Опседнатост со сликарската онтологија

/, Галерија, Блесок бр. 41/Опседнатост со сликарската онтологија

Опседнатост со сликарската онтологија

Драган Петковиќ (1952-2004)

#1 Еден од најлојалните приврзаници на апстрактниот дискурс во македонската ликовна уметност е Драган Петковиќ. Со неодамнешната негова трагична смрт Македонија го изгуби најконсеквентниот проследувач на феноменолошките истражувања на сликата.
Драган Петковиќ е роден во Скопје во 1952 година. Можеби, од Академијата за ликвни уметности во Љубљана, на која дипломираше во 1977 година, потекнуваше неговата германска дисциплина на духот и дејствувањето, желбата хаосот да го пресоздаде во ред и систем. Самостојно излагаше прво во Клубот на новинарите (1981) во Скопје, потоа во Младинскиот културен центар (1983), во Галеријата на Студенсткиот културен центар во Белград заедно со Благоја Маневски и Јован Шумковски (1988) и конечно, со една мала монографско-ретроспективна изложба се претстави и во Музејот на современата уметност во Скопје (1988). Во Загреб, Белград и Скопје (1985-1986) Петковиќ беше меѓу шесторицата учесници на изложбата „Од Чудотворностите на ливадата до радоста на живеењето“. Освртите на критичарите од Загреб и Белград кои мошне објективно ја оценија оваа изложба, ја стимулираа еуфоричната димензија на нивната креативна енергија. Драган Петковиќ, заедно со другите учесници на споменатата изложба (Симон Шемов, Анета Светиева, Димитар Манев, Глигор Стефанов, Петре Николоски) беше дел од генерацијата што најексплицитно се отвори кон ликовните простори на другите републики во некогашна Југославија и го проби патот на новиот статус на македонската нова ликовна уметност во бившата Федерација. Новата оценка на овие автори со свежи идеи и нов диксурс делуваше на сите нив нагласено поттикнувачки, но Драган Петковиќ пермаментно живееше со споменот за ова, пошироко од македонскиот стеснет културен ареал, признавање на нивниот особен творечки потенцијал. Петковиќ потоа излагаше на значајни, строго селективни, изложби во Риека, Сараево, Загреб, Скопје, Љубљана, беше застапен на антологиската изложба во МСУ во 1994 година, на изложбата „9½ : Нова македонска уметност“ (1995) и на студиската изложба „Преобразби на македонското сликарство“, исто така во МСУ (2000).
#2 Драган Петковиќ се појавува во ликовните сфери на Македонија кон крајот на седумдесеттите, во клима изморена од доминацијата на една насока, а љубопитна за будење на автентичноста на уметничката мисла низ истражување на сопствените внатрешни простори. Во духовните светови на младата генерација од овој период видливо е изменетето однесување во однос на светската ликовна емпирија. Како припадник на вака ориентираните автори, Петковиќ без хипотеки и предрасуди ја објавува својата предилекција за американските апстрактни експресионисти и минималисти – за митската гестуална кореографија на Џексон Полок, за подготвеноста на Ад Рајнхард да ја повторува бескрајно својата слика Ultimate painting No.19, за Барнет Њумановата редукција на Пит Мондријановиот концепт на две бои или на две релации, за декоративната театралност на Анри Матис и за родоначалничката смелост на Родченко да ги наслика во 1920 година сликите Pure Red, Pure Blue, Pure Yellow…
#3 Ако го користиме дијалектичкиот клуч на Томас Кун (Thomas Kuhn, Comparative Studies in Society and History 1, 1969, pp. 403-412), ликовната генеза на Петковиќ ги содржи следните етапи: нормална ситуација, аномалија, криза и парадигма. Веднаш треба да се нагласи дека во кризата не се содржани негативни конотации, бидејќи таа е нуклеус на некоја идеја во раѓање. Интерпретирана преку оваа методолошка шема, творечката мисла на Петковиќ влегува во нормалната ситуација на македонската ликовна уметност во 1977/78 кодина како аномалија, не толку во морфолошка, колку во философска смисла. Маслата Комплементарни игри 1, Комплементарни игри 2, Игри на симултаноста (сите од 1977); Жолто (1978), Структура на жолтото, Структура на црвеното, Структура на портокаловото (1978-80), со монохромноста или со комплементарноста, овие дела немаат одгласи во нашата средина, иако последнава е веќе приспособена на апстрактната дикција. Меѓутоа, ниту еден критичар не ја констатира апсолутната испразнетост на овие платна од познатите референци, повикувања, асоцијации и алузии на стварноста. Апстрактниот говор во Македонија дотогаш не се беше отуѓил од идејата на релациите: нефигуративниот исказ на Петар Мазев беше враснат во ткивото на историската патина, енформелските слики на Ристо Калчевски трагаа по микро и макро структурите на природата, Александар Ристески ја бараше смислата во географскиот супстрат, Ордан Петлевски и Александар Јанкулоски ја истражуваа биолошката карта на постоењето, Иван Велков го интересираа вселенските езотерични светови, а Родољуб Анастасов длабеше во слоевите на повредената психа.

2018-08-21T17:21:34+00:00 март 1st, 2005|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 41|