почитуваа талентите и како вистински уметници ги поддржуваа.
САД: Мартиноски беше како култ-личност. Младите уметници се собираа околу него, а и другите.
ПМ: Беше како матрица. Во секој случај Личеноски ме запали за материјата, а Мартиноски за цртежот.
САД: Бидејќи не можам да извлечам потврден одговор од Вас во однос на потесната сликарска врска меѓу Вас и Мартиноски, дозволете да заклучам дека потсвесно сте се одушевувале од него и тоа сте го бележеле на платно. А Личеноски сте го сакале повеќе како педагог. Но да се вратиме на школувањето. Во тоа време талентираните ученици ги праќаа со препорака и според одреден план на југословенските ликовни академии. Зошто отидовте токму во Белград и какви искуства носите од тој период?
ПМ: Белградската академија беше главно за сликарство, Загребската за скулптура, а Љубљанската за графика. Јас се најдов на вистинската. Во почетокот бев кај професорката Љубица Сокиќ – Цуна, а потоа бидејќи не можев да избирам, и кај професорот Недељко Гвозденовиќ, кој во тоа време беше многу „во мода“. Последните две години бев во класата на професорката Зора Петровиќ со која воспоставив одличен контакт. Од нејзе ја научив слободата на сликањето, најзначајната придобивка во мојот период на сликарството.
САД: Како се одвиваше спојот на младиот дипломиран сликар со средината на тогашно Скопје (1953)?
ПМ: ПО враќањето од Белград почнав да излагам на изложбите заедно со моите некогашни професори Личеноски и Мартиноски. Во тоа време, за изложбите пишуваа некомпетентни критичари, професионални не постоеја. Тогаш во Скопје дојде сликарот Миќа Поповиќ кој требаше да пишува за изложбата на ДЛУМ во белградскиот печат. Знаев дека има објективен став и со нетрпение ја очекував неговата критика. Кога го отворив НИН (во којшто беше објавена долгоочекуваната критика), не можев да верувам дека текстот почна со анализа на моите дела. За мене тоа беше мошне охрабрувачко и неговите оценки многу ми значеа. Потоа, за релативно кусо време ми се продадоа неколку слики. И заклучив: во една тешка за времето материјална ситуација, сликарството може да се исплатува.

2018-09-20T12:29:33+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 116|