Постмодернизмот во македонскиот филм – II дел

/, Галерија, Блесок бр. 28/Постмодернизмот во македонскиот филм – II дел

Постмодернизмот во македонскиот филм – II дел

интермедијалност

#9 Интермедијалноста е побивање на жанровските граници меѓу различни текстови, кооптирање на искуства од други уметности и медиуми. Павао Павличиќ (1988) за интермедијалноста вели дека е: “постапка со која структури и материјали карактеристични за еден медиум се пренесуваат во други, а едниот од нив обично е уметнички“. Со таа постапка се постигнува збогатување или на смислата или на атрактивноста на изразот. Вистински интермедијален однос, според Павличиќ, настанува кога различните уметнички медиуми ќе го задржат својот статус, а стапуваат во некоја со значење исполнета релација, а не тогаш кога едното е во служба на другото. Текстовите што припаѓаат на два медиуми треба да се читаат истовремено. Македонските постмодернистички филмови воспоставуваат интермедијални односи со музиката, стрипот, документарниот филм, куклените филмови за деца, видео-артот, телевизијата. Во „Маклабас“ огромни секвенци од филмот се реализирани како видео-арт, чија главна естетска цел е да се долови колоритниот свет под дејство на халуциногените дроги, иако постои дилема дали е тоа свет на дроги или вонземски свет, некоја паралелна димензија. Како сосема посебни исечоци функционираат и секвенците, односно засведочувањето на јавните социјални акции, митинзи, изложби, концерти, кои можат да се сметаат и за аматерски и за документаристички филм. Во „Збогум на 20 век“, стриповската матрица е целосно присутна во текот на речиси целиот филм, при што најимпозантно е претворањето на цртежите од тетоважите во филмски диегезис, малата сцена со која детските играчки се доловени во една секвенца, детаљ што може да се третира и како мал куклен филм, а такви се и квиз-шоу интервенциите. Музичките парчиња и во „Збогум на 20 век, и во „Маклабас“, и во „Светло сиво“, и во „Пред дождот“ можат да се третираат како музички спотови, затоа што музиката не игра само стандардна улога на функционален елемент во филмскиот семиозис туку тоа се сосема одделни и засебни целини. И појавата на Џон Илија Апелгрин, пејачката во кафеаната во „Светло сиво“, и колоритниот вовед во Македонија на Анастасија во „Пред дождот“, и панк и оперетските нумери во „Збогум на 20 век“, и разните музички интервенции во „Маклабас“.

2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 28|