ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?

/, Галерија, Блесок бр. 119/ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?

ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?

ОПАсни врски: Што, кога, каде, како, кому и колку чини?


Во овој случај, со гестот на ОПА се коментира самата дилема околу двете позиции, преку прецизно поставениот избор. За дилемата да биде уште поделикатна и посериозна, таа смислено е наменета за некој којшто директно е вклучен во дебатата и особено во последната деценија рефлектира и потсетува за проблемите и предизвиците, но и сè поизразено го истакнува местото на одговорноста во уметноста, важноста на нејзината политичка димензија.[18]

Назад кон проблематичниот простор на дефинициите за уметноста

И, барем за мене, што би била денес уметноста, ако не токму тој нестабилен/дестабилизирачки елемент на слободно-флуктуирачката визуелна (или мултимедијална) култура, таа аномалија, тој скршен чекан во хајдегеровска смисла, кој не само пошироката публика, туку и чуварите на дисциплинарното знаење, оние штребери, неинвентивни бирократски папагали речиси секогаш ги остава збунети. И така, повторно и повторно, со секој гест кој непретенциозно излегува од некоја категоризација, класификација или едноставно припаѓа на некоја традиција која е надвор од актуелните трендови и очекуваното, ОПА и сега ја потврдува оваа важна димензија.
Без неопходниот, нормален и очекуван процес на „сумирање на искуствата“[19], при што една дисциплина како историјата на уметноста, наспроти проширеното поле на визуелната култура, би можела да ја демонстрира својата отвореност за предизвици и промени, не можеме да очекуваме да се надмине чувството на конфузност, или по линија на помал отпор, рамнодушност/индиферентност околу уметноста, нејзината функција и значење. Без тоа пак, уште помалку би биле во можност да се ориентираме, камоли за поширокиот општествен контекст или пак, како во случајов, за прашања поврзани со макроекономијата или глобалниот финансиски систем.
А за ОПА, како автори кои флагрантно ги кршат сите очекувања со вешти слалом движења, до тој степен што за нив тоа досега речиси без исклучок претставувало врвен приоритет, останува да се пишува многу, надолго и нашироко.

* * *

На крај, наместо заклучок, пригодно би сакал да завршам со Марсел Дишан, како што почнав. Се сеќавам дека поодамна во некоја од неговите биографии прочитав за една извонредна случка која е одличен пример за пријателството и креативноста, чија поента ќе се обидам да ја пренесам, со мала нелагодност дека можеби нема најпрецизно да ја прераскажам.

По завршувањето на големата војна, кога во април 1946 година Андре Бретон одлучил заедно со својата сопруга Елиза да се врати во Париз, неговиот близок пријател Марсел Дишан се понудил да им помогне во пакувањето. Откако ги издвоиле и ги подготвиле работите што треба да се спакуваат, Бретон и сопругата излегле да завршат некоја работа, а Марсел според договорот требал да почне да ги полни и врзува кутиите.

Додека пријателите биле отсутни, Марсел почнал да врзува, но се заиграл и се занел испробувајќи најразлични видови јазли од десетиците кои му биле познати. Кога се вратиле, виделе дека тој уште се занимава со истата кутија. Пред да успеат да го прашаат, тој рекол: „Погледни Андре, успеав да смислам нов вид јазол – ти го посветувам тебе“.[20]

Скопје, 21 мај – 10 јуни 2018 година


18. Сето ова наспроти аветските испразнети рефлексии за уметноста како потрага по претпоставената совршена форма, неоптеретена од содржини кои надвор од професионалните кругови се сè уште доминатни, но и бројни примери на контрапродуктивна „ангажираност“.
19. In the Ocean, dir. Frank Scheffer (Allegri film & NPS, 2000).
20. Овој текст им го посветувам на Дана, Денис и Јехона.

АвторВладимир Јанчевски
ПреводВладимир Јанчевски
2018-09-25T09:27:28+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 119|