Радост на сликањето

/, Галерија, Блесок бр. 53/Радост на сликањето

Радост на сликањето

* * *

#7 Постојат мислења дека експресионизмот како природа на уметноста може да се „поврзе“ (и) со географската припадност, па така се говори за експресионизам со нордиски, или со германски, или со словенски … дух итн.
Сосема склон да го прифати ова, потписникот на овие редови, во конкретниов случај на еден т.н. македонски експресионизам и Сергеј Андреевски, словенскиот дух би го проширил на еден поширок контекст именуван како медитерански контекст.
Несомнено дека желбата/волјата за какво и да е творечко обликување/изразување во секој период од човековата историја секогаш е адекватен израз на односот на човекот, неговото поимање на светот што го опкружува. И, се разбира, тој однос, тоа поимање на светот е (логично?) различно – на различни географски широчини и должини.
#8 Во секој случај, Медитеранот е едно од малкуте подрачја во светот за коишто може да се размислува и говори во ваков контекст – подрачје/регион на почетоците на (не само) европската цивилизација и простор на вековни процеси на етногенеза на многу племиња, на мешање на разни супстрати и таложење на стратуми. Драматичните движења на вкрстените трансверзали Дунав – Егеј и Мала Азија – Апенини, средбите на цивилизациите и (условно) варварите, ќе доведат до неверојатна и речиси незабележана во светската историја симбиоза на различни култури, сочувани до денешен ден.
Со еден таков background е многу поедноставно да се бараат и пронаоѓаат елементите и аспектите на цивилизацискиот контекст и на современата уметност. Но, секако, пред сè битни се основите односно постулатите на контекстот – во случајов на медитеранскиот контекст и современата македонска ликовна уметност. А за да ги утврдиме глобалните основи на контекстот за којшто треба да говориме, можеби би било целисходно да појдеме од спротивната географска насока – од Север и контекстот на т.н. северна уметност – што потоа може компаративно да ни сугерира одредени правци. Имено, уште на почетокот на минатиот век Вилхелм Ворингер, речиси за прв пат се обидел да даде појасна теориска формулација на психолошките мотиви на т.н. северна уметност, односно нејзините разлики во однос на класичната и ориенталната уметност. Така, за уметноста создавана на Север, Ворингер вели дека нејзе ѝ е потребен оној стравотен патос којшто се врзува за оживувањето на неорганското. Сè станува злокобно и фантастично. Зад видливиот изглед на работите се крие карикатурата, зад безживотноста на работите демне таинствениот сеништен живот, и така сето постоечко станува гротескно.
Дали Медитеранот и неговата култура и уметност, а со тоа и македонската, е токму таа спротивност на овој „трансцендентализам на готскиот свет на изразот“?!
#9 Веројатно – да, во што се согласуваат повеќето еминентни проучувачи на историјата на уметноста и културата. Кенет Кларк вели дека, за разлика од сите претходни цивилизации – како и оние веднаш после неа, предмет на средоземната/медитеранската уметност бил/e – човекот. Теодор Липс за класичната, подразбирајќи ја тука и медитеранската уметност, говори како за објективизирано самоуживање, а Молсворт, пак, за целиот Медитерански регион говори за уметност на индивидуата како суштински атрибут, за разлика од северната уметност каде што може единствено да се бараат правци или стилови.
Не прејудицирајќи ниту едно од овие (и други) гледања на овој проблем, но имајќи ги сепак предвид географските, климатските, историските, психолошките … или, со еден збор, вкупните цивилизациски специфики на овој регион, се чини дека Медитеранот, на трошниот мост на времето, имал и има сопствен белег којшто логично остава траги до денешни дни – особено во уметноста! Милениумската транспарентност на овие простори, контактите и размената помеѓу културите – некогаш насилна но и мирољубива, примањето но и давањето, континуитетот на отворената свест за новото, но и зачувувањето на сопственото-традиционалното, се чинат основен темел на цивилизацијата на овој регион.
Можниот македонски експресионизам, почнувајќи, ако сакате, дури од фреската „Оплакување Христово“ (XII век) во Св. Пантелејмон, па преку македонските икони, Мартиноски, Мазев, Чемерски … до Сергеј Андреевски, е експресионизам токму со медитерански лик! Тој е таа уметност на индивидуата, „објективизирано самоуживање“, уметност само и секогаш насочена кон – Човекот. Или, „она во што уживаме во уметноста, не се боите и обликот, пред сé би можело да се рече дека е тоа зафаќање во величествено изведениот обред. Тоа го прави ‘хуманизмот’ за кој така тврдокорно се држиме“ (Џек Барнхајм).6F
#10 Но, повторно, за да нема недоразбирања: спомнувањето и поврзувањето на експресионизмот со македонската ситуација и со сликарството на Сергеј Андреевски не се однесува толку на експресионизмот како стилско-историска појава/движење, туку многу повеќе на експресионизмот како природа на уметноста. Ова особено и од причини што, прво, македонските експресионисти не можат историски да се поврзат со појавата и развојот на експресионизмот како стил во уметноста од почетокот на дваесеттиот век и, второ, македонскиот експресионизам никогаш немал идеја, сила на движење, туку се манифестирал преку поединечни појави кои користеле разни експресионистички (и дериватни) искуства.
Во одделни случаи, како на пример кај Никола Мартиноски, можеме да говориме за релации блиски до историскиот германски експресионизам, но кај Мазев, пак, за евентуални блискости со експресионизмот / новата фигурација од типот на „Кобра“, арт брутот на Дибифе и слично; кај Чемерски за влијанија од средновековното македонско сликарство; кај Урдин, покрај сè друго, за ставови блиски на фовистите; кај Андреевски, исто така, за „преработени“ влијанија од многу историски и современи експресионистички варијанти, пред сè новата фигурација, акционото сликарство итн.

#b
6. Според: Соња Абаџиева Димитрова, Во сооднос со сензибилитетот на денешнината, Комунист, 20.10.1985.

АвторЗлатко Теодосиевски
2018-08-21T17:21:19+00:00 април 14th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 53|