Постмодернизмот во македонскиот филм – II дел

/, Галерија, Блесок бр. 28/Постмодернизмот во македонскиот филм – II дел

Постмодернизмот во македонскиот филм – II дел

алегорија

#5 И македонските постмодернистички филмови од сите реторички фигури најмногу ја користат алегоријата. Алегоријата е тропа долга колку и самиот текст. Таа е инверзија на метафората. Додека во метафората метафоричката рамка на референцијата е отсутна, а буквалното значење присутно, во алегоријата е обратното. Алегоријата е директен превод на апстрактни концепти во транспарентно мотивиран наратив (Мекхејл, 1987: 141). Алегоријата ја привлекува фрагментарното, недовршеното, нецелосното. Алегориското дело е синтетично, акумулација, непостојаност, вкрстување. Во алегоријата влегува сè но без меѓусебна комуникација.
Токму поради нејасната, херметичка, невидлива алегориска смисла, македонските филмови имаат отежната рецепција. Во нив гледаме ликови и дејствија што само привидно се движат во некои познати предели. Во нив алегориското значење го потиснува она што му претходело, тоа е дополна. Ликовите се само контури на нечии други ликови, на некои сеќавања, на некои познати но изгубени наративи, кои само бледо продираат во сеќавањето. Тие се именски и придавски квалификативи и библиски алузии: Гаврил, Матеј, Енигматичарот, Девица, Трагачката по возбуди, ѓубреџијата, тепкавиот, Плачкото. Дали е тоа Кузман Капидан, дали е болен Дојчин, дали е вампир од Цепенковите приказни или од филмовите за Дракула? Зад натрупувањето на наративни и мотивски линии (постапокалиптично време, вонземјани, хероински војни, опозициски митинзи, уметнички перформанси, архаични суштества), алегоријата се отвора кон надвор, непрестано привлекува значења, затворајќи се пред индивидуалната уметност.

пародија

#4 Брајан Мекхејл смета дека пародијата е перфектна постмодернистичка форма, таа и ги инкорпорира и ги преиспитува моделите што ги пародира. Пародијата ги пресвртува вредносните насоки или ориентации на пародираниот модел. Токму такви, напнати меѓу идентификацијата и дистанцата, меѓу пресвртувањето на вредносните насоки и зачувувањето на оригиналните црти, се македонските постмодернистички филмови. Кај нив го нема она строго модернистичко пародизирање во кое преку пародијата се зачувуваат моралната цврстина и духовниот интегритет на авторот. Напротив, пародијата е секогаш и едно самопародирање. Всушност, пародираниот модел е единствениот начин на кој филмот постои. Во споменатата воведна секвенца во „Светло сиво“, пародиран е шпагети вестерн моделот, но тоа е и единствениот начин на кој тече филмскиот вовед. Пародирањето на националните, митологизирани модели, на библиските пророчки дискурси, на семејните драми, на висококомерцијалните филмови е целата приказна во „Збогум на 20 век“. Целта на радикалната пародија во „Маклабас“ е да се спроведе стратегијата на еден поетолошки идиом – андерграундот (подземјето) како субкултурен тренд. Таму се пародизира научната фантастика со одбирот на модел на „ниската“, low-tech научна фантастика, мешањето со жанрот на конспиративните теории како засведочена субверзивна литература и преку дополнителното травестирање на СФ жанрот, однатре, со пародизација на жанровските канони. Напреднатата техника како заднина не е земена сериозно, тоа е грда дистопија, акцентот е врз „картелизацијата“ на иднината, растот на мафијашките конгломерати што ѝ се закануваат на националната влада, во еден „нулти степен“ на темпорална поместеност. Претставено е субкултурното милје во Скопје, џганот, подземјето, маргиналните фаци. Деградацијата и банализацијата на мисловноста и емоционалноста се спроведени до крајни граници, со бурлескна грубост се карикираат ликовите и ситуациите, се разголуваат и се вулгаризираат индивидуалните и социјалните маани, доминира простачкиот јазик и се депатетизираат мелодрамските секвенци. Централен мотив на прозата е карневализацијата на застрашувачката социјална тема – злоупотребата на дроги. И тука доминира веселата, антинихилистичка релативизација. Со парономастичко искривување на имиња од вонтекстовната стварност (Маусдонија, Скотје, Гази Бејб) се пародизирани сите топоси и ликови што се појавуваат во реалниот живот.

2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 28|