@Траги, Искра Димитрова

/, Галерија, Блесок бр. 126 - 127/@Траги, Искра Димитрова

@Траги, Искра Димитрова

Текст: Љиљана Неделковска, куратор

„Не можеш да пишуваш песни за дрвјата кога шумите се полни со полицајци“
(Bertolt Brecht)
„Мислам дека дрвото е регенерирачки елемент, што сам по себе е концепт на времето“
(Joseph Beuys )

Во услови на преовладување на вулгарни, реакционерни, антикреативни сили се чини невозможно да се излезе од маѓепсаниот круг на културниот релативизам и институционален волунтаризам. Ваквата состојба во којашто културниот и општествениот простор е „реакционерен, вештачки и парализиран“ според Жил Делез е полоша и од онаа на владеењето на цензурата. „Тоа е далеку полошо од цензура. Цензурата создава фермент под површината, но реакцијата тежнее да направи сè да биде невозможно.“1 „Проектот Скопје 2014“, промовиран, финансиран и реализиран од институциите на власта беше и сè уште е простор во којшто е акумулирана неверојатнo огромна количина на ретроградна и антикреативна енергија. Како место на вулгарна, неавтентична инсценација на митолошкиот сон за милениумската вкоренетост на македонскиот идентитет, овој проект предизвика лавина од критички реакции. Се разбира, критиката и отпорот беа, и сè уште се, само демократски декор на партиската и државната политика (и на онаа политика што го реализираше проектот, и на оваа што вети дека ќе го ревидира).

Во лавината на критики и реакции настрада и едно дело кое нема никакви допирни точки со „Скопје 2014“.. Делото „ Вера, надеж,љубов “ (Три врби) на Искра Димитрова, реализирано во периодот кога се градеше и „Скопје 2014“, беше постојано ставано во контекст на мегаломанските апетити на власта за трошење на пари со цел остварување на своите квази-империјални градежни аспирации. Но, при тоа, никој не најде за потребно да проговори за актуелниот уметнички и еко-естетски ангажман на ова дело. Ова најдобро зборува за длабоката кризата во којашто западна вредносниот културен и општествен систем.

Најновиот проект на Искра Димитрова е остра критика токму на начинот на којшто во полето на културата се артикулираат и дистрибуираат одредени ставови, мислења, вредности. Спротивставени се два начини на перципирање на нејзиното „извикано“ дело: оној на заглушувачката редундантност на медиумски инсталираните рефрени со коишто се инфицира јавното мнение, и оној на празното место на критиката, на вистинската критичка мисла.

Инаку, симптоматично е зошто токму ова дело беше изложено на толку жестоки критики. Дали ако наместо за „живи“ врби се работеше за скулпторски решенија на тема врби, или на некоја друга тема (историска или социјална) нападите ќе беа избалансирани или воопшто и немаше да ги има (како во случајот на некои уметници, инаку активни во полето на современите уметнички практики, а кои наспроти сопствените уметнички „убедувања“, партиципираа во декорирањето на „Скопје 2014“). Претпоставката е дека овие напади беа поттикнати од размислувања слични како оние на Анри Картие-Бресон кога во далечната 1930 година му забележува на Анселм Адамс што фотографира карпи. „Светот се распаѓа на парчиња, а луѓе како [Анселм] Адамс и [Едвард]Вестон фотографираат карпи.“2. Пренесена во нашите услови оваа забелешка би гласела мошне прозаично и крајно банално: „Светот се распаѓа на парчиња, а Искра Димитрова троши народни пари за садење врби.“ Јасно е дека забелешката на Картие-Бресон оди во насока на неговото залагање за социјално и политички ангажирана уметност, додека критиката на „трите врби“ на Димитрова беше дел од еден рефрен што постојано се повторуваше, а се со цел да се укаже на апсурдноста на трошење пари за т.н. проект „Скопје 2014“, игнорирајќи го при тоа самото дело, неговиот современ контекст и еколошка ангажираност.*

Уметничкиот концепт на „Вера, надеж, љубов “ е радикално спротивен на „концептот Скопје 2014“. Всушност, тоа може да се чита и како негова негација и критика: трите врби поставени во коритото на реката Вардар (река екстремно загадена, претворена во градилиште и депонија на градежен шут), се афирмација на животот во неговите преобразби, наспроти политиката на неговото брутално искористување, загадување и уништување.
Надоврзувајќи се на искуствата на ленд артот од 60-те и 70-те години на минатиот век, делото „Вера, надеж, љубов “ на Искра Димитрова, замислено како „споменик на градската вегетација“3, со постапката на третирање на природата, на природните процеси како активни чинители на делото, во себе ја инкорпорира и идејата за нераскинливата врска меѓу културата и природата. Во последниве неколку децении се погласна е критиката на традиционалниот модел на опозиција култура/природа, модел што Бруно Латур го нарeче Голема поделба. Се покажа дека оваа поделба, со којашто на природата ѝ се додели само инструментално значење и вредност, сега ги испорачува своите Големи резултати: глобална климатска промена и еколошка криза чии размери се застрашувачки. Во услови на длабока онтолошка загриженост проектот на Искра Димитрова повикува на редефинирање на нашиот односот како кон природата, така и кон општественото живеење преку повторното инвестирање во три основни духовни вредности: љубовта, верата и надежта. Но, не во нивното теолошко или метафизичко значење, туку во нивната еколошка димензија: како своевидна екологија на љубовта, верата и надежта**, како еколошки духовен багаж што ќе биде неопходен за да можеме, „соочувајќи се со Геја“***, да се прилагодиме на новите животни услови. Како со Tрите врби во матните и загадени води на Вардар, да создадеме одржливи, хибридни екосистеми во светот што неповратно го губиме.


1)Žil Delez, Pregovori: 1972-1990, Loznica: Karpoš, 2010, str.49
2)Цитиранос според Heather Davis & Etienne Turpin, Art & Death: Lives Between the Fifth Assessment & the Sixth Extinction, во: Art in the Anthropocene: Encounters Among Aesthetics, Politics, Environments and Epistemologies, London: OPEN HUMANITIES PRESS, 2015, стр.3
* Но денес е повеќе од јасно дека социјалните, економските, политичките и еколошките проблеми се прашања од ист ранг и дека уметноста ова не може да го игнорира. Или како што тоа Heather Davis & Etienne Turpin го формулираат во предговорот на збирката текстови „Уметноста во Антропоценот“:„Впечатливо е што за помалку од еден век условите на оваа дебата се сè уште неверојатно комплексни: што тоа значи за уметноста ненадејно да се соочи со Антропоценот? Ако уметноста е сега пракса осудена на хомолитичката земја – односно на светот ’што се распаѓа на парчиња’ како буквален седимент на активноста на човекот – како тогаш естетските практики да пристапат кон социјалните и политичките сфери што тешко се менуваат?“ Heather Davis & Etienne Turpin, Art & Death, стр.3
3) види Artist Page, https://iskradimitrova.wordpress.com/
** Во разговор со Искра ми беше укажано на ироничната конотација на називот Вера, љубов, надеж: ако митот за потеклото и корените сè уште поседува неодолива привлечна сила, тогаш очекувањата се дека и идејата за љубовта, верата и надежта, преку нејзината суеверна резонанца, би нашла плодна духовно-ментална почва. Но, ако се размисли подлабоко ќе забележиме дека и екологијата, сфатена како активност поврзана со заштитата на животната средина, не е ништо друго туку своевидна иронија: иронија на прогресот. Таа е постојано во состојба на принуда со еден вид на акробатска вештина да балансира над огромната провалија што постои меѓу знаењето за заедничките вредности и нивната секојдневна примена.
***види: Bruno Latour, Facing Gaia.Six lectures on the political theology of nature, Gifford Lectures. Edinburgh, 2013

АвторЉиљана Неделковска
2019-08-06T14:26:55+00:00 јули 31st, 2019|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 126 - 127|