Пресликување на душата

/, Галерија, Блесок бр. 92/Пресликување на душата

Пресликување на душата

Кон изложбата „Тајната вечера“ на уметникот Филип Фидановски
(Галерија при Училиштето за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“, 21.10.2013 г.)

#1 Тркалезна маса покриена со долг чаршав, а на неа сервис за дванаесетмина. И речиси сеедно дали сценава ве потсетува на агол во некој ресторан или е поставена среде галериски простор, концептот на уметничко дело аплицирано врз предмети со употребна вредност, во случајов како декорација на садови за јадење, не ја менува својата суштина. Свесно подигрувајќи си со, и онака тенката, линија меѓу уметноста и дизајнот, Филип Фидановски ги провоцира дилемите околу визуелна провокација при соочување со пресликувачите на ликови од неговото непосредно опкружување, мотивацијата креативните процеси и керамичките техники да ги постави во баланс со поинаква, утилитарна функција, инспирацијата да создаде нешто свежо и различно, во кое зад монохроматската естетика се кријат мултиплицирани пораки и идеи кои веројатно лесно ќе артикулираат можност за комуникација и емотивно восприемање од публиката.
#2 Првиот впечаток е дека станува збор за дело кое е многу лично и интимно, имајќи го предвид изборот на неговите роднини и пријатели за ликови на пресликаните објекти, меѓу нив и неговиот автопортрет. Тоа чувство додатно го засилува самата асоцијација на ритуалот на вечерата и симболиката на седнување еден спроти друг на заедничка трпеза, ритуал во кој покрај послужувањето и консумирањето на храната и гарантираното задоволство за телото и сетилата, истовремено се случува и уживање за духот и споделување на посебен интимен момент. Како во Платоновата „Гозба“, секој актер во тој разговор покрај трпезата ја збогатува забавата со свој говор посветен на љубовта, Еросот и убавината, па така и секој од муабетите на Фидановски очи в очи со своите блиски, остануваат зачувани на овие артистички зачинети чинии како мементо за односната личност, емоцијата која ги врзува и доживеаниот миг на интимност.
#3 Оваа интимна сторија истовремено е и омниприсутна и прилично универзална, па во сржта на најновото од опусот на Филип Фидановски откриваме бројни метафори кои се повторуваат или надоврзуваат и на некои од неговите претходни дела. Имено, и во „Време за“ црно-белите керамички ѕидни плочки си подигруваа со ликовите на неговите пријатели, но и со нумеролошката симболика на бројот дванаесет, првенствено врзана за бројките на часовникот. Митско-религиските асоцијации одат и кон бројот на месеците во годината и знаците на зодијакот, но овојпат сепак најмногу кон христијанската мистика, па дури и од насловот е евидентна асоцијативната врска со апостолите на тајната вечера и нивното споделување на последниот оброк, на виното наместо крвта и лебот како телото. Така и чиниите на Фидановски значат споделување на блискоста на пријателите кои вечераат и пресликување на нивните души во врвна мистична заокруженост. Во тие оброци што уметникот ги споделува со секој од своите пријатели има и фрагментарно пресликување на секој лик поединечно, но најмногу на пресликување на себе си (сопствената душа, енергија, време, емоција…) во другиот, па веројатно токму затоа меѓу експонатите е и неговиот лик, опкружен со нему блиските дами. Имено, интригира загатката зошто сите ликови освен оној на авторот се женски? Иако можеби сосема случаен избор, тоа сепак ја отвора родовата призма низ која Фидановски се поставува наспроти жените во неговиот живот воспоставувајќи преку заедничката вечера ментална релација на мисли, чувства, идеи и сензации. Се чини дека можеме да ја насетиме радоста од пресликување на тајната на својата душа низ женскиот принцип, како комплементарен на машкиот во постигнување на целовитоста на природата, за заедно да се одразуваат во сите манифестации на животот и уметноста. Ако дополнително ова го врземе и со келтската митологија и дванаесетте витези на кралот Артур, тркалезната маса директно нè асоцира и на еднаквиот статус на сите кои седат околу неа, што пренесено во оваа авторска приказна е моќен симболички израз на родовата сензибилност и инклузивност.
#4 Да резимираме, Филип Фидановски преку својот концепт се залага за свет во кој на трпезата нема место за (не)пријатели-издајници, за 13-ти, баксузи и Јуди, свет во кој средбите со блиските се церемонијален настан од прв ред, свет во кој креативноста дрско навлегува во секоја пора од уметноста на живеењето, свет во кој и индустријата е поканета на вечера со уметноста.

2018-08-21T17:20:47+00:00 ноември 3rd, 2013|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 92|