Прашина имаме, каде е коњот?

/, Галерија, Блесок бр. 34/Прашина имаме, каде е коњот?

Прашина имаме, каде е коњот?

„Постои голема разлика меѓу музиката којашто музичарите сакаат да ја свират и онаа што публиката сака да ја чуе.“
Дејвид Боуви

Прилози кон биографијата на Милчо Манчевски

#1 Со Милчо Манчевски, односно неговото творештво, за првпат се сретнав во далечната 1981 година, и тоа на страниците на списанието „Џубокс“ каде што тој имаше потпишано неколку текстови-репортажи. Да појаснам малку: „Џубокс“ беше списание што ги третираше популарната музика и популарната култура. Колку да го илустрирам неговото влијание (на списанието), би додал дека реномираниот драмски автор Горан Стефановски во својот „избор на книги за на пуст остров“ ги вброи првите 50 броја на ова списание. Тоа значи дека Горан Стефановски на ова списание му даде третман на литература. Во тие неколку прекрасни текстови, ММ ја опиша Америка, другата страна на големата бара, на начин што сè уште ми е впечатлив: тие текстови, и денес, се најбитни за мојата претстава за грандиозната ветена земја Америка. Прецизниот духовит, полетен, бунтовен стил ми откри дека е студент на филмска катедра, во некој студентски кампус во Шампањ, Илиноис. Бил во Си Би – Џи Би, клубот каде што почнале Токинг хедс, Рамоунс… Со него е Борис (Дамовски). Борис клика со фотоапарат. Клик, клик, клик. Милчо има брада, Борис е помлад. Се дружат со Тори. Милчо сака да гледа филмови, сака и да ги прави. Ја сака и ја познава поп-културата. Омилен актер му е Џон Траволта. Сака да дава прогнози за бендови за кои во Југославија никој ништо не слушнал. Лоши прогнози.
Преостанатото за ММ сите го знаеме. Дојде во Македонија, сними неколку спотови, едно кратко филмче, сценариото за филмот „Мусака“ не го сними, велат дека пишувал нешто за „Екран“ (јас „Екран“ немам купено ни пред Први мај поради ТВ програмата). Не му беше дадена шанса. Секое зло за добро. Избега во Њујорк каде што десетина години се усовршуваше снимајќи спотови и чекајќи шанса да се врати во Македонија и да им покаже на сите што и како знае. Колкаво его1F е потребно за тоа. Шербеџија го нарече и степски волк, и пиштолџија. Со „Пред дождот“ им покажа на Македонците кој е кој. На оние што не веруваа во него. Мислам дека тоа беше неговата најголема награда. Поголема од „Лавот“ во Венеција. Пишуваше раскази, книги, откажуваше филмови, војуваше со Холивуд, правеше изложби… Борис веќе не го сликаше. Не знам зошто. ММ доаѓаше во Македонија, и си одеше. Сними реклама. Направи фирма. Сенка-филм. Shadow. Мистично. Јас малку пораснав и сè уште во него гледам голем човек, артист. По јубилејните дваесет години, Траволта и мене сè уште ми е омилен. Често ја слушам Ghost Town на специјалците2F. Пубертетот е опасен период. ММ сними нов игран филм – „Прашина“. Го отвори Венецијанскиот фестивал. Хепиенд? Јас сум сигурен во тоа.

#b
1. Его и супер его, Сигмунд Фројд
2. „Град на духови“, песна на Спешлс

2018-08-21T17:21:40+00:00 септември 1st, 2003|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 34|