Остро филмско око

/, Галерија, Блесок бр. 24/Остро филмско око

Остро филмско око

Анализите покажуваат дека младите во Република Македонија имаат високоразвиена филмска култура. Во однос на нивниот општ потенцијал – образовани, интелигентни, љубопитни, комуникативни – тоа е сосема природно и не претставува никакво изненадување

#3 Се разбира дека никој во светот на културата, а особено во светот на филмското творештво, не би се откажал од можното сознание за профилот на филмскиот гледач. Популацијата млади луѓе секогаш е предмет на опсервација.
Дали се знае кој е младиот филмски гледач во Република Македонија, каков е неговиот вредносен систем во принцип и како тој се одразува во однос на филмската уметност?
Кога би се воспоставиле релации на механички начин, меѓу поширокиот општествен контекст, за положбата на младите во општеството во последните десетина години, нивните верувања, стремежи, желби, потреби и интересирања, може да се заклучи дека кај нив преовладува чувство на немоќ, на осаменост, на недоверба и на неперспективност. Секако дека ќе се најдат аргументи и изјаснувања што ќе ги потврдуваат (делумно или целосно) ваквите согледувања. Но, секогаш ќе има и потврдени, точни, релевантни резултати, кои, пак, ќе понудат поинаква слика од оваа, дури и многу поразлична. Елементите на оваа, верувам, објективна слика ќе бидат: младите во Република Македонија успеваат да ги следат светските трендови во областа на образованието, културата и уметноста, спортот, технологијата, перспективните професии… Ова тврдење го извлекувам од долгогодишни интензивни комуникации со дел од младата генерација во дадениот период (оние што во 1990 година, на пример, имаа по 19 години сега веќе се на 30-годишна возраст).
#5 Кога светот беше на прагот на 21 век, младата македонска популација беше вметната во вителот на поширокиот процес на транзиција на општеството (најмногу видлив преку надминувањето на општествената сопственост и договорната економија и воведувањето приватна сопственост над капиталот и на принципите на пазарно стопанисување, потоа на напуштање на еднопартискиот политички систем и течење на политичката плурализација, на нагласено инсистирање за функционирање на правната држава и за почитување на човековите слободи и права според меѓународни стандарди). Позицијата на младите во ова преструктурирање на општеството може да се дефинира и да се дијагностицира како тотално набљудувачка, без какво било влијание и учество. Бездруго, тоа се однесува исклучиво на младите луѓе без да се смета нивната припадност на одделни семејства или фамилии, каде што конкретните млади објективно припаѓаат на богатиот слој од општеството.
Во тој период, се наметна една дилема искристализирана во прашањето: „дали си за бутик или за индекс?“ Колку и да изгледа прагматично и во историска развојна смисла неприфатливо, поголемиот дел од младите се изјаснуваа за бутик (тука, нели, влегуваа во комбинација и кафе-бар, манекенска фирма, па дури и самостоен трговски дуќан за колонијални производи). Но, тој пристап не траеше долго. Младите ги имаа на ум и ги стекнуваа сознанијата за светските состојби каде што се бараат и се ценат модерни идеи, општоуниверзални вредности, се вреднуваат истражувачкиот дух и напор. Ќе се обидам тоа да го илустрирам со неколку фактографски состојби.
Прво, големата желба и интерес за зголемување на знаењата и за следење па и рамноправно вклучување во светот на модерните професии, се пројавуваат во огромниот притисок за продолжување на образованието од средно (кое би требало да обезбедува основни услови за егзистенција) во високо.
Второ, младата генерација со неизмерна енергија и интересирање ги следи натпреварите во најсилната кошаркарска лига во светот – Националната кошаркарска асоцијација (познатата НБА) и сите содржини и белези на тој спектакл: натчовечка способност, прецизност, упорност, почитување на правилата, највисок можен професионализам. Односно, ги прифаќа и ги присвојува тие вредности.
Трето, со големо љубопитство (кое содржи и систем од знаења) се следат и натпреварите од неколку најквалитетни европски фудбалски лиги: италијанското Калчо, англиската Премиер-лига, германската Бундес-лига, шпанската Примера-дивизија. Од таа комуникација се усвојуваат вредносни пораки: квалитет, борбеност, правила, професионални односи.
Четврто, не е мал бројот на младите што се корисници на убавините (знаењата, изворите, методите, врските) од интернетската мрежа. Тука ги вбројувам и можностите за одржување комуникации преку мобилните телефони, во делот на она што тие го носат како предност, шанса и неопходност.
Има една ситуација што ме инспирира, а која произлегува од актуелната македонска музичка сцена и сакам да ја спомнам како еден сегмент во обидот да ја насликам интелектуалната физиономија на денешниот млад човек од Македонија. Голем дел од пејачките и пејачите на забавна музика се или веќе дипломирани или активни во процесот на студирање на некој факултет. Ги спомнувам неколкумина што ми изгледаат карактеристични: ѕвездата Каролина Гочева студира англиски јазик, не помалку популарниот Тоше Проески е студент на Музичката академија, Никола Угриновски – Угро е веќе дипломиран социолог од областа на масовните комуникации, Кирил Колемишевски од групата Нокаут дипломирал правни науки, Андријана Јаневска е академски граѓанин на Музичката академија…
Накусо, младиот човек во Република Македонија може да се окарактеризира како: образован, интелигентен, љубопитен, во тек со светските движења и трендови во областа на науката, спортот, музиката, модата.
Со оглед на идејата на овој текст, треба без дилеми да се каже дека истите тие млади луѓе се богато информирани за филмското творештво во светот, за најновите и најквалитетните филмски остварувања, за најраскошните со талент и резултати режисери на играни филмски спектакли, со феноменалните и ненадминати артисти и артистки, со оние филмски дејци што се докажале, но и со оние што доаѓаат. Филмската култура на нашите млади е неспорно повисока од поранешните генерации. Тие со филмот се во комуникација низ различни канали: од филмското платно, преку видео-проекциите, телевизиската понуда од, буквално, сите телевизиски центри, преку директни присуства на светски најквалитетни собири: Кан, Венеција, Лос Анџелес…
Дека тврдењето за високата филмска култура на младите од нашата земја е точно, на свој начин покажува и анкетата што ја реализирав во рамките на еден истражувачки проект со наслов „Сто теми за младите“, наменет за утврдување и проектирање на развојните линии на Македонската телевизија за периодот од 2001 до 2005 година. Анкетираните млади се студенти на Студиите по новинарство на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, потоа ученици од експерименталната паралелка за средно образование ПЕКСНАС, што се реализира како проект одобрен од Министерството за образование на Република Македонија и ученици од Државното средно угостителско-туристичко училиште „Лазар Танев“ од Скопје.
Со примена на статистички правила, еве ги резултатите за петте најдобри филмови за кои се изјаснија анкетираните:

„Животот е убав“
„Глупавиот и поглупавиот“
„Титаник“
„Амадеус“
„Пред дождот“.

Заслужува, секако, да се погледа кои се причините и поради кои моменти младите се определија токму за овие филмски остварувања. Логично гледано, тука речиси и да нема никакви изненадувања: и помалку информираните за филмот и за филмската индустрија знаат дека во сите пет случаи станува збор за вонредни филмски остварувања.
Оценките се вакви:

#4 За „Животот е убав“
Таткото Гвидо и малиот Џошуа се во опасност – треба, како Евреи, да завршат во гасна комора. Како да се извлече од таа грозотија саканото дете. „Играта“ е осмислена остроумно и лукаво: ќе добиеме награда – вистински тенк, најпосакуваното нешто за малиот Џошуа.
Детето не бара јадење кога му се јаде, не плаче кога е опасно, не ја бара мајка си – иако таа премногу му треба. Кој да го смири срцето и кој да ги задржи солзите на таа сторија.
Вредноста на идејата изразена во кажувањето „Преку глава ми е од Визиготи. Утре и ние ќе напишеме на нашата книжарница дека е забрането за пајаци и Визиготи“ има тежина на едно „Панта реи“.

#2 За „Глупавиот и поглупавиот”
Сè е некако испревртено. На пример, јунаците се интелектуално ограничени, а претставени како стручњаци.
Каква спротивност, антологиска. Откако откриваат дека имаат многу пари, „глупавиот“ и „поглупавиот“ си даваат ветување: ќе бидеме одговорни, ќе земеме само по неколку долари, а потоа се впуштаат во неразумно расфрлање, немерен раскош…
Цело време е смешно. Колку пати и да се гледа, пак наведува на смеење при што се откриваат моменти што порано не биле сфатени како смешни.
Лесно е да се направи смешен филм со најдобриот светски „смешко“ артистот Џим Кери.
Колку само дарба е потребна да се осмислат толку интелигентни смешни ситуации.

#7 За „Титаник“
Фасцинантно звучи самиот зафат еден голем историски бродолом да се прикаже преку филм, и тоа што е можно поавтенично.
Чувството во салата е како во дадени моменти да се наоѓаш на самиот „Титаник“.
Во светската актерска елита влегоа Кејт Винслет и Леонардо ди Каприо токму со главните улоги во „Титаник“.
Ја памтам „расправата“ од почетокот на филмот со реченицата “Од ништо, што можеш да изгубиш? Ништо!“.
Научив како да се користи бројниот прибор при јадењето. Нели, главниот јунак добива совет: „Од надвор кон внатре“.
Беше нормално „Титаник“ да ги врати вложените пари.
Мислам дека филмот освои најмногу „оскари“ во историјата.

#1 За „Амадеус“
Моцарт („Волфи“) од „чудо од дете“ во музиката стана и доживување преку филмско дело.
Оние што слушаат само „народњаци“ и „забавњаци“ можеа да дознаат колку е убава и класичната музика.
Композиторите добиваат „рецепт“ како настанува големо музичко дело.
Поразителна е пораката дека на „просечните“ им припаѓа светот.
Има салиеровци во животот колку што сакаш.
Го гледав „Амадеус“ и на телевизија, ама на платно е вистинско нешто.

#6 За „Пред дождот“
Интелектуално филмско претскажување.
Музиката, и сама по себе, и како филмска музика, може да се мери со светските остварувања.
Милчо исполни една голема патриотска должност – направи филм преку кој Македонија беше присутна на престижни меѓународни приредби.
Лабина Митевска и Раде Шербеџија – тоа се двајцата најуспешни актери во „Пред дождот“.

Аналитичкото поврзување на изнесените изјави овозможува да се заклучува за елементите на филмската култура на анкетирање. Може да се забележи дека младите ги вреднуваат речиси сите составки на едно филмско дело: тема, сценарио, порака, музика, артистичка игра, режисерско компонирање, конкретни сцени, реплики…
Публика што е интелигентна и образована, која комуницира низ Интернет и најдиректно го чувствува светскиот момент како и што се гледа, погодува и знае „што е што“ во филмското постоење и создавање. На општо задоволство и радост, се надевам.

АвторЖивко Андревски
2018-08-21T17:21:52+00:00 јануари 1st, 2002|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 24|