Поетиката на тишината и далечината

/, Галерија, Блесок бр. 86/Поетиката на тишината и далечината

Поетиката на тишината и далечината

#1 Најновата изложба на Тања Балаќ под наслов „Просторни дистанци“ претставува извесен додаток, суплемент на трагата, на остатокот, од претходната фаза, која стилски суптилно се прелеа од геометриски апстрактната, во новата репрезентативна, миметичка фаза.
Репрезентациската функција во конкретниве пастели, во актуелната сликарска поетика на Балаќ, колку што ни ја открива, толку и ни ја сокрива смислата на репрезентираното. Низ видливото стилско прелевање и меланжирање меѓу геометриската апстракција и фигурацијата, како и колажирањето (аплицирањето на весниците), авторката синхронизирано ја удвојува и смислата и еманацијата на појавното, на репрезентираното. Она што се надоместува, она што го заменува отсутното, присутното го манифестира како можност за поинакво, за ново, дополнително присуство на знакот. За да го видиме знакот како метафора, како јазик, како писмо, не ни е доволно само присуството на ординарното видливо морфолошко средство кое е вградено во структурата на сликите, туку неопходно ни е разгарничувањето, разгатнувањето, токму на видливото, во кое е притаено невидливото, зашто тоа се наоѓа отаде доминантната морфологија, зад појавното, зад манифестното.
#2Со примарната рецепција на мотивите, ни се објавуваат различните хронотопски и културни хоризонти, коишто, низ тактиката на тактовите на ритмичките резови, авторката се обидува да ги пополни временските пукнатини и процепи. Низ личното, интимно сеќавање, со внатрешната, одмерена емотивна дистанца, Балаќ се обидува (наспроти современите глобалистичко-плуралистички визуелни технолошки трендови) во напуштените, осамени урбани и пејзажни предели да ги всели, да ги вдоми разнородните заборавени или избришани културни артефакти од нашата колективна меморија.
#3Бавното темпо на лапидарното наративно дејствие во сликите на Балаќ, се случува во некој друг, нам познато – непознат, далечен, речиси романтичарско – митски хронотопски контекст. Во најголемиот дел од пастелите, со аплицирањето на различните мотиви на колажите, низ своевидното рецитирање, реакцентирање и дијалогизирање со нејзините претходници, како и со различните кадрирања, во пејзажните предели сместени се фрагменти од антички скулптури, од кинематографски секвенци, како и од сликарски фрагменти кои ја симулираат поетиката на ренесансно – барокните мајстори. Оттука може да се заклучи дека, зад целата актуелна сликарска серија, авторката ни ја презентира идејата на нејзиниот сликарски дискурс како репрезентациски инструмент којшто е еден вид алузија – илузија на видливото и наративното, зашто таа ја знае визуелната формула, дека токму во појавното, во феноменолошкото, лежи криптичното, кодираното, неразгатливото.
#4Таа софистицирана и дистанцирана, нема, заводлива игра меѓу видливото и невидливото, меѓу присутното и отсутното, е во позиција на постојано флуктуирање и прелевање на илузијата на моќта и на превласта меѓу тишината и дистанцата. Но кај Балаќ токму екстензивната тишина која сонува и лебди над дистанцата е само сетилно присутна во својата невидливост. Тишината и дистанцата ја еманираат атмосферата на една иста, заемно сплотена и нераскинлива состојба, меѓусебно зависна, обвиткана во една метафизичка, трансцендентална аура.
#5Аудио-визуелното опсервирање на атмосферата на тишината, на медитативноста, на постојано активната просторно – временска дистанца, со своето благотворно терапевтско дејствие, го привлекува и внатрешно го релаксира набљудувачот, но истовремено и го мами, го заведува да се впушти во авантурата на своевидното хедонистичко и сентиментално патување низ осамените, екстериторијални, напуштени, реално – виртуелни предели на Балаќ.
На преден, или на заден план на сликите, во фонот, во срцевината, на тоа, речиси свето растојание, суптилно е градена – градирана конфигурацијата на далечината, во чија осаменост се епифанизира и пулсира тишината. Покрај различните криптични, загатливи знаци, авторката ни ги „подметнува“ и читливите напуштени сообраќајни знаци и графеми, што не водат кон никаде, но сепак, некои од нив, нè упатуваат покрај, или на празните патишта коишто нè насочуваат кон ониризмот, а не кон реализмот.
#7Со бдеењето на тишината над опсесивното присуство на дистанцата, Балаќ истовремено на набљудувачот му ја сугерира и му ја трансферира насладата од контемплативната и сетилна моќ на нејзиното поетско ониричко писмо.

АвторКонча Пиркоска
2018-08-21T17:20:52+00:00 ноември 6th, 2012|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 86|