Постмодернизмот во македонскиот филм – II дел

/, Галерија, Блесок бр. 28/Постмодернизмот во македонскиот филм – II дел

Постмодернизмот во македонскиот филм – II дел

цитатност

#11 Цитатот е пренесување и преместување на елементи, потструктури или целини од едно уметничко, или вонуметничко, во уметничкото дело што се создава. Според Мишко Шуваковиќ (1995:24), во авангардата цитирањето се применува во формална, деструктивна и антинаративна функција на разорувањето на органската целокупност на уметничкото дело и оригиналноста на творечкиот чин. Во постмодернизмот, цитатот се употребува како израз на идејата дека оригинален и изворен текст нема, туку дека постојат само трансформации и преместувања на постојните јазички творби (цитати на цитатите, трансфигурација, јазички траги). Отфрлајќи ги субјективистичките стратегии, кои сметаат на изразување на авторовата оригиналност, постмодернизмот создава уметност од игра на цитати, отворени имитирања, заемки и варијанти на туѓи теми. Во „Ангели на отпад“ е присутна врската со неореалистичкиот филм, преку цитатите од Де Сика и Фелини, легендарната сцена со бродот; во „Џипси меџик“ и директно се цитираат популарните индиски филмови; во „Маклабас“ му се прави своевиден омаж на поп-артизмот; во „Светло сиво“ се цитираат познатите филмови на Серџо Леоне; а во „Збогум на 20 век“ цитацијата е многукратна: „Лудиот Макс“, „101 далматинец“, „Петтиот елемент“, „Бетмен“, филмовите на Манаки, партизанските филмови.

автореференцијалност

#10 Автореференцијалноста означува посебна метатекстуална ситуација во која авторот и неговата поетика станале предмет на сопствениот текст. Така во „Маклабас“ Ацо Станковски ги рециклира своите претходни дела, своите претходни постапки од другите медиуми -сликарството, литературата, фотографиите, инсталациите, интелектуалните преокупации и тези многупати искажани во разните новински медиуми. Стекнувајќи свест за своите постапки, постмодернистот стекнува свест и за начинот на конструирањето на дискурсите, и уметничките и неуметничките. Во многу случаи, постмодернистичката автореференцијалност е коментар на естетската историја на жанрот што го усвоила. Токму таква е примената на класичното отворање во шпагети вестерн манир – во омнибусот „Светло сиво“, во кој познавањето на еден жанр се применува на една банална, секојдневна и, за филмскиот диегезис, небитна, маргинална секвенца. Столе Попов милува да се појавува како статист во своите филмови и со тоа да укаже на својот статус на дело.

2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 28|