Поглед од прозорец

/, Галерија, Блесок бр. 107/Поглед од прозорец

Поглед од прозорец

Поглед од прозорец


Уметничкиот исказ на Роберт Јанкулоски може слободно да се подведе под синтагмата и под метафората „поинаков поглед“. Овој наслов, позајмен од долгорочниот проект на Македонскиот центар за фотографија, упатува на едно дејствување во осиромашеното поле на „уметничката автентичност“ денес, пополнето со мултипликативно користење на фотографскиот медиум, погоден за креирање на разнообразни наративи. Во рамките на ваквото позиционирање на уметничкото дејствување кај нас, Јанкулоски во своите проекти перманентно опстојува на заземањето позиција на „поинаков поглед“, инсистирајќи на поместување и децентрирање на структурите што ја обликуваат препознатливоста на стварноста но и на фотографската слика. Поаѓајќи од етаблираните визуелни наративи тој се вгнездува на периферијата на истите и „паразитира“ во задоволството од поинаквото гледиште.

Од поодамна е констатирано дека концептуалната матрица на неговите проекти се сведува на два основни модуса на уметничкиот исказ. Првиот е дистанцирано упатување на сегментите на актуелната општествена стварност во манирот на една констативна „ангажираност“ (во оваа димензија се профилирани неговите проекти „Си Ју Си Ми“ од 1998 и „12 сребрени војници“ од 2001). Вториот модус се остварува во користење на мали наративни искази во една атмосфера на интимна инсценација на субјективноста, највпечатливо присутен во повеќе негови проекти: „Да ги зачуваме спомените“ од 2000, „Движење” од 2009, „NATURA MORTA“ од 2010, заедно со Моника Мотеска и други. Со овој модус во конципирање на делата Јанкулоски секогаш инсценира позиција на мало (минимално) празно место од коешто се одмотува нарацијата на исказот. Тоа „празно место“ е парадоксално и „паразитско“, иако е основниот „наратор“ кој го овозможува одвивањето на разновидните приказни: во „Да ги зачување спомените“ тоа е фотографскиот реквизит – столица, во „Движење“ тоа е невидливото во зголемениот фотографски и филмски кадар, додека во предметниот проект, „Поглед од прозорец“, тоа е невидливиот прозорец од којшто се нижат наративните сегменти на погледот. Токму овој статичен пункт дејствува како психоаналитичкиот „прошивен бод“ што од еднодимензионалниот поглед профилира разнообразна инсценација на глетката.

Проектот „Поглед од прозорец“ е реализиран во 2012 година во Париз, а е инспириран од истоимената фотографија на еден од пронаоѓачите на фотографијата и на фотографскиот медиум, францускиот фотограф Жозеф Нисефор Ниепс. Станува збор за првата регистрирана фотографија направена како поглед од еден прозорец, со глетка на приградска панорама. Оваа исклучително важна фотографија – хелиографија од 1826 и првиот регистриран поглед на „објективната стварност“ со медиумот во оформување, Јанкулоски ја зема за појдовна точка при неговиот студиски престој во Париз, поставувајќи свој пунктуален агол и поглед на една банална глетка во градот. Париз отсекогаш бил неисцрпна ризница на епохални и монументални визии и глетки преку коишто се кодифицирал модерниот урбан универзум на граѓанското општество и цивилизација. Парискиот „сплин“ бил неизбежната „вавилонска матрица“ во којашто се обликувала современата урбана магма со нејзините многуобразни фактури и конфигурации. Наспроти тоа, Јанкулоски, на трагата на почетоците на модерниот „фотографски поглед“, се фокусира и се ограничува на една ординарно банална и, би рекле, бизарна глетка: погледот на непрофилираната страна на еден објект во градот, со дифузно назначена улична позадина и амбиент што може да се однесува на кое било предградие од кој било европски град, зошто не и Скопје. Но на Јанкулоски не му требаат „светлата на велеградот“, туку малите бизарни глетки и приказни од градот во различните временски, светлосни, атмосферски, а зошто не и субјективни агли, во кои се одвива „случувањето“ во едно „дено-ноќие“, иако фотографиите се направени во повеќе денови. Тој се ограничува на микролошките особености на амбиентот во содејство со субјективното расположение и ги лови бројните мигови во коишто едноличната глетка секогаш различно се нуди, зависно од параметрите на снимањето и од снимените параметри. Денот и ноќта, светлината и темнината, влажноста и сувоста, црно-белото и колорот и уште многу невидливи својства, ја разбиваат монолитноста на баналната истост и ја разигруваат глетката пред немиот „наратор“ во позадината – прозорецот и неговиот поглед. Минималистички третираните аспекти на глетката, во отворена спротивставеност со монументалните визии за урбаниот универзум на некогашната европска метропола, натаму откриваат бројни значенски слоеви во бескрајната игра на нарацијата.

2018-12-17T13:07:53+00:00 мај 31st, 2016|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 107|