Постмодернизмот во македонскиот филм – I дел

/, Галерија, Блесок бр. 27/Постмодернизмот во македонскиот филм – I дел

Постмодернизмот во македонскиот филм – I дел

Неколку општи карактеристики

#3 Не само заради рецепцискиот ефект, веднаш ќе ја изнесам констатацијата дека Македонија сè уште го чека својот прв еклатантно постмодернистички филм. Ниту еден од досега снимените филмови не може да се нарече постмодернистички во онаа смисла во која ние, на линијата на уште неколкумина релевантни истражувачи, го одредуваме постмодернизмот. Значи, постмодернизмот е естетика во која постои едно ризоматично, синхроно постоење на повеќе дистинктивни црти, според инклузивната логика „сè проаѓа“, која треба да се чита не како тотален анархизам и хаос, туку според соборниот принцип: единство на спротивностите (coincidentia oppositorum), односно според негацијата на законот за исклучено трето (познатото Аристотелово Tertium non Datur), односно со заменување на дисјунктивната логика или/или со конјунктивната и/и. Процесот на создавање на постмодерното епистеме (соборната свест и/и) се одвивал во две фази. Првата е онаа постструктуралистичка, или како што ние ја нарекуваме, прва фаза, ран постмодернизам, на истакнување, нагласено вклучување на оние елементи што бинарната логика на модернизмот ги исклучуваше, а втората фаза е симултаното постоење на двата елементи од бинарниот пар, односно напуштање на бинарната логика и нејзина замена со деконструктивната, соборна логика, која, според нашето сфаќање, наместо целосната подвоеност на две бинарни опозиции, зборува за нивно симултано постоење, кое создава напнатости, трансформации, разлики и траги, кои не се во средиштето на едната или другата компонента, не се ниту во нивна рамнотежа, што според нашето скромно мислење е илузија, туку секогаш во некоја случајна, или конструирана, трага, концентрација, која е подвижна и децентрирана.
#4 Македонскиот постмодернистички филм сè уште се наоѓа во онаа рана фаза на постмодернизмот – експериментаторска, антиреалистичка и промодернистичка, која во светски рамки се случувала во шеесеттите и седумдесеттите, а во македонската проза, на пример, во првата половина на осумдесеттите. Најексплицитните македонски постмодернистички филмски автори, Александар Поповски и Дарко Митревски, Александар Станковски, Милчо Манчевски, сè уште се многу повеќе субверзивни, деструктивистички отколку деконструктивистички и соборни. И тоа е навистина чудно. Тој адолесцентски авторски бес кај нашите најнадарени филмаџии. Особено затоа што во своите филмови потрошија големи пари на даночните обврзници, во локални а Манчевски и во светски рамки. А според нашето скромно мислење, токму постмодернистичката естетика е магичното стапче за т.н. кинематографии на мали народи. Таа, впрочем, и настанала како резултат на потребата да се задоволат комерцијалните потреби на растечкиот западен пазар и да се остварат авторските идеи, како еден вид стратегија на преживување на творците пред апокалиптичниот поход на кичот и мас-културата. Во наши услови кажано, соборната логика и/и може многу добро да послужи за задоволување на разните цели на културната политика (политичка коректност, државен и етнонационален идентитет, задоволување на домашниот „пазар“, учество на фестивали, надворешнополитичка презентација), а притоа субверзивно, со доволно мудра естетска мера, да се пласираат сопствените естетички преокупации.
#5 За жал, таков еден филм во Македонија сè уште не сме виделе. Антологискиот успех на „Пред дождот“ се должеше на преголемата политичка коректност на филмот и недоволната авторска субверзивност, а „Прашина“ страда од обратното – преголемата естетска субверзивност и недоволната политичка коректност, и покрај тоа што агресивната рекламна кампања се обидуваше да внесе смут меѓу разлачувањето на тие две категории. За останатите филмови на другите автори и да не зборуваме. Затоа и беше огорчена рецепцијата и од публиката и од критиката, на овие неколку постмодернистички филмови. Иако акцентот на критиката главно беше ставен врз естетските преокупации, чинам, основата на рецепцискиот револт лежеше токму во споменатите специфики.
#6 Како и да е, имајќи го предвид горекажаното, корпусот на постмодернистички својства и одлики ние ќе го разгледаме најмногу врз експлицитните постмодернистички филмови: „Збогум на дваесеттиот век“ на Поповски и Митревски, „Маклабас“ на Станковски, затоа што во овој обем досега не сме се произнеле за овие филмови, а во помала мера, за „Светло сиво“ на Поповски, Митревски, Јанаќиевиќ, „Прашина“ и „Пред дождот“ на Манчевски, токму затоа што во други есеи (објавени во броевите на списанието Кинопис) сме се осврнале на нив, анализирајќи разни постмодернистички одредници. Филмови во кои се користат, повеќе или помалку, постмодернистички техники, но кои не можат во целост да се одредат како постмодернистички се и: „Среќна Нова ‘49“, „Тетовирање“, „Џипси Меџик“ на Столе Попов и „Ангели на отпад“ на Димитрие Османли. Значи, нашето внимание е насочено само кон долгометражните играни филмови.
Постмодернизмот е сигурно присутен и во краткометражните, телевизиските, видео-арт, документарните филмови, видеоклиповите, но тие во оваа прилика не се предмет на нашето истражување.

2018-08-21T17:21:48+00:00 август 1st, 2002|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 27|