Од: Експресионизмот во македонското сликарство…

/, Галерија, Блесок бр. 113/Од: Експресионизмот во македонското сликарство…

Од: Експресионизмот во македонското сликарство…

Од: Експресионизмот во македонското сликарство (во контекст на експресионизмот како перманентна уметничка појава)


(Кродо, Скопје, 2007, стр. 91-93)

Владимир Геогиевски се вклучува во уметноста во 1968. година кога ја завршува ликовната академија во Белград, каде ги завршил и постдипломските студии. Георгиевски е редок вид на уметник. Тој е човек што станал жива библиотека на вредни и квалификувани зборови, звуци, слики, градби за „интегралната болка… на човекот под ѕвездите“ (Клетников, каталог 1995) Архаично, литерарно сликарство? Да! и тоа од најрасниот вид на големите мајстори по сите ликовни елементи и по однос на визиите кои се можни само кај мајстор што им отворил рицарска тркалезна маса на религијата, филозофијата, литературата, музиката и сликарството. Георгиевски постојано се движи кон онаа сонувана апсолутна слика. Токму така, Георгиевски ги вклучи сите оратори од тркалезната маса во неговото сликарство и никој никому не пречи. Расчленете ја неговата слика, на пример: Влегувањето во Ерусалим (1994/95), Оплакување (1993), Дон Кихот во Македонија (1992), Тој (1993), Демон (1994) Ругањето на Христос 1988, Реквием (1987), Свадба (1987), Златна есен (1983), Манастирска ноќ (1988), и ќе ја разберете староста, архаичноста и актуелноста на интегралната болка, и ќе ја видите и апсолутната слика која се отворила за сликарските епохи, вклучително и за нашава. Обемот што. треба да се опфати со окото и умот, безусловно и со срцето и крвта, бара многу затоа што нуди многу. Шокира секако, и секако не може да се смести во ниту еден стил, што е прашање не на јавноста, туку на струката. Тоа бега од класификацијата по стилските фиоки, и не збунува. Едно лично искуство, при една внимателна и би рекол темелна посета на неговото ателје од страна на еден искусен комесар на Аукциската куќа Друо од Париз, господин Клод Робер, по опстојното разгледување на неговите слики, кои претходно добро ги запозна преку бројни репродукции, се изјасни дека „ова е тешка уметност за поголем дел од луѓето, но во едно сум сигурен дека овие слики еден ден, некогаш, можеби и ние не ќе доживееме, но ќе завршат во големите музеи.“ Затоа што Георгиевски е и расен сликар и мислител и посветен духовник, и затоа сосема му е својствена мислата на Гоја: „фантазијата без разумот создава чудовишта; во релација со разумот раѓа вистинска уметност, и прави чудо.“

Има една добра можност да се проверат овие слики во контекст на апсолутната слика и во контекст на интегралната болка под ѕвездите. Читањето на Ниче кој ја најави празнината на Бога и Небото, читањето на агоничните и трагичните чувствувања на христијанството и животот на Унамуно, читањето на Достоевски – особено битно за Георгиевски, читањето на разговорите со ангелите на Сведенборг, на Данте, или слушањето на музиката на Бетовен, Бах, Моцарт, патувањето со премостувачите на човековите цивилизации на Шпенглер, Хамваш, со Микеланџело, ренесансата и византиското сликарство, Ван Гог, Гоја, Ел Греко, сето ова живеење со зборовите, звуците, сликите на овие мајстори додека ги гледате сликите на Георгиевски, функционира и се надополнува.

Експресионизмот во сликите функционира по сите слоеви: боите, цртежот, ритамот, драматичноста во ликовната и мисловната композиција. Сосема точно е прочитана композициската збиеност во горниот дел на сликите на Георгиевски каде перспективата на небото отсуствува, од страна на поетот и ликовен критичар Ефтим Клетников, кој долго и проникливо го следи и толкува неговото сликарство: „Тоа е филозофијата на промислување на егзистецијалната судбина на човекот на нововековната цивилизација, кој го напуштил Бог, а притоа не нашол адекватна замена и утеха за таквата трагична загуба. Без Бог пак, и хоризонтот на надежта е спуштен толку ниско што низ неговиот процеп може да се наѕре само пеколот и неговата врата на плачот“ (Ефтим Клетников, каталог 1995). Хоризонтот е спуштен барем две илјади години, и Христос кај Георгиевски е веројатно и толку стар. Ако не е толку стар, тогаш мора да е вечен старец, а ако Христос е и слика на состојбата на човештвото, како што станал слика за неговата иднина во миговите кога тоа го ругало и распнало, тогаш тоа може да биде една маестрална метафора за дамнешно настапената истоштеност на човеш- твото од која тоа никако да се разбуди. Ако Христос умрел заради гревовите на човештвото, тогаш е разбирлива окапаноста на Христос од двеилјадагодишните гревови на светот. Потребна е робустност, хипертрофираност на стапалата, мускулите, рацете и очите за да се изоди, издржи и изгледа тој пат. И така се насликани од Георгиевски.

2018-12-13T11:20:22+00:00 јуни 12th, 2017|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 113|