Подвижното кино на Министерството за просвета

/, Галерија, Блесок бр. 35/Подвижното кино на Министерството за просвета

Подвижното кино на Министерството за просвета

(1944-1950)

#1 Подвижните кина најчесто се поврзуваат со пионерските денови на кинематографијата. Во недостиг на постојани киносали, градовите и помалите места ги крстосувале подвижни кина. Во циркуски шатори, во кафеани, на отворен простор, тие ја пренесувале и ја прикажувале новата атракција – подвижните слики. Такви кина, во најголем број од Западна и Средна Европа (Италија, Франција, Германија, Чешка…), го започнале својот „поход“ веднаш по појавата на кинематографот, значи веднаш по 1895 година. И токму едно такво подвижно кино од Италија гостувало и во Битола, во 1897 година, и според досегашните податоци тоа е првото јавно прикажување филмови кај нас. Нешто подоцна, а тоа значи кон почетокот на дваесеттиот век и понатаму, голем број нашинци се снабдиле со подвижни кинопроектори и во разни населени места прикажувале филмови. Подвижното кино на Милан Голубовски од 1907 до 1909 година посетило голем број населени места во Западна Македонија и Албанија. Подоцна, кон крајот на дваесеттите и во текот на триесеттите години од минатиот век се регистрирани повеќе подвижни кина: браќата Кермаер од Чешка го обиколувале Овчеполието, циркусот со подвижното кино на делчевецот Димитар Станоев-Факирот (Мискеџијата) ги обиколувало Малешевијата и Овчеполието, додека, пак, подвижното кино на богданчанецот Илија Џонов направило обиколка на Повардарјето и Пелагонија и стигнало до Охрид. Покрај забавниот карактер што го имале овие кина, треба да се потенцира и еден друг факт – подвижните кина, во целиот тек на развојот на кинематографијата, имале и пропагандни и просветителски улоги. Во штабовите на сите завојувани страни за време на Балканските војни, Првата и Втората светска војна постоеле подвижни кина, кои се користеле, покрај за потребите на војските, и за граѓанството. Пропагандите, во овој случај, биле неодминливи. Здравственото просветување, пак, по пат на филмот го практикува Хигиенскиот завод од Скопје, кога уште во далечната 1922 година започнува да работи подвижното кино на овој Завод. Целта на работата на ова кино била што поголем број од населението во Македонија, преку прикажување здравствени филмови, да научи да се штити од тогаш распространетите болести тифус, маларија, туберкулоза…

* * *

По завршувањето на Втората светска војна во републиките на тогашната ДФЈ (а нешто подоцна ФНРЈ) се развива широка мрежа на подвижни кина, чии цели се движат од разонода на населението, агитација, па сè до просветување од секаков вид (здравствен, културен, спортски, натпреварувачки…). И Македонија не била исклучок од оваа интенција. Па така, низ страниците на македонскиот печат ќе го фокусираме интензивното работење на подвижните кина на Главната дирекција на железниците на Македонија, на Главниот одбор на Црвениот крст на Македонија, на Градскиот одбор на Народниот фронт на Скопје, на Министерството за просвета на НРМ, на Хигиенскиот завод на Скопје, на Централниот комитет на народната младина на Македонија итн.
Во оваа пригода, нашето внимание ќе го сосредоточиме врз дејноста на подвижното кино на Министерството за просвета на НРМ поради следниве причини: очигледно е дека (според архивската документација), покрај АСНОМ-ското Поверенство за трговија и снабдување, во чии рамки профункционирал и Отсекот за кинематографија, покрај ФИДИМА и Комисијата за кинематографија при Владата на НРМ, и Министерството за просвета на НРМ имало значајна улога во физиономирањето на македонскиот повоен кинематографски амбиент; активноста на подвижното кино при ова министерство е регистрирана и во документарецот на Трајче Попов НИЗ ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА (1948); судејќи според одгласите во печатот од тоа време, ова кино заедно со подвижната библиотека одиграло значајна улога во аналфабетската кампања и во бројните активности за просветување на населението.

* * *

Министерството за просвета го презема делокругот на работа од Поверенството за просвета при Президиумот на АСНОМ. Имено, со закон донесен на Третото заседание на АСНОМ, на 16 април 1945 година, при Првата македонска влада е формирано Министерство за просвета, на чие чело како министер бил поставен Никола Минчев (поради периодот на кој се однесува овој прилог ќе ги дадеме и следниве податоци: со решение на Президиумот на АСНОМ од 6 август 1944 година, за повереник на просветата е поставен проф. Епаминонда Поп-Андонов, потоа со решение на Народното собрание на Македонија од 16 април 1945 за прв министер на просветата е поставен Никола Минчев. Следува указ на Президиумот на Народното собрание од 2 јуни 1947 година со кој за министер на просветата е поставен Киро Хаџи Василев и најодзади, со указ на Президиумот на Народното собрание од 19 ноември 1947 година, нов министер на просветата станува Димче Мире).(1) Во самиот почеток, работата во ова министерство е организирана преку 4 одделенија и нивни отсеци и реферати: Општо одделение, Одделение за школство, Одделение за општонародно просветување и Одделение за култура и уметност. Значајно е да се забележи дека во рамките на ова министерство работи и Отсекот за печат, радио и филм, чија дејност се проткајувала низ работата на одделенијата за општонародно просветување и за култура и уметност. Се разбира, со текот на времето, оваа организациска шема доживеала низа промени. Со Указот број 5/6 од 1 јануари 1950 година (Службен весник на НРМ, бр. 2/51) Министерството за просвета се укинува и се формира Министерство за просвета, наука и култура.
Во продолжение, ќе се обидам (со помош на достапната документација) да ги фокусирам, сосема накусо, најзначајните активности што ги реализира ова министерство во областа на кинематографијата. Задачите што ги добива ова министерство во спомнатата област се движат од грижа за развој на киномрежата во Македонија, па преку опремување на образовните институции со 16 мм кинопроектори, обука на киноапаратери, инвестиции во кинематографијата, па сè до пропагирање разни кампањи со помош на филмот. Во тој контекст ги издвојувам кампањите за борба против неписменоста и за народно просветување.
Во почетокот на 1947 година, Министерството за просвета поднесува годишен извештај за 1946 година во кој, меѓу другото, е направена и соодветна анализа за работата на кината во текот на претходната година, па така: во Македонија работат 19 постојани кина и во текот на 1946 година тие одржале 8 558 претстави со посетеност од 1 825 884 гледачи. Биле прикажани 194 советски филмови, 54 домашни (журнали и слично) и 109 филмови од други кинематографии. Преку Министерството за просвета работело 1 подвижно кино, кое реализирало 83 проекции со 22 392 посетители. Во овој контекст ќе ги нотираме и задачите што МП ги реализирало во 1947 година – го дистрибуирало Правилникот за ракување со кината што го изготвил Комитетот за кинематографија при Владата на ФНРЈ (преведен на македонски), дистрибуирало упатство за редот и хигиената во кината и извршило преглед на сите кина. (2) Интересен е и податокот што го наоѓаме на страниците на весникот Нова Македонија од 5 февруари 1947 година (на стр. 2) во кој се назначува дека Министерството за просвета доделило еден кинопроектор за Културниот дом во Дебар, чија изградба привршувала, „… а бидејќи наскоро во градот ќе се пушти струја, дебарчани се радуваат што ќе можат да одат во кино“. Од каде 35 мм кинопроектори? Очигледно, во прво време, се правела прераспределба меѓу постојните кина – таму каде што имало повеќе кинопроектори, дел се распределувал во места каде што немало ниту еден. Па така, во документацијата се среќава преписката на МП (Министерство за просвета) со народните одбори од Тетово и Крива Паланка за префрлање на еден проектор од Тетово во Крива Паланка. (3) Што се однесува, пак, до 16 мм проектори, во почетокот тие биле добивани како подарок, па така во Извештајот на МП за 1946 година се вели: „Од Словенија како подарок на нашата народна република Министерството прими 10 киноапарати од 16 мм нем филм. Овие киноапарати веќе се распределени во десет гимназии во нашата народна република“. (4) Секако дека е интересно да се фрли поглед и врз мошне амбициозниот петгодишен план (1947-1951), кој за развојот на кинематографијата го предлага Отсекот за печат, радио и филм, а потоа тоа станува дел од целокупниот предлог на Министерството за просвета. Во периодот од 1947 до 1951 година, според Отсекот за печат, радио и филм при МП, треба: „да се снабдат 70 поголеми централни населени места со киноапаратури, од кои 20 на агрегати за оние места што не се електрифицирани или нема да се електрифицираат; 15 околиски просветни отсеци да се снабдат со подвижни киноапаратури за тесен филм; полните и неполните гимназии и вишите основни училишта да се снабдат со 20 киноапарати (неми) за тесен филм за наставни цели; 10 виши основни училишта да се снабдат со проекциски апарати за наставни цели; да се оспособат преку курсеви 70 киноапаратери и 70 раководители на кината“.(5) Се разбира, сето ова е распределено со одредена годишна динамика. За исполнувањето на овие петгодишни цели, МП изготвува и петгодишен инвестициски план во кој се предвидува: „… за кинематографијата во односниот период да се потрошат 82.000 динари, од кои 59.000 динари за градежни работи и 23.000 за опрема“. (6) Во образложението кон овој инвестициски план се назначува дека е неопходно за Претпријатието за распределба на филмови (кое во тој момент се наоѓало во приватна зграда во центарот на Скопје) да се изгради посебна зграда со бункер за чување на филмовите, како и изградба на лабораторија за развивање на филмови и студио за снимање филмови, бидејќи „услови за да се кај нас развие производство на филмови има. Во началото ќе се започне прво со изработуење на месечни журнали и кратки културни и пропагандни филмови, а покасно со документарни и уметнички филмови“. (7) Во однос на кинофикацијата, со овој петгодишен план се предвидени изградба и опремување на 39 киносали. Дека Министерството за просвета интензивно и континуирано ги следело и ги поттикнувало активностите на планот на кинематографијата, зборува и фактот што во 1948 година ова министерство ќе награди, за особен придонес, неколкумина уметници и културни работници од НР Македонија, меѓу кои е и Коле Чашуле за „сценариото и монтажата на пропагандниот филм НА ИЗБОРИ ЗА НОВИ ПОБЕДИ“. (8)
Секако дека овој ангажман на МП на планот на развојот на кинематографијата кај нас треба да се гледа и во контекст на севкупниот ангажман и на другите сегменти на новата власт (на пр. Отсекот за кинематографија при Поверенството и Министерството за трговија и снабдување, Комисијата за кинематографија итн.), но тоа останува за една друга пригода. Во овој момент, укажувањето на тој ангажман на МП е само како вовед во детектирањето на активностите на подвижното кино на ова министерство.

2018-08-21T17:21:39+00:00 април 1st, 2004|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 35|